Фото: Маја Јаневска - Илиева

Најавениот владин предлог за замрзнување на цените на прехранбените производи, а наедно и воведување забрана да се продаваат производи на акција и промоција (што значи со намалени цени во одреден период), предизвикува недоумица и реакции кај засегнатите. Главната забелешка се однесува на забраната за продажба на производи што се на промотивна и акциска понуда, при што се бара од Владата точно да прецизира на кој начин ќе биде спроведена и за кои производи ќе се однесува. Во спротивно тоа само би ги довело потрошувачите во понеповолна положба, затоа што ќе биде оневозможено трговецот веќе постоен производ со замрзната цена да го стави на дополнителна акција

Ново замрзнување на цените на прехранбените производи, а наедно и воведување забрана да се продаваат производи на акција и промоција (што значи со намалени цени во одреден период) во маркетите од следната недела ќе предложи Министерството за економија до Владата. Замрзнувањето на цените би било со најмалку 10 отсто намалување на цените на сите прехранбени производи, со цел овие мерки да го заштитат стандардот на граѓаните, најави министерот за економија Крешник Бектеши.
– Сите анализи покажуваат дека нема основа за зголемување на цените на основните прехранбени производи, и од страна на трговците и од страна на производителите. Во светот се намалуваат цените на основните прехранбени производи, додека кај нас постојано има зголемување на цените. Има голема разлика и во однос на увозните цени и цените на суровини кога се прави споредба со она што било претходната година. Сите завршни сметки, особено на големите синџири на супермаркети, покажуваат дека тие немаат намалување на приходите, туку напротив имаат зголемување на приходите претходната година – година што беше најтешка во делот на цените – истакна Бектеши.
Поради ова, Министерството за економија до Владата достави предлог за забрана за нудење акциска и промотивна продажба на производи од страна на сите синџири на трговци до 30 ноември.
Бизнис-заедницата, Владата и Организацијата на потрошувачи се со спротивставени ставови во однос на овие мерки. Прашањето е кој добива, а кој губи со овие мерки, дали овие мерки се пазарни или, пак, популистички, дали имаме краткорочни добивки или долгорочни штети со овие одлуки.

– Најавената мерка за забрана на продажба на производи во маркетите, кои се на акција и промоција т.е. кои се со намалени цени, ќе биде поволна за потрошувачите само доколку таа биде добро осмислена, со прецизирање на кој начин ќе биде спроведена и за кои производи ќе се однесува. Во спротивно тоа само би ги довело потрошувачите во понеповолна положба, ускратувајќи им го правото на избор на разновидни производи по пристапна и пониска цена – укажува Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Бидејќи, како што појаснува таа, доколку трговецот веќе постоен производ со замрзната цена го стави на дополнителна акција и ја намали на неколку дена цената, секако тоа ќе биде во полза на потрошувачите, а не на нивна штета.
– Тука ќе ја споменеме и промотивната продажба (промоцијата), која е предвидена за ставање во промет на нови стоки или услуги. Доколку таа биде забранета, во тој случај се ограничуваат трговците на потрошувачите да им понудат и презентираат одреден нов производ на пазарот по некоја поволна и пониска промотивна цена – појаснува Лончар Велкова.
Во однос на замрзнувањето на цените, таа додава дека, како Организација на потрошувачи, јавно повикувале да се донесе токму оваа мерка за замрзнувањето на цените на основните прехранбени продукти, поради енормното зголемување на цените од страна на трговците.

– Правата на потрошувачите при замрзнување на цените не се загрозени, напротив, сметаме дека на некој начин има поголема сигурност за потрошувачите, од аспект на оневозможување нагло зголемување на цените, дури и на дневно ниво, кое се случуваше во изминатиов период. Владата, која најави донесување ваква одлука, е онаа што преку институциите, преку своите надлежни инспекторати, врши контрола над спроведување на мерката, како и при злоупотреба на истата таа од страна на производителите и трговците – вели Лончар Велкова.
Со оглед на досегашното искуство, таа напоменува дека по укинувањето на мерките трговците веднаш потоа ги зголемуваат цените (што се случи по укинувањето на ограничувањето на маржата), па затоа смета дека е потребно мерките да бидат утврдени на подолг рок, но не пократко од три месеци.
Според Здравко Савески, простор за намалување на цените на прехранбените производи има, а упорната фиксација за остварување што повисок профит од страна на трговците ја наметнува потребата од прибегнување кон замрзнување на цените.
– Сето она што може да се случи и при ова замрзнување на цените е реприза на претходното замрзнување на цените. Односно, создавање вештачки недостиг на пазарот на прехранбени производи. Во ред се засилените контроли на Пазарниот инспекторат, но тие сами по себе не се доволни. Ако се пристапи кон замрзнување на цените на некои производи под нивната пазарна цена, тогаш треба да се понудат и субвенции во висина на разликата меѓу замрзнатата и пазарната цена. Исклучително е важно и да се понуди одговор на очекуваната пропагандна офанзива. Без тоа, и замрзнувањето на цените ќе има краток здив и власта дополнително ќе ја зголеми својата непопуларност и обичниот народ ќе продолжи да осиромашува – смета Савески.
Извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, вели дека замрзнувањето на цените не е пазарна мерка, а ако Владата сака да интервенира за да го заштити населението, треба да ги активира стоковните резерви, кои секогаш во ваква ситуација се покажуваат како подобар механизам.

– Подобро е да се субвенционира делот од населението на кое тоа навистина му е потребно, но и да се помогне со директно намалување на царините, со помош при увозот на репроматеријали, со субвенционирање на електричната енергија, со механизми што го прават домашното производство поконкурентно. Ние се залагаме токму за тој принцип – да не одиме со замрзнување на цените, туку со субвенционирање на она население на кое тоа навистина му треба. Замрзнувањето на цените непотребно ги става компаниите чии производи се замрзнати во неповолна економска позиција, а производите се продаваат и на оние групи население на кое таа разлика во цена не им значи ништо – истакнува Пешев.
Тој напоменува дека по завршувањето на мерката замрзнување на цените повторно ќе има поскапувања и повторно трговците ќе ги зголемат цените, додавајќи дека во меѓувреме, пак, компаниите чии производи биле опфатени со замрзнувањето на цените, изгубиле многу пари.