„Отворен Балкан“ денеска покажува што значи интеграција, олеснет пристап, практична примена на политика на отворени врати и на добрососедство. Денеска тука ги поврзуваме нашите економии, отвораме нови пазари и пласмани, обезбедуваме простор за размена на нови идеи, технологии и пристапи за работа, изјави премиерот Димитар Ковачевски, на отворањето на Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Ковачевски, на отворањето на саемот заедно со премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ, порача дека тука се вкрстуваат винските патишта на Балканот, со тоа што на едно место се пресретнуваат производителите, откупувачите и дестилариите од регионот.
– Македонското вино е со светски познат квалитет. Северна Македонија според последните рангирања е втор најголем извозник на вино во регионот, а 29 најголем извозник на вино во светот. Трета година по ред извозот на вино од нашата држава е во пораст, и во количини и по вредност – изјави Ковачевски.
Македонските винарии минатата година бележат зголемување од 19 проценти на извозот во споредба со 2020 година, а нивниот број е зголемен на 139, со просечно годишни производство од околу 100 милиони литри.
Овој саем, нагласи Ковачевски, е можност да воспоставиме и нова динамика во регионалните односи и да обезбедиме економски просперитет за нашите граѓани и компании.
– За првпат на еден меѓународен саем за храна, вино и туризам, со поддршка на својата држава од Северна Македонија присуствуваат претставници на 43 винарии и три дестилерии кои ќе се претставата со повеќе од 300 различни вина и ракии, а ќе присуствуваат и над десет производители на храна – изјави Ковачевски.
Вакво саем и толкав број на излагачи, нагласи Ковачевски е можен само ако го правиме заедно и денеска сите тие имаат рамноправна шанса да ги претстават своите производи пред стотици илјади присутни и да остварат пласмани, пазари и контакти со присутните компании.
– За сите присутни компании ова значи отворање на нови шанси за деловни контакти на меѓународно ниво, отворени можности за нови пласмани и приливи на нови средства преку развој и проширување на производството и нови инвестиции – изјави Ковачевски.
Македонските производители на храна, вино и туристичките капацитети, посочи Ковачевски на присутните посетители на Саемот, под мотото „Вкуси го животот“ им порачуваат да вкусат македонско вино, македонска храна и македонска авантура.
Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“, се одржува во рамките на самитот „Отворен Балкан“ во следните четири дена во Белград, под покровителство на Србија, Македонија и Албанија.
На Саемот учествуваат повеќе од 330 изложувачи од 22 земји, а Северна Македонија ќе ја претстави својата традиција, обичаи, карактеристичната кујна, музика и фолклор, како и обележјата и вредностите на сите други заедници кои живеат во земјата.
Под слоганот „Вкуси го животот”, нашата земја ќе се претстави пред сѐ со 42 винарии и три дестилерии кои пред посетителите ќе презентираат повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии.
Во рамки на саемот „Винска визија на Отворен Балкан”, ќе има дегустација на вина, а воедно ќе се одржи натпреварот „Трофеј на виното на Отворен Балкан“ 2022 година. Саемот е одлична можност за поврзување на винските патишта на Балканот и пред високите гости и посетители како и отворање на нови можности за соработка, за обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани, што позитивно ќе се рефлектира на развојот на домашната економија. На Саемот ќе се претстават и повеќе од десет производители на храна од земјава кои ќе се презентираат автентичните вкусови на македонската кујна.
Македонската туристичка понуда на Саемот за вино, храна и туризам во Белград, ќе биде претставена преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Фокусот е ставен на македонскиот ено-гастро туризам (туризам базиран на вино и храна), националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналинскиот туризам.
Како дел од промотивните активности на македонските производи, вината, храната и националните богатства интересни за туристите, претседателот на Владата Димитар Ковачевски ќе биде домаќин на „Македонската вечер”, каде ќе присуствуваат претставници на бизнис заедниците и владите од Србија, Албанија и Македонија.
Во рамки на активностите во Белград ќе се одржи и традиционалниот лидерски политички самит на Отворен Балкан предводен од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Албанија, Еди Рама.