Македонските винарници претставуваат своевиден амбасадор на Македонија во светот, бидејќи со презентација на македонското вино комплетно ги претставуваме земјата, почвaта, историјата, културата и традицијата на нашата земја
Како земја на виното, Македонија има богата винска историја и традиција. Приказната за македонското вино е приказна со безброј ликови, вкусови и тајни на рецептите, кои традиционално и со векови се пренесуваат од генерација на генерација.
Во Македонија во последните години интензивно се развива и винскиот туризам, со винарници што низ оригиналната атмосфера враќаат кон минатото и традицијата на уживање во винската приказна. Винскиот туризам е нераскинлив дел од целата винска приказна и Македонија како винска земја има огромни можности за промоција на своите вински убавини и презентација на прекрасни вина, кои за туристите претставуваат нешто ново, егзотично и впечатливо.
Елена Милошевска Јовановска, комерцијална директорка за интернационални пазари на винарницата „Стоби“, вели дека македонската винска индустрија како силно извозно зависна постојано мора да биде насочена кон отворање нови перспективи, кои мора да бидат насочени кон подобрување на квалитетот на виното, експериментирање со локалните сорти, следење на светските трендови, со цел задржување на позициите на постојните пазари и отворање нови пазари.
– За да се сменат некои работи, потребни се трпение и упорност, но и инвестирање во човечките ресурси и воведување модерна технологија за производство на вино и нови практики за одгледување на лозовите насади. Ние како винарница имаме предност во однос на другите големи вински капацитети во Македонија, бидејќи „Стоби“ претставуваше комплетно нова инвестиција во винскиот сектор во Македонија пред 13 години при што беше имплементирана најновата технологија за производство на вино. Дополнително наша компаративна предност е што во наша комплетна сопственост се и лозовите насади, кои се строго контролирани од нашата винарница. Тоа ни дава од една страна слобода за експериментирање и воведување нови иновативни практики, но и одговорност и цел да се насочиме кон извлекување на најдобриот квалитет од грозјето за добивање вино што ќе ги задоволи нашите потрошувачи во светот – објаснува Милошевска Јовановска.
Таа вели дека од секоја берба максимално се трудат да го извлечат најдоброто грозје за секоја од линиите производи во портфолиото, со цел да понудат најдобар сооднос на квалитетот и цената за виното.
– Секоја нова посета на извозните пазари и посета на вински саем ни отвора нови перспективи и можности за соработка. Имено, благородноста на винската индустрија е во потребата за претставување на сопствената земја во најдобро можно светло. Секој од нас претставува своевиден амбасадор на Македонија во светот, бидејќи со презентација на македонското вино ние комплетно ги претставуваме земјата, почвата, историјата, културата и традицијата на нашата земја – посочува Милошевска Јовановска.
Според неа, Македонија како винска земја сѐ уште го бара своето место на препознатливост на светската винска мапа.
– Не би рекла дека во овој момент можеме да се декларираме како ценет вински регион бидејќи пред нас следуваат уште многу работа и напори, кои е потребно како индустрија да ги направиме заедно, со цел да достигнеме препознатливост. Гледајќи наназад во историјата, ние сме земја со голема традиција на производство на вино и слободно можеме да се декларираме како еден од најстарите региони каде што виното се произведувало, но имаме големи периоди на стагнација, големи варијации на подеми и падови низ историјата и позитивната страна на нашата приказна е дека како земја и територија сме успеале да ја задржиме традицијата на одгледување винова лоза – појаснува Милошевска Јовановска.
Гледајќи од поновата историја, додава таа, сѐ уште како индустрија го влечеме товарот на масовно производство на вино и негова продажба како наливно, наметнато во времето на социјализмот, каде што главна стимулација била што поголем принос на грозјето, со цел производство на големи количества вино.
– Наливното вино што и ден-денес зафаќа близу 60 отсто од вкупниот извоз на вино од зeмјава е со повисок квалитет и стандарди од пред 40 години, ние како индустрија заеднички работиме, особено во последните 20 години, на постепена трансформација на наливното вино во форма на вино во шише. Ова е долг и макотрпен процес, но гледано низ податоците за извоз, како и гледано од страна на квалитет можеме слободно да кажеме дека сме на добар пат. Големите инвестиции на винарниците, како во старите капацитети така и во новите, кои се појавија на пазарот, придонесоа кон насочување кон квалитет и градење бренд од македонското вино. Пред нас е голем предизвик во делот на комплетирање на нашата приказна, која ќе ја постигнеме со воведување заштитени географски ознаки за вино во нашите вински региони – укажува Милошевска Јовановска.
Директорката додава дека македонското вино се извезува во 37 земји низ светот. Генерално на ниво на индустрија најголеми извозни пазари се земјите од регионот каде што сме препознатливи и добро позиционирани.
– Радува фактот што денес македонското вино остварува одлични продажби и на пазарите како Русија, Кина и Америка и на дел од пребирливите пазари во ЕУ. Пазарот на ЕУ преставува клучна дестинација за извоз на амбалажирано вино, сочинувајќи 53 отсто од вкупниот обем на извоз и 38 отсто од вкупната вредност во 2020 година, следени од балканските земји, кои придонесуваат со 44 отсто од вкупната вредност. Во делот на наливното вино, извозот е повторно доминантен во европските земји, пред сѐ во Германија – нагласува директорката од „Стоби“.
Таа вели дека „Стоби“ годишно остварува продажба од 4,5 милиони шишиња, од кои само 24 отсто се пласираат на домашниот пазар, а дури 76 отсто се наменети за извоз на 18 пазари од регионот и од светот.
– Наши најголеми извозни пазари се Кина, САД и Русија, но значителна продажба остваруваме и во одредени европски држави како Холандија, Данска, Малта и, се разбира, земјите од регионот. Додека, пак, најбарани вина на сите извозни пазари се, секако, традиционалните сорти на вино што се одгледуваат во нашата земја. Светот е презаситен од каберне, мерло, шардоне, совињон бланк и други интернационални сорти, кои се произведуваат во сите вински земји во светот. Потрошувачите секогаш бараат во понудата автентични вина што се уникатни, па така наши најбарани вина се сите вина во нашето портфолио, кои се произведени од сортите вранец, кратошија, темјаника, смедеревка – додава Милошевска Јовановска.
Според неа, во делот на винскиот туризам се направени индивидуални напори од страна на винарниците, но недостига национален и заеднички пристап кон развој на концептот и брендирање и промовирање на земјата како винска туристичка дестинација.
– Во овој дел сме на самите зачетоци, но како што расте индустријата силно верувам дека ќе расте и овој дел, со цел комплетирање на нашата винска приказна. Сѐ е поврзано во оваа индустрија, од сонцето, почвата, климата, луѓето, грозјето, виното, туризмот. Доколку еден елемент не е успешен, целата кула може да се сруши. За таа цел, првенствено е потребно многу енергија да насочиме за да сфатиме дека еден без друг не можеме да се развиваме и доколку заеднички не работиме кон развој на целата индустрија и винска приказна, вклучувајќи го и винскиот туризам, нема да успееме во нашата цел, а таа е Македонија да стане препознатлива винска земја – истакнува Милошевска Јовановска.
Таа вели дека позитивен е трендот во последните две години на отворање на малите фамилијарни винарници, кои се исто така едни од клучните чинители во насоките на развој винскиот туризам на една земја и ќе дадат позитивни ефекти во развојот на оваа туристичка гранка и збогатување на понудата.
– Дополнително голем потенцијал постои и во климатските услови, кои овозможуваат лесно преориентирање кон производство на органско грозје и следствено на органско вино, за што сѐ поголем број потрошувачи и вински туристи имаат интерес. И на крајот, поставеноста на нашата земја централно на Балканот ни овозможува да го искористиме и потенцијалот за развој на регионален вински туризам – потенцира комерцијалната директорка во „Стоби“.
Оттаму додаваат дека виното и храната во секоја земја претставуваат најголеми амбасадори и секој турист што ќе ја посети нашата земја мора да посети ресторан, кафеана, гостилница каде што секогаш има интерес да проба традиционални рецепти и вино од земјата што ја посетува.
– Винскиот туризам не мора да биде носител на туристичката понуда во Македонија, туку треба да биде нераскинлив дел од секој друг вид туризам на нашата земја – смета Милошевска Јовановска.