Нова стратегија за развој на винарството во Македонија, за да нѐ однесе на агендата на водечките вински земји во светот
Со новата стратегија ќе се продолжи со политиките за промоција на Македонија како винска земја, а идниот раст ќе се темели на развојот на малите и средните винарници. Во последните години, винскиот сектор доживува револуционерен развој, за што говори и бројот од 230 винарници, за разлика од пред неколку години кога имавме 30-40
Новата стратегија за развој на винарството, која ќе биде донесена до крајот на годината, ќе биде насочена кон подобрување на местото на Македонија на листата на најголеми производители на вино во светот. Според последното рангирање на меѓународната организација на вина во Париз, нашата земја е на 22-то место во производството на вино во светот, додека според вредноста на извозот на вино се искачи на 13-то место. Во 2022 година, Македонија остварила извоз на вино во вредност 58,9 милиони долари или има годишен раст од 4,6 отсто. Како мала земја во винарскиот свет успешно се носи со поголемите земји извознички од нашето поблиско регионално опкружување, како што се Молдавија, Грузија и Унгарија. Дали ова покажува дека сите мерки и политики што се преземени во областа на лозарството и винарството ги даваа посакуваните резултати?
Ставот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство
– Винарството е наша најголема национална гордост. Во 2022 година остваривме девизен прилив од 60 милиони долари. Нашите анализи од годините наназад покажуваат дека успеавме да ги одржуваме површините на лозовите насади и на производството на грозје и на вино. Минатата година имаме поголем девизен прилив за десет милиони долари во однос на 2021 година. Ова се должи на зголемениот квалитет на македонското вино и на зголемениот извоз на вино во шишиња, како и на промоција на нови брендови што ги освојуваат пазарите во светот. Со новата стратегија на десет години, ќе продолжиме со подобрување на квалитетот на винското грозје. Во последните седум години од 2016 до 2022 година за лозарите и винарите и целокупниот сектор се исплатени 90 милиони евра по различни основи и мерки, за една година сме вратиле во буџетската каса две третини што сме го вложиле во винскиот сектор – изјави вчера министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Со новата стратегија ќе се продолжи со политиките за промоција на Македонија како винска земја, а идниот раст ќе се темели на развојот на малите и средните винарници. Во последните години, поради досегашните политики, винскиот сектор доживува револуционерен развој, за што говори и бројот од 230 винарници, за разлика од пред неколку години кога имавме 30-40. Оваа 2023 година, како што соопшти министерот за земјоделство ќе се донесе нова десетгодишна стратегија за поголем развој, која ќе содржи мерливи инструменти и цели.
До крајот на годината ќе биде донесен и новиот закон за вино, кој е целосно усогласен со европската регулатива, а ќе има цел максимално да се искористи потенцијалот што Македонија го има во производството на вино.
Од Министерството за земјоделство ги повикуваат домашните винарници да аплицираат со свои проекти за добивање на средствата од ИПАРД 3, вреден над 30 милиони евра, кој, како што рече, е со најголем буџет досега.
Впечатоци на индивидуалните производители и на здружението „Вина од Македонија“
Земјава оваа година, заклучно со 30 јуни, извезла вкупно 462.725 хектолитри вино, и наливно и амбалажирано вино, во вредност од 39.119 милиони евра. Во 2022 г., извозот на вино е зголемен за 20 отсто во земјите од регионот.
– Овој тренд го следи извозот и во 2023 година, каде што имаме зголемување на продажбите во регионот, односно пазарите на Србија, Хрватска Босна и Херцеговина и во Словенија. Зголемувањето на овие пазари се должи на намалените продажби на наливно вино, кое традиционални се извезува во Германија. Ова значи дека во изминатиот период македонското вино се нуди како производ со додадена вредност, односно со зголемени цени. Дополнително стимулирање на извозот би било во градење на препознатливоста на македонското вино на други пазари, каде што во регионот тоа веќе го ужива. Ова подразбира зголемени промотивни активности со цел да се креира поголема побарувачка за амбалажирано вино. Важно е да се каже дека Македонија во оваа трка е со земји како Молдавија и Грузија, кои исто така брзаат да ја воспостават сопствената препознатливост меѓу потрошувачите. Стимулацијата и промоцијата на извозот на виното треба да бидат развојна стратегија, која ќе треба да се работи во континуитет – вели Никола Љуботенски, директор за бизнис-развој во винарската визба „Имако вино“, во изјава за медиумите.
Здружението „Вина од Македонија“ во својата развојна стратегија имаше поставено за цел најмалку 50 отсто од вкупното количество извезено вино да биде во шише, а вредноста да забележи пораст од најмалку 45 проценти. Како пазари што беа цел во изминатиот период, а остануваат и за во иднина, се Европа (Англија, Германија, Бенелукс, Данска, Русија), САД со Канада и Азија (Кина и Јапонија).
Остварувањата на поставените цели го темелат на обезбедување поддршка за секторот, вклучувајќи развој на лозарството и винарството, за извозот преку заеднички маркетинг и промоција, градење на брендот и имиџот на македонските вина на регионалните и меѓународните пазари. Винарниците од оваа здружение го најдоа својот заеднички интерес и прифатија дека предизвикот не е промоција на поединечните винарници, туку промоција на Македонија како винска земја, а тоа може да се направи само здружено.
Идниот развој на винарството е во остварувањето на визијата Македонија да стане препознатлива на глобалната винска мапа и водечка винска земја во Југоисточна Европа. Тоа може да се оствари преку зајакнување на позициите на пазарите, градење препознатлив бренд со географска индикација и успешна трансформација кон органско производство, што всушност се основите за успех на македонската винска индустрија. Ова се современите трендови во глобалната винска индустрија, кои мора да се применат за да се задржи конкурентноста.
Во досегашните јавни настапи од претставници на здружението „Вина на Македонија“ беше посочувано на значењето на одржливото производство на грозје и вино, воведувањето стандарди, како и растечките трендови на производство и потрошувачка на органското вино, како едни од најважните фактори за поголема конкурентност на странските пазари и додаде дека заедничкиот настап на пазарите наметнува и заеднички стандарди и квалитет на сите производи од земјата. М.Ј.