Новиот сопственик на „Твитер“ и до неодамна најбогатиот човек на светот, во изминатите два месеца вложува време, енергија и финансии во најпознатата социјална мрежа. Но, се чини дека Маск најпосле „остана без гориво“, пишува „Блумберг“.
Тој синоќа објави планови за наоѓање на некој друг што ќе ја води компанијата, врз основа на резултатите од неговата анкета на Твитер, во која речиси 58 отсто од гласачите побараа од него да ја напушти директорската функција.
За време на 12-те часа во кои анкетата беше отворена за изјаснување, Маск твиташе беспоштедно, со што оддаде впечаток на истрошен човек што е скептичен за функционирањето на компанијата за која плати 44 милијарди долари, наведува американскиот медиумски сервис.
– Не станува збор за наоѓање на извршен директор на „Твитер“, туку за наоѓање на извршен директор што може да го одржи „Твитер“ во живот – истакна истражувачот на полето на вештачката интелигенција Лекс Фридман, кој и самиот се понуди за преземање на функцијата.
Маск преку компанискиот аудио-сервис зборуваше за проблемите на Твитер, истакнувајќи дека компанијата се соочува со загуба од околу три милијарди долари следната година поради плановите за трошење, како и отплатата на каматите, поради што тој ги поминал изминатите неколку недели во кратење на трошоците.
Маск постојано се огласува на Твитер, влегувајќи во судири со медиумите и со „ЕПЛ“, го врати профилот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа, врз основа на резултатите на анкета, ги сподели и приватните пораки и мејлови со вработените во „Твитер“, а неодамна зборуваше и за можноста за негов атентат.
Раководењето со „Твитер“ е стресна работа што вклучува носење на одлуки критични за актуелниот глобален политички дискурс и одлучување за визијата на компанијата во следниот миг. А под водство на Маск, динамиката е дополнително забрзана со секојдневниот хаос. Во краткиот период во кој управува со компанијата, сите одлуки на Маск отворија жестока дебата, што честопати доведе и до негово поништување на одлуките. А многумина сметаат дека Маск пристапил на работата без јасен план. Тоа е евидентно кога ќе се согледа неговиот пристап кон бизнисот на „Твитер“ што беше профитабилен на почетокот од годинава, а сепак, дојде во ситуација да губи четири милиони долари дневно на почетокот на ноември, според тврдењата на Маск – заклучува „Блумберг“ додавајќи дека и самиот Маск признал оти компанијата можеби е на пат кон банкрот.
Се смета оти милијардерот можеби нема доволно време за да управува со компанија со толку многу проблеми каква што е „Твитер“. А истовремено страда и неговата компанија за електрични автомобили „Тесла“ чии акции забележаа пад од преку 60 отсто годинава, според податоците на „Блумберг“.
Наоѓањето на вистински лидер е клучно, но и Маск истакна дека „работата не ја сака никој што би можел да го одржи Твитер во живот и оти нема наследник“. Тој нагласи дека ќе се повлече од функцијата веднаш штом најде некој доволно наивен да ја прифати работата.