Македонската берза за електрична енергија вчера, по првиот ден од почетокот на својата работа, оствари безбедно тргување и без никаков проблем. Вчера беа истргувани околу 500 мегават-часа електрична енергија, по 20 мегават-часа во просек по поединечно тргување, додека просечната цена што е постигната на крајот од тргувањето е 7.125 денари.
– Имавме успешен ден на тргување. Денот на тргувањето покажа дека системите на кои се тргува, кои се истите оние системи што се користат и во земјите од Западна Европа профункционираа, тргувањето беше успешно за сите учесници на пазарот што истргуваа електрична енергија. Сите си го најдоа својот интерес, оние што продаваа да продадат, оние што купуваа да купат електрична енергија. Покажавме дека имаме капацитет за спроведување реформи што се рамо до рамо со реформите што се водат во Европа, рече управителот на Националниот оператор на пазарот за електрична енергија (МЕМО), Симон Шутиноски.
Според него, секогаш постои можност прво да се продава домашната електрична енергија, бидејќи таа е подобра понуда, затоа што оние што ја продаваат таа енергија немаат дополнителни трошоци за прекугранични капацитети за да ја донесат таа енергија. Но тука се појавуваат и компании што се познати во Европа, кои тргуваат на сите берзи на електрична енергија. Вчера тргувале 20 компании, а склучени договори со МЕМО за користење на платформата имаат 22.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи почетокот на работата на берзата го оцени како историски за македонската енергетика и економија.
– Македонија добива конкурентен пазар што на транспарентен, недискриминирачки и ефикасен начин ќе тргува со електрична енергија, а со активното купување и продавање на електричната енергија на пазарот ден однапред, нашата земја конечно ќе добие референтна цена на електрична енергија на пазарот на големо – рече Битиќи. М.Ј.