Македонија ја чека најтешката зима по Втората светска војна, истакна вчера премиерот Димитар Ковачевски.
– Ние во моментов правиме сѐ за да обезбедиме непречено снабдување со електрична енергија и за да ги обезбедиме сите суровини за производство на електрична енергија. Тоа го прават и сите држави од соседството, што значи дека едно такво масовно купување суровини за производство на електрична енергија сигурно ќе влијае на раст на цените – посочи Ковачевски.
Според него, каква ќе биде зимата ќе зависи многу и од развојот на настаните во Украина.
– Ако продолжат воените дејства, тогаш веројатно негативните ефекти од таа војна ќе бидат уште посилни и за Европа и за нашиот регион во целост. Ова ќе биде најтешка зима за нашата генерација, меѓутоа и за генерациите постари од нас – дополни Ковачевски.
Тој повтори дека со ребалансот се обезбедуваат средства што треба да бидат бафер за дополнителни мерки за заштита на најранливите категории граѓани.
– Веќе информира ЕСМ дека е во финализација кредитот од Европската банка, во износ од 100 милиони евра, по многу поволни услови, со каматна стапка до еден процент, преку кој ќе се обезбеди непречено функционирање на ЕСМ. Кога зборуваме за финансискиот резултат на ЕСМ, тогаш јас во еден јавен настап кажав дека доколку не се донесеше одлука на Владата за да се субвенционира цената на електричната енергија што ја плаќаат граѓаните, а ние во моментов субвенционираме 80 проценти од цената на електрична енергија што ја плаќаат граѓаните и малите потрошувачи, тогаш ЕСМ немаше да има загуба и веројатно доколку продаваше по пазарни цени, кои се огромни, ќе предизвикаше ценовен шок за граѓаните и веројатно и немаше да можат да ги покријат, тогаш ЕСМ годината ќе ја завршеше со 200 милиони профит – истакна Ковачевски.