Од Здружението на инженери истакнаа дека ќе поведат иницијатива да се донесе закон со кој ќе почне да се гради „Чебрен“ со македонски сили. Да се донесе закон за изградба на „Чебрен“, „Галиште“, „Скочивир“, т.е. да се реши интегрално програмата со сливовите на реките каде што Црна Река е дел од Вардарска Долина. Да се направи закон што не може да се менува без разлика која влада и да дојде. Однапред да се дефинираат средства, кои не се големи
Што по неуспешниот четиринаесетти тендер за „Чебрен“?
Идејата и проектирањето за големиот хидроенергетски проект „Чебрен“ започнуваат со првите студии за оправданост во 60-тите години од минатиот век. Досега имало 13 тендери во последните 20 години, кои пропаднале, се објави и 14-от тендер, но и тој е неуспешен. Судбината на изградбата на хидроцентралата „Чебрен“ останува под прашалник. Одлуката на Владата грчка компанија да го гради „Чебрен“ на Црна Река беше контроверзна и стана многу актуелна во последниве месеци, стручната фела строго се противеше на одлука за изградба на хидроцентралата. Но сега откако пропадна последниот тендер, прашањето е како да се изгради „Чебрен“, бидејќи е од суштинско значење за електроенергетскиот систем.
Иницијатива да се донесе закон со кој ќе почне да се гради „Чебрен“ со
македонски сили
Од Здружението на инженери истакнаа дека ќе поведат иницијатива да се донесе закон со кој ќе почне да се гради „Чебрен“ со македонски сили.
Професорот Константин Димитров, кој е дел од ова здружението, посочи дека имаме капацитет сами да го изградиме „Чебрен“ и дека ова е проект што треба да го обедини општеството.
– Да се донесе закон за изградба на „Чебрен“, „Галиште“, „Скочивир“, т.е. да се реши интегрално програмата со сливовите на реките каде што Црна Река е дел од Вардарска Долина. Да се направи закон што не може да се менува без разлика која влада и да дојде. Однапред да се дефинираат средства, кои не се големи – појасни Димитров.
Здружението на инженери во изминатиот период реагираше до надлежните институции во врска со тендерот за изградба на „Чебрен“. Оттаму изразија сомневање дека има суштински, правни, економски и стручно-научни недостатоци во постапката при подготовка и реализација на тендерот за доделување концесија за користење вода за производство на струја со изградба на хидроцентралите на Црна Река.
Како што соопшти министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, заклучно со 31 декември не пристигна продолжувањето на банкарската гаранција од страна на избраниот понудувач на тендерот за изградба на „Чебрен“ и со самото тоа веќе не е активна понудата на ППЦ- „Архиродон“.
Има ли Македонија капацитет самостојно да го изгради „Чебрен“?
За тоа дали државата има капацитет самостојно да го изгради „Чебрен“, економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ излезе во јавноста со став дека тоа е можно.
– Со оглед дека за проектот вреден една милијарда евра е планирано изградбата да трае седум години, пресметки говорат дека се потреби околу 150 милиони евра годишно од државниот буџет, кои можат „многу комотно да се обезбедат“ – вели Јовановиќ.
Како пример тој го посочи тоа што во буџетот за 2023 година до крајот на ноември од предвидените 800 милиони евра биле реализирани околу 500 што значи дека преостанатите остануваат неискористени.
Според Александар Манчевски, дипломиран машински инженер, одлуката на Владата за грчка компанија да го добие стратегискиот проект „Чебрен“ била поразителна и штетна за целокупната енергетска независност на Македонија.
– Ваквата одлука на Владата би значела дека електричната енергија што ќе биде произведена во Македонија од домашниот хидропотенцијал повторно ќе треба да се купува на берза по комерцијална цена. Претходните тендери пропаѓаат од едноставна причина што проектот со тогашната цена на електричната енергија бил неисплатлив за приватните инвеститори или периодот на враќање на инвестицијата бил предолг. Но денес условите се сменети. Растечкиот тренд на потреба од електрична енергија, воено-политичките конфликти во светот и зголемената свест за заштита на животната средина ја зголемуваат цената на овој ресурс, особено ако е добиен од обновлив извор. Јавно-приватно партнерство во тоа време имало смисла, но од денешна перспектива е поразителен концепт. Јавно-приватно партнерство се прави за да се открие „златен рудник“, но не и за да се експлоатира веќе откриен – нагласува Манчевски.
Како што вели тој, местото каде што е предвидена изградбата на браната за „Чебрен“ претставува најтесен дел на речното корито на Црна Река со погодни топографски, геолошки и геотехнички карактеристики што овозможуваат едноставна изградба на брана и формирање акумулација.
– Со изградбата на оваа акумулација, освен потенцијалот за производство и акумулирање електрична енергија ќе се стабилизира хидрологијата во регионот, ќе се направи заштита од поплави и ќе се обезбеди вода за наводнување на Пелагонија. Покрај тоа, изградбата на вештачко езеро на таа локација ќе овозможи заживување на Мариовскиот Регион преку изградба на патна и санитарна инфраструктура, недопрената природа има огромен потенцијал за туризам, лов и риболов – додава Манчевски.
Тој смета дека Македонија треба сама да го изгради“Чебрен“, а придобивките од овој зафат на среден и долг рок допираат до многу сектори на државата, почнувајќи од градежништвото преку образованието, земјоделството, градинарството, туризмот, ловот и риболовот итн. К.М.
Бесими: Барем засега нема нов тендер за „Чебрен“
Нов тендер за изградба на ХЕЦ „Чебрен“, барем засега, пред избори, нема да има, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
– За овој проект е дискутирано на Владата. Тој е дел од стратегијата за енергетика и постапено е од страна на Владата во согласност со тие стратегиски документи. Кога повторно ќе се распише, ќе се оцени во однос на следните чекори, а веројатно сега пред избори, оваа година, не е толку реалистички да се ветува дека ќе стигнеме да објавиме оглас. Дури и тие поголеми инвеститори, веројатно, во период на избори ќе чекаат следна фаза за да се пријават – рече министерот Бесими.
Зборувајќи за тоа дали да се гради „Чебрен“ со наши пари или преку доделување концесија на странски инвеститор, министерот рече дека за двете ситуации има аргументи и за и против.
– Во нашите закони е јасно што е национален интерес. Битно е да се реализира тој проект – рече Бесими, додавајќи дека пред 20 години и денес енергетиката е различна од геостратегиски интерес, а за 20 години ќе биде уште поразлична имајќи ги предвид технолошките промени.