Фото: Влада

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва заедно со своите колеги од Владата, во вилата „Билјана“ во Охрид ги пречека лидерите од регионот, кои утре, ќе учествуваат на официјалниот дел од самитот на „Отворен Балкан“.

Пред почетокот на работната вечера Ковачевски им посака добредојде на српскиот претседател Александар Вучиќ, на премиерите на Албанија, Еди Рама, на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и на претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, нагласувајќи дека со особена чест ги пречекува на Самитот, посветен на иднината на иницијативата „Отворен Балкан“.

– Ја нагласувам иднината, затоа што докажавме дека „Отворен Балкан“ го става зад себе минатото. Наместо ѕидови како некогаш, „Отворен Балкан“ гради мостови. Отвора нови перспективи за нашите држави, за нашите народи, за нашите економии и за нашите општества – истакна Ковачевски во поздравниот говор пред почетокот на работната вечера со колегите од регионот.

Фото: Влада

Ковачевски, како што пренесува владината прес-служба, посочи дека иницијативата „Отворен Балкан“ ги брише границите меѓу народите на земјите од регионот и преку заедничката соработка и поврзаност ја остварува заедничката визија за споделување на европските вредности.

– Со „Отворен Балкан“ се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи да ги почувствуваат директните економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Со претседателот Вучиќ и со премиерот Рама се согласивме дека европеизацијата и имплементацијата на европските вредности во Северна Македонија, Србија и Албанија нема зошто да чекаат. И овој пат порачуваме дека поканата за придружување кон иницијативата „Отворен Балкан“ е отворена за сите земји од регионот. Вечерва со нас се Црна Гора и Босна и Херцеговина и се надевам дека оваа иницијатива ќе се проширува и понатаму – истакна Ковачевски порачувајќи дека поканата за придружување кон иницијативата „Отворен Балкан“ е отворена и за сите земји од регионот.

Поздравувајќи ги гостите, премиерот посака успешен и просперитетен самит со нови идеи за развој на регионот и за придобивки за сите граѓани.


Рама: Задоволство е да испиеш кафе за добредојде во Охрид

Албанскиот премиер Еди Рама изрази задоволство што попладнево испил кафе за добредојде во Охрид.

Тој објави и фотографија од средбата со црногорскиот колега Дритан Абазовиќ и американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил.

Во објавата не го крие и задоволството што „од денес и официјално Црна Гора влегува во Отворен Балкан“ и додава дека Хил одамна е пријател на Албанија и голем поддржувач на Отворен Балкан.

– Огромно задоволство да се испие кафе во Охрид за добредојде. Задоволството го споделив заедно со премиерот Дритан Абазовиќ, кој денеска и официјално ја вклучи Црна Гора во Отворен Балкан и со амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил, кој одамна е пријател на Албанија и Албанците и голем поддржувач на „Отворен Балкан“ – пишува Рама.

Црна Гора за првпат учествува на средба на иницијативата „Отворен Балкан“, за што Абазовиќ беше критикуван од дел од јавноста во неговата земја, по потврдата дека ќе учествува во Охрид на осмата средба на оваа иницијатива.