Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во завршниот исказ на редовната мисија според член IV од договорот за членство, искажува поддршка за успешната политика на Народната банка во изминатиот период и справувањето со предизвиците во економското окружување.
Во најновата процена, како што соопштија од Народна банка, ММФ ја нагласува важноста на оперативната и функционалната самостојност на Народната банка, истакнувајќи дека нејзината независност и кредибилитет се од особена важност за одржувањето на ценовната стабилност и стабилноста на денарот. Фондот заклучува дека солидниот раст на девизните резерви во 2024 година ја зајакна стабилноста на девизниот пазар, додека макро и микропрудентните мерки преземени од Народната банка придонесоа за натамошно јакнење на отпорноста на финансискиот систем.
Во актуелниот економски контекст, ММФ нагласува дека е важно Народната банка, како и досега, да продолжи со внимателното следење на движењата на инфлацијата и финансиските текови и да ги формулира политиките соодветно на тоа, заради одржување на макроекономската стабилност. ММФ потенцира на внимателност во однос на инфлациските ризици и нивното евентуално остварување, вклучително и на оние што произлегуваат од домашните фактори коишто влијаат на побарувачката, што може да наметне потреба од натамошни мерки.
– ММФ заклучува дека финансискиот систем и натаму е стабилен и отпорен, при што банкарскиот сектор е добро капитализиран, ликвиден и профитабилен. Народната банка ќе продолжи со примената на макропрудентните мерки, заради одржување на стабилноста на финансискиот систем и заштита од потенцијалните ризици. ММФ ја поддржува оваа стратегија и ја нагласува нејзината важност во обезбедувањето долгорочна финансиска сигурност – се додава во соопштението и се подвлекува дека како и досега, Народната банка е цврсто посветена на одржувањето на макроекономската и финансиската стабилност на земјата.