Во ситуација на „глобален глад по енергенти и енергија“, освен логичното враќање кон базичните извори на енергија (фосилни горива, а и нуклеарки) во насока на „премостување на тешкиот удар со дефицитот на електрична енергија“, за издвојување е и дека развиените земји не го забораваат и не го запоставуваат развојот на обновливите извори на енергија
Производство на енергија и од базични и од обновливи извори заради премостување на длабокиот енергетски дефицит
Енергетската криза еднакво силно ја погоди Европската Унија, но и нашата држава, која е увозно високозависна од различните видови енергија. Земјите од ЕУ веќе заостануваат зад водечките земји, како што се САД, Кина, Јапонија. Меѓутоа, многу е очигледно дека во ситуација на „глобален глад по енергенти и енергија“, освен логичното враќање кон базичните извори на енергија (фосилни горива, а и нуклеарки) во насока на „премостување на тешкиот удар со дефицитот на електрична енергија“, развиените земји воопшто не го запоставуваат и развојот на обновливите извори на енергија.
Зелената транзиција можеби го загуби здивот или, како што тврдат многу енергетичари, дека „таа беше усилена“, но забележливо е дека тој пат не е напуштен и дека и во ваква ситуација одредени земји, односно влади, силно ги поддржуваат своите домашни производители на опрема за „зелени технологии“ и вложуваат во развој и имплементација на обновливите извори. Според официјалните ставови на некои влади, „зелените енергетски извори сѐ уште се несигурни и засега се само дополнителни извори на енергија“, но во нив треба да се вложува и „зелената транзиција не треба да се напушта“!
Паралелно со интензивирањето на експлоатацијата на базична енергија, засилени инвестиции во зелени технологии
Гореспоменатото беше причина Европската комисија да предложи план што треба да обезбеди конкурентност на европската зелена индустрија, а наедно, според енергетските експерти, „да го спречи бегството на инвестициите и производството во областа на зелените технологии во САД или во Кина“.
Моќните економии, како Јапонија, го зајакнуваат својот технолошки сектор со издавање 140 милијарди евра зелени обврзници, САД обезбедуваат 69 милијарди евра субвенции и даночни олеснувања во својот Закон за намалување на инфлацијата (ИРА), додека Канада, Индија, Обединетото Кралство и многу други земјите најавуваат дека ќе поттикнат инвестиции во чисти технологии.
Зелениот индустриски план има цел да ја зајакне конкурентноста на европската индустрија со нула нето емисии на стакленички гасови и да ја олесни брзата транзиција кон климатска неутралност. Планот предвидува пофлексибилни правила за државна помош, пренасочување на постојните европски фондови за поттикнување зелени технологии, побрзо издавање дозволи за зелени проекти, инвестирање во стекнување вештини на пазарот на трудот и склучување договори за слободна трговија за да се обезбеди снабдување со критични суровини. Европската индустрија е погодена од високи цени на енергијата, што значително влијае на нејзината конкурентност, а најизложена на енергетската криза е Германија, која беше високозависна од увозот на природен гас од Русија. Наедно ЕУ сака да биде лидер во брзорастечкиот технолошки сектор со нула нето емисии на стакленички гасови.
– Сакаме да водиме револуција во областа на чистите технологии – рече претседателката на комисијата, Урсула фон дер Лејен, презентирајќи го планот.
Комисијата предлага привремено пофлексибилни правила за одобрување државни субвенции за инвестиции во обновливи извори на енергија и декарбонизација на индустријата. Но тука постои опасност за единствениот пазар, бидејќи земјите-членки немаат исти или слични фискални капацитети да го стимулираат производството, што потоа го нарушува правилото за еднакви пазарни услови за сите. Затоа, како краткорочно решение, комисијата предлага да се искористат неискористените средства од планот за закрепнување од пандемијата во износ од околу 225 милијарди евра.
Средствата се обезбедени според планот на ЕУ од следната генерација, од кои повеќето им се доделуваат на земјите-членки како грантови, а некои како поволни заеми. Во нивните национални планови за закрепнување и отпорност, земјите-членки претпочитаа грантови, така што делот наменет за поволни заеми остана главно неискористен. Како среднорочно решение, комисијата има намера да предложи формирање фонд за европски суверенитет во рамките на ревизијата на повеќегодишниот буџет на ЕУ кон средината на оваа година.
Бежовска: Во Македонија се неопходни инвестиции во енергетскиот сектор
Факт е дека Македонија се соочува со енергетската криза. Високите цени на струјата и на гасот што се од увоз силно се одрази на работењето, функционирањето и на конкурентноста на домашните компании. Базичната (домашна) енергија беше и сѐ уште е есенцијална и неопходно е истата таа да се користи, ако не во максимален обем, макар во субмаксимален, што би значело барем снабдување до 70 отсто за потребите на стопанството и на граѓаните. Остатокот и може да биде од увоз. Но тоа не значи дека треба да се напушти идејата на зелената обновлива енергија. Во актуелната состојба на дефицит на енергија, Македонија апсолутно треба да се потпре на постојните енергетски ресурси, меѓутоа паралелно со тоа да се обидува и некако да се качи на новиот зелен бран за негова поддршка, како што е на пример „засилена поддршка на банкарскиот сектор за инвестиции во обновливи извори на енергија“.
Најновите податоци за кредитната активност на банкарскиот систем укажуваат на солидна кредитна поддршка на корпоративниот сектор (11,5 отсто во декември), при солиден раст на кредитите за инвестиции во обновливи извори на енергија. Народната банка досега презеде повеќе мерки за поддршка на финансирањето на овој сегмент, вклучувајќи ја и измената на инструментот задолжителна резерва, а во моментов се работи на подготовка на стратегија за зелени финансии во соработка со Светската банка.
– Инвестициите во овој сегмент ќе ја намалат ранливоста на македонската економија и ќе ја поддржат макроекономската стабилност. Глобалниот енергетски шок значително ја погоди македонската економија во неколку сегменти. Со оглед на високата енергетска зависност и високата енергетска интензивност, овој глобален шок имаше голем придонес кон растот на инфлацијата, а истовремено придонесе за продлабочување на трговскиот дефицит. Всушност, повеќе од 80 отсто од продлабочувањето на трговскиот дефицит се должи на енергетскиот трговски дефицит. За справување со оваа структурна ранливост, неопходни се инвестиции во енергетскиот сектор, а за тоа е потребна и поддршка од банкарскиот сектор, која постојано се зголемува. Со оглед на тоа дека и покрај кризниот период, банкарскиот систем ги задржа солидната капитализираност и ликвидност, тој има капацитет и натаму да ги поддржува овие проекти што ќе помогнат за структурна трансформација на нашата економија, изјави Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерката на Народната банка на Македонија.
Во 2022 година од Регулаторната комисија за енергетика беа издадени 226 лиценци за нови 150 мегавати од обновливи извори на енергија, а најмногу се фотоволтаиците. Во 2023 година ќе има од 200 до 300 нови мегавати само од обновливи извори на енергија, иако има и други големи проекти за фотоволтаици што ќе се приклучат на мрежата.
– Треба да се знае дека од аспект на одржување, тие знаат да направат проблем, бидејќи произведуваат кога има сонце и ветер, освен биогасните централи. Оваа енергија се продава на слободниот пазар и нашата мрежа ќе може да издржи одреден капацитет, тој не е неограничен. Но треба да има балансирање. Во моментов не се инвестира само во Македонија, туку и во сите земји од регионот. Сите гледаат дека најбрза и наједноставна инвестиција за производство на струја се фотоволтаиците – вели Марко Бислимоски, претседател на РКЕ. М.Ј.