Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Прво никогаш не можете да бидете задоволен од висината на приходите, односно од висината на платата и секогаш како Влада треба да работиме повеќе за да обезбедиме дополнителни средства или да обезбедиме таква средина за бизнисот да се развива, за да работниците добијат повисока плата, истакна денеска претседателот на Владата Христијан Мицкоски на новинарско прашање за коментар  за најновите податоци за просечната плата, што ги објави Државниот завод за статистика.

Тој додаде дека оние тези на СДСМ дека платата не растела, дека долгот се зголемувал, потоа дека ги задолжиле неродените генерации со седум милјарди итн., полека но сигурно „меурот од сапуница“ се распрснува.

-Имено, вчера Државниот завод за статистика објави  податок дека и бруто и нето платата во јули е повеќе за 10,5 проценти поголема од јули 2024 година, којашто впрочем беше и првиот месец од оваа Влада. Така што тезата на СДСМ дека платите не само што не растеле, туку и се намалувале не држи вода. Исто така СДСМ има уште една теза повторна лажна, а тоа е дека сме ги задолжиле неродените генерации. Министерството за финансии излезе со јасен дијаграмски приказ, колкав е процентот на државниот и јавниот долг од Бруто домашниот производ(БДП) и многу лесно можете да забележите дека на крајот од вториот квартал заклучно со месец јуни 2025 за првпат после многу долго време и државниот и јавниот долг се намалени – едниот за 4 отсто, другиот за 2,7 отсто – изјави Мицкоски.

Тој заклучи дека со овие податоци уште една теза на СДСМ дека како Влада  ги задолжиле неродените генерации паѓа во вода.

-Мојата препорака до нив би била да бидат конструктивна опозиција, да научат од грешките во минатото, да не ги повторуваат и набргу од денеска да бидат фактор којшто ќе им служи на граѓаните, пред се – вели Мицкоски.

Прашан за стапката на сиромаштија, дека секој петти Македонец е сиромашен, а секое трето дете е сиромашно, премиерот Мицкоски со одговор дека овие податоци се од 2023 година, и какошто вели „токму тоа беше причината зошто како Влада многу внимателно да се движиме макроекономски“.

-Јас не знам кои се тие експерти, коишто вака ве брифираат. Но, јас би сакал да ве дебрифирам, ако тогаш буџетскиот дефицит беше над 5 отсто, оваа година буџетскиот дефицит ќе биде под 4 отсто. Што значи макроекономското консолидирање продолжува. Платите продолжуваат да растат, инфлацијата полека се стабилизира. Очекувам да продолжи трендот на намалување на инфлацијата и стабилизирање во под 4 отсто. Бруто домашниот производ четири квартали по ред расте 3, 3,2 и 3,4 проценти. Најголемиот генератор на сиромаштија и токму затоа овој лакински фактор е таков – се пензионерите, односно оние пензионери, кои во времето на транзицијата, за жал, тука спаѓаат и нашите родители, останале без работа поради приватизацијата таква-каква што беше и тие како некои не можеа да уживаат во своите пензионерски денови, бидејќи некој тогаш во процесот на приватизација не им ги плаќал придонесите и пензиско и здравствено – подвлече Мицкоски.

Премиерот Мицкоски вели дека  тоа била причината и мотивот зошто како Влада се одлучиле на линеарно зголемување на пензиите, а коишто заклучно сега со оваа пролет ќе изнесуваат 7.000 денари по пензионер.

-Дали е доволно? Не е, но дали е повеќе, е. И дали сето ова како слика ќе влијае, кога ќе се објавуваат овие лакински параметри за 2025 година, јас сум сигурен дека ќе влијае позитивно – рече Мицкоски во изјавата при посетата на Општина Ѓорче Петров.