До 2023 година, предвидуваме намалување на персоналниот данок во ИТ секторот од сегашните 10 отсто на 0 отсто што ќе биде силен стимул за младите што повеќе да се насочат кон овој сектор каде од ден во ден се потребни се повеќе работници, посочи денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Тој најави дека до 2023 година се предвидуваат низа стимулативни мерки во ИКТ секторот освен намалување на персоналниот данок од сегашните 10 отсто на 0 отсто, ослободување од данок за преквалификација, обука, дообука во компаниите, ослободување од данок од трошоците кои се прават за лиценци за ИТ индустријата.
ИКТ секторот во последните години бележи постојан раст во однос на бројот на компании и вработени, раст на извозот и на приходите.
-Нашите заложби насочени кон натамошно подобрување на условите за работа и растот на оваа индустрија ги преточивме во конкретни мерки на барање на секторот – рече Ковачевски.