Од нашите економски експерти, за најдобар развоен модел често се споменуваше примерот на Ирска, која од 20 век била една од најсиромашните и економски најнеразвиени земји во Европа. Со релативно скромни природни ресурси и популација од околу четири милиони жители, со користењето внатрешни и надворешни фактори се претвора во модел за развој во современата економија
Економска експанзија преку силен и конкурентен извозен сектор: Искуството на Ирска за побрз економски развој
Од осамостојувањето, Македонија се обидува да го пронајде сопствениот модел за остварување побрз економски развој. Политиките што беа применувани од изминатите влади се состоеја од брзоплета приватизација на „неконкурентните“ социјалистички претпријатија, со поттикнување на трудоинтензивните дејности и запоставување на индустрискиот сектор и форсирањето на привлекувањето на странските директни инвестиции, исклучиво преку евтината работна сила. Резултатите од ваквата развојна политика не ги дадоа очекуваните резултати за брз развој на македонското стопанство, кое остварува(ше) ниски стапки на економски раст и на БДП, што се сведува на просечни два-три отсто. Во градењето на националната стратегија за развој повеќе се споменуваа теоретски економски еквилибристики, без да се применат конкретни политики и практични мерки, за да се поттикне нешто што дава просперитет врз малите и отворени економии, како што е нашата, а да се намалат негативните влијанија. Многу малку се користеа искуствата на другите земји, кои претходно успешно го поминаа патот од мали и сиромашни земји, кои со сопствена и автентична развојна политика им се приближија на високоразвиените земји.
Најдобриот развоен модел е пред нас, разработен, практикуван, ефектуиран
Од нашите економски експерти, за најдобар развоен модел често се споменуваше примерот на Ирска, која од 20 век била една од најсиромашните и економски најнеразвиени земји во Европа. Со релативно скромни природни ресурси и популација од околу четири милиони жители, со користењето внатрешни и надворешни фактори се претвора во модел за развој во современата економија. Денеска, Ирска, според висината на БДП по жител надмина некои развиени европски земји. Оваа островска земја направи висок развој, а нејзината приказна во економските дебати се споредува со примерот за „келтскиот тигар“. Накратко нејзиниот успех е последица на либерализацијата и отворањето на домашниот пазар, успешното привлекување странски инвестиции од меѓународни мултинационални компании, посебно од областа на високата технологија, со постоењето флексибилно работно законодавство и висококвалификувана работна сила базирана на квалитетен образовен систем Дополнително, членството во Европската Унија ѝ овозможи на Ирска успешна реализација на извозно ориентираната развојна стратегија и користење на средствата од европските развојни фондови.
Ирско „економско чудо“
Искуството на Ирска беше анализирано и од Хрватска по зачленувањето во Европската Унија, но малку од тоа беше применето во реформирањето на хрватската економија. Последиците од тоа се видливи и Ирска претставува најважна дестинација за иселување на хрватските граѓани. Развојот на ирската економија доаѓа до израз во деведесеттите години од минатиот век, кога имала раст од 2,6 отсто наспроти скромни 0,8 отсто од Европската Унија. Во периодот од 1994 до 2000 година остварува раст од 8,9 отсто во споредба со просекот од 2,5 отсто за ЕУ. Ваквиот раст овозможи невработеноста во Ирска да се намали од 15,7 отсто во 1993 година на 4,3 отсто во 2000 година. Ирска оствари и позитивен исчекор во водењето на јавните финансии и намалувањето на инфлацијата, но и во промената на негативните миграциски текови на населението.
Секако, ова ирско „економско чудо“ не се случило за една година и не било без последици за мнозинството население. По Втората светска војна, Ирска се соочува со сериозни економски проблеми во платниот биланс, заостанување на производството и намалување на вработеноста. Следуваат години на масовна емиграција на работоспособното население и стагнација на стопанските активности. Креаторите на економските политики ја согледуваат штетноста од протекционизмот и преземаат чекори за длабоки реформи. До 1958 година се постигнува консензус дека единствено меѓународно конкурентен извозен сектор може да биде силен импулс за економската експанзија на земјата. Владата ја донесува Програмата за економски развој, која се потпира на привлекување странски капитал со даночни олеснувања и намалување на царинската заштита на домашната економија. Оттогаш се применува економската либерализација, преку давање даночни олеснувања за извозниот сектор, привлекување надворешни инвеститори, претежно во производствениот сектор, и постојано унапредување на конкурентноста на постојната индустрија преку субвенционирање, рационализација и реструктурирање, со намалување на фискалната пресија врз индустриските компании.
Oбрз раст од азиските тигри
Со ова Ирска прави пресврт во економската развојна политика, а позитивните резултати создаваат основа за натамошен развој и трансформација на домашната економија во современа, пазарна и глобално конкурентна економија. Од 1957 до 1963 година индустриското производство во земјата е зголемено за 47 отсто, а земјоделското производство за само еден отсто. Од 1960 година следува тринаесетгодишен брз и непрекинат економски раст во историјата, од просечно 4,4 отсто на годишно ниво.
Во седумдесеттите години ирската економија се соочува со релативно висока инфлација, невработеност, променливи трендови на раст и фискални кризи. Но Ирска во 1973 година станува полноправна членка на ЕУ, што влијаеше позитивно на нивото и динамиката на нејзиниот економски раст. Стабилниот раст се случува последната деценија од 20 век кога Ирска забележува повисоки стапки на раст од т.н. азиски тигри, Хонгконг, Јужна Кореја, Малезија, Сингапур и Тајван. За период од пет години, земјата успеа да отвори нови 513.000 работни места, што е зголемување од 47 отсто во однос на 1996 година. Во 2008 година со координираната политика со Европската централна банка Ирска успеа да се одбрани од „ударите“ на меѓународната финансиска криза, така што Ирската централна банка гарантираше за сите депозити во ирските банки.
Членството во Европската Унија ѝ овозможи на Ирска успешна реализација на извозно ориентираната развојна стратегија и пристап до европските фондови. Велика Британија останува важен трговски партнер со учество од 21 отсто од вкупниот извоз на Ирска и 24 во увозот, додека 14 отсто од извозот и 16 отсто од увозот се со САД. Сите нејзини трговски партнери поминувале низ период на рецесија, но ирскиот извоз се насочуваше во производи и извоз во најбрзорастечките економски сектори, чија потрошувачка постојано растеше, како што се ИТ-секторот, производството на информатичка опрема, финансиите и хемиската индустрија.
На овој начин се поттикна конкурентноста на ирската економија на меѓународниот пазар и се надомести недостигот од домашниот инвестициски потенцијал. Првата развојна програма беше Програма за економска експанзија во 1958 година, со главни основи за либерализирана трговија, воведување посредни и непосредни субвенции за домашниот приватен сектор, воведување нулта стапка на данок на добивката од извозот. Клучна улога одигра формирањето посебно владино тело ИДА, кое работеше на привлекување странски инвестиции. Приливот на странските инвестиции беше во два барана, првиот во шеесеттите години и беше стимулиран со евтина работна сила, државни субвенции и даночни олеснувања. Во деведесеттите години главниот мотив за инвестирање во Ирска беше скапата и високообразована работна сила и пристап до интегрираниот пазар на ЕУ. Главни инвеститори беа компаниите од секторот на електрониката, информатиката, фармацијата и финансиите. М.Ј.
Образованието и науката – монолитен темел за економски развој
и национален и државен просперитет!
Ирската влада ја виде важноста на нивото на образованието на населението и создаде претпоставки на сите заинтересирани лица да им овозможи пристап до секундарното образование. Со формирање на Националниот институт за високо образование и регионални технички факултети се создаде база на високо образование од областа на природните и биомедицинските, техничките и економските науки. Ирска станува водечка земја според дипломирани во областа на науката и технологијата.
Главнината на странските директни инвестиции доаѓаат од САД, а американските компании први почнаа да ја користат Ирска како влез на заедничкиот европски пазар. Американските компании во одредени години вработуваа 64 отсто од работната сила. Но главна мамка што Ирска им ја понуди на странските инвеститори беше привлечниот режим на корпоративен данок.
Фискалното поттикнување на СДИ во исто време беше следено и со економичноста на расходната буџетска страна. Ирската влада ги намали значително јавните расходи. Јавниот долг, кој го надминуваше годишниот буџет, беше намален. Исто така и моделот на социјалното партнерство беше главен фактор на високиот економски раст. Тој се состои во одржување консензус за социјалните и економските цели меѓу работничките синдикати, работодавачите и државните институции и независните експерти. Социјалниот договор се состоеше во намалување на јавниот долг и стабилизирање на буџетскиот дефицит, намалување на стапката на инфлација и каматните стапки, реформа во даночната сфера, со намалување на данокот на доход, стабилизирање на растот на платите, кој на годишно ниво нема да надминува од 2,5 отсто. Даночниот систем што го стимулира задржувањето на најголемиот дел на корпоративниот профит во Ирска, требаше да влијае стимулативно на реинвестирање на добивката во ирското стопанство.
Одредени слабости на ирскиот развоен модел првенствено се поврзани со претераното потпирање на странските директни инвестиции, а на недоволната потпора на домашното претприемаштво и нерешените социјални прашања и во преголемата јавна потрошувачка и во неможноста на водење монетарна политика. Ова дојде до израз во текот на првата фаза на прелевање на глобалната финансиска криза од САД.