Фото: Игор Бансколиев

Упатените велат дека македонските компании се принудени да бараат нови доставувачи за суровини и други нови пазари за своите производи. Во моментов, за нас е најважно какви негативни последици од војната ќе претрпат нашите најголеми трговски партнери од Европа, а најмногу Германија. Поради големата поврзаност со овие земји, секое намалување на производството, но и на потрошувачката во овие земји ќе се одрази значително на нашиот увоз и извоз од овие земји, велат нашите соговорници

ПОРАДИ ВОЕНИТЕ ДЕЈСТВА ВО УКРАИНА

Руско-украинската војна дополнително ги затегна глобалните синџири на доставување. Наедно, и македонските компании ќе бидат соочени да бараат нови доставувачи за суровини и други нови пазари за своите производи, бидејќи состојбата е далеку од извесна и воопшто не е познато дали војната ќе се прошири или ќе биде завршена со дијалог.
Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, оружениот конфликт во Украина секако дека ќе прекине голем број синџири на снабдување. Иако Македонија нема голема трговска размена со овие земји, сепак некои компании ќе бидат соочени да бараат нови доставувачи за суровини, а други нови пазари за своите производи.
– Според листата на производи што ги увезуваме и извезуваме во овие земји, најмногу ќе бидат погодени компаниите од ТИРЗ-зоните што произведуваат одредени компоненти за автомобилската индустрија и извозот на земјоделски производи, но секако дека ќе се појави проблем со увозот на пченица, гас и некои други производи што ги увезуваме од овие држави. Многу е тешко за краток период да најдете замена за вашиот доставувач со кого сте работеле со години, а уште потешко да најдете нови пазари за пласман на вашите производи – смета Димитров.
Како што вели тој, за нас е најважно какви негативни последици од војната ќе претрпат нашите најголеми трговски партнери од Европа, а најмногу Германија.
– Поради големата поврзаност со овие земји, секое намалување на производството, но и на потрошувачката во овие земји ќе се одрази значително на нашиот увоз и извоз од овие земји. Ова би довело до намалување на нашето производство и извоз, а со самото тоа и помал девизен прилив во земјата. Друг проблем е поголемиот притисок на инфлацијата – укажува Димитров.
Тој додава дека зголемените цени на енергентите и храната ќе бидат значаен фактор на идната инфлација, а голем проблем е што тешкотиите што ги донесе војната во Украина се надоврзаа на проблемите предизвикани од пандемијата на ковид-19 и веќе присутната инфлација во земјата.

– Сметам дека Македонија има ограничени можности за привлекување странски инвестиции и успесите во минатото главно се резултат на големите субвенции што се дадени од буџетот на постојните компании во ТИРЗ-зоните. Најпрвин Македонија е многу мала држава, со мал пазар, второ имаме многу големи проблеми во образовниот систем за да обезбедиме доволен број обучени и образовани кадри, особено од техничките науки, и трето падот на бројот на вработени во индустријата, намалувањето на природниот прираст на населението, стареењето на населението и сѐ поголемите износи од буџетот наменети за т.н. социјални трансфери не оставаат можности за поголема буџетска интервенција за привлекување нови странски инвестиции – посочува Димитров.
Затоа, како што вели тој, ќе биде потребно нашите напори да ги насочиме кон реформи во образованието и стимулирање мали производствени компании со повисока додадена вредност и со развој на услугите.
Од Стопанската комора на Северозападна Македонија споменуваат дека ние како земја не сме директно погодени поради ниското ниво на трговска размена помеѓу Русија и Украина, но тоа не значи дека ефектите од оваа криза ќе бидат мали.
– Тоа што е загрижувачки е фактот што многу земји од Европската Унија се зависни од рускиот гас, што значи дека индустријата генерално во Европа ќе има тешкотии поради дополнителните зголемувања на енергентите што се очекува да бидат присутни на европскиот пазар. Ова секако дека ќе влијае негативно врз нашата економија, бидејќи ние сме увозно ориентирани, а извозот еден значителен процент е како резултат на странските инвестиции во нашата земја. Германија како наш најголем трговски партнер, над 40 отсто од природниот гас увезува од Русија, што значи дека импликациите ќе бидат големи, бидејќи тие се најголемата европска економија, и доколку таму поскапуваат продуктите и услугите, тоа ќе има домино-ефект и кај сите земји во Европа и пошироко – потенцираат од СКСЗМ.
Што се однесува до инвестициите, оттаму велат дека поради кризата и неизвесноста и нашите компании ќе прават двојна калкулација пред да инвестираат.

– Секако дека за компаниите присутни во Украина, ние како земја што сме полноправна членка на НАТО сме поатрактивни и посигурно место за инвестирање, но треба да знаеме дека во регионот има и други земји што се во НАТО, па дури и членки на ЕУ. Кога сме кај странските инвестиции, знаеме дека во претходните две години ние сме забележале пад на инвестициите за повеќе од 35 отсто. Кризата во овој аспект нѐ погоди повеќе, но не е само поради кризата – додаваат од Комората.
Според нив, затоа треба да се работи во насока на функционирање на правната држава, која во долгорочен рок ќе ги елиминира сите овие бариери што не ни дозволуваат пораст во аспект на инвестиции, бидејќи во регионот секогаш имало земји што имаат подобри услови за инвестирање.
Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, потврдува дека ако кризата потрае, ќе има преселба на дел од инвестициите.

– Македонските компании и економија треба да бараат нови пазари и алтернативни извори на неопходни суровини и производи. Состојбата е далеку од извесна и воопшто не е познато дали војната ќе се прошири или ќе биде завршена со дијалог. Сепак, македонските компании мора да продолжат со својата економска динамика и верувам дека некои од компаниите веќе истражуваат алтернативни извори на суровини и пазари – нагласува Бошков.
Што се однесува до нашиот паметен пристап кон целокупната состојба, Бошков смета дека не сме направиле „акција“ што на суптилен начин би ги привлекла инвеститорите, производителите, конзорциумите да ги префрлат бизнисите кај нас.
– Можеби Владата треба итно да разговара и да размисли дали и колку украински бегалци/мигранти би можеле да дојдат кај нас, со тоа би имале и влијание врз одредена економска динамика, а со тоа би испратиле порака дека сме безбедна земја, отворена за сите луѓе, како и за сите бизниси. Единствено, дискутабилна е нашата подготвеност за ваков чекор – истакнува Бошков.


Нема прекин во снабдувањето со нафтени деривати

Во однос на синџирите на доставување гориво и нафта, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, истакна дека во нашата земја нема никаква криза со горива, со бензин, дизел и со други горива, затоа што ние имаме непречено снабдување со нафтени деривати, кое доминантно се одвива преку Грција.
– Во однос на она што се случуваше завчера, сакам да упатам апел до граѓаните да не подлегнуваат на никакви шпекулации, да не подлегнуваат на паника, со оглед на тоа што во државата има доволно количество нафта и нафтени деривати. Упатувам апел до трговците со нафтени деривати да не ги ограничуваат количествата што ги продаваат на бензинските пумпи. Некои од нив тоа го имаат направено за да ги зачуваат своите количества што ги имаат набавено од шпекулативни причини. Тоа е класично воено профитерство – нагласи премиерот Ковачевски.
Тој потенцира дека Пазарната инспекција и Управата за јавни приходи се излезени на терен за да ја увидат фактичката состојба и да ги заштитат интересите на граѓаните.
– Државата има задоволително количество прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви. Граѓаните не треба да се грижат, нафтени деривати во државата има, трговците редовно набавуваат гориво во согласност со побарувачката – истакнува Ковачевски.
Од Регулаторната комисија за енергетика соопштија дека нафтени деривати има, а трговците редовно набавуваат гориво во согласност со побарувачката. Но некои од малите трговци не се однесуваат фер и ја ограничуваат понудата, со што оставаат впечаток дека нема гориво.
– На тој начин си прават резерва, која би ја продавале по нови цени, што, на некој начин, во услови на криза е воено профитерство – посочуваат од РКЕ.