Фото/Илустрација: Архива

Во извештајот на Европската инвестициска банка, но и според укажувањата на економистите во сегашните тешки и неизвесни услови на стопанисување, компаниите мораат да водат сметка за одржување на конкурентноста преку вложување во опрема и дигитализација, но истовремено да се грижат и за одржување на ликвидноста и да балансираат помеѓу потребата за развој и зголемување на капацитетите и задржувањето на финансиската стабилност

ИЗВЕШТАЈ ЗА БИЗНИС-ОТПОРНОСТА НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ЗА ВРЕМЕ НА ПОВТОРЕНИ ШОКОВИ

Воениот конфликт на Украина и на Русија и економските последици од сето тоа дојдоа во време кога фирмите започнаа да закрепнуваат од шокот што го предизвика ковид-19. Новите ризици и зголемената неизвесност ги ставаат под притисок прекуграничните текови и трговијата. Извештајот „Бизнис-отпорноста на Западен Балкан за време на повторени шокови“, презентиран од Европската инвестициска банка (ЕИБ), анализира како фирмите во регионот го издржаа остриот пад предизвикан од пандемијата и колку се подготвени да се соочат со идните предизвици, како раст на цените на производите, на енергентите, зголемена инфлација, слаба куповна моќ.

– Војната во Украина повторно ја тестира отпорноста на економиите од Западен Балкан додека закрепнуваат од пандемијата. Новите шокови предизвикуваат зголемена неизвесност во работењето на компаниите. Ова е важно бидејќи нашата анализа покажува дека издржливоста и иновацискиот капацитет на фирмите се поврзани со нивното учество во глобалните синџири на вредност и трговијата. Во оваа фаза на потенцијални трендови на деглобализација, Западен Балкан треба да ја надгради својата конкурентска предност од силни врски со Европската Унија и дополнително да ја зајакне, како отскочна штица за побрз развој – велат од ЕИБ.
Извештајот покажува дека фирмите што биле интегрирани во глобалните синџири на вредности, оние што биле поиновативни во минатото, оние што биле повеќе дигитализирани и оние со подобар квалитет на управување подобро се адаптирале за време на пандемијата. Тие го прошириле своето онлајн присуство, се префрлиле на работа на далечина, го приспособиле производството или поефективно ја искористиле достапната поддршка од владите.

– Во иднина, последиците од пандемијата на ковид-19 и влијанието на руската инвазија на Украина, веројатно, дополнително ќе го попречат стабилниот финансиски пристап. Со текот на времето, повисоките каматни стапки ќе се претворат во построги услови за финансирање, при што јазот побарувачка – кредитна понуда ќе биде уште поголем за малите и за средните претпријатија – објаснуваат од Европската инвестициска банка.
Оттаму потенцираат дека ова е загрижувачко, бидејќи пристапот до финансии, вклучувајќи ги и пречекорувањата, биле извор на издржливост за фирмите за време на пандемијата.
Но на кој начин македонските фирми се справија со последиците од пандемијата, колку се подготвени да се соочат со новите предизвици, на кој начин државата треба да им помогне.

– Сметам дека е реално да се каже дека компаниите од Македонија, без некои поголеми тешкотии, ги издржаа последиците предизвикани од ковид-кризата. Кога велам „последици“ сметам на бројот на вработени и индустриското производство. Статистичките податоци покажуваат дека во периодот од мај 2021 до мај 2022 година успеавме да го надоместиме падот на индустриското производство што го имавме од мај 2019 до мај 2021 година. Податоците за бројот на вработени се полоши бидејќи во периодот мај 2022 година во однос на мај 2021 година сѐ уште имаме пад на бројот на вработени во индустријата од 1,7 отсто, кој е понизок од оној што го имавме во 2021, кој изнесуваше 3 отсто, а во 2020 беше 5 отсто, но секако зборува за еден негативен тренд, кој никако да запре. Оваа состојба со деиндустријализацијата на земјата не ни дава надеж дека во иднина ќе можеме да планираме повисоки стапки на економски раст – објаснува Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија.
Тој вели дека новите проблеми што ги донесе енергетската криза и војната во Украина можеби не се од таков обем како корона-кризата, но состојбата во која се наоѓаме е драстично сменета.

– Во текот на 2020 и 2021 година, Владата потроши огромни финансиски средства за спас на економијата, но сега таквата можност е многу ограничена. Поради големиот буџетски дефицит, зголемувањето на надворешниот долг, зголемените камати на странските и на домашните финансиски пазари, се намалува можноста за реакција од страна на државата. Зголемената инфлација од друга страна бара преземање мерки за ограничување на потрошувачката што исто така негативно влијае на економскиот раст. Затоа во овој период компаниите се оставени сами на себе и секој се снаоѓа онака како што знае и умее – истакнува Димитров.
Според него, растот на цените на струјата, нафтата, гасот и другите енергенти е огромен проблем кај некои дејности, дури некои помали компании најавија прекин на производството.
– Во овој момент истите тие проблеми на европските пазари сѐ уште не покажуваат некое драстично намалување на прометот на стоки и услуги и нашите извозни компании имаат задоволително ниво на нарачки, но иднината е доста неизвесна и никој не може со сигурност да тврди дека оваа состојба нема да се промени на полошо – посочува Димитров.
И во вакви тешки и неизвесни услови на стопанисување, додава тој, компаниите мораат да водат сметка за одржување на конкурентноста преку вложување во опрема и дигитализација, но истовремено мораат да водат сметка за одржување на ликвидноста.
– Податоците за зголемениот број работници што не можат да земат редовно плата зборуваат дека неликвидноста на нашите компании се зголемува. Затоа менаџерите мораат да балансираат помеѓу потребата за развој и зголемување на капацитетите и задржувањето на финансиската стабилност – укажува претседателот на собранието на ОРМ.

Според Калин Бабушку, управител и сопственик на компанијата „Македонија експорт“, денешните состојби за водење бизнис се многу покомплицирани.
– Ситуацијата е покомплексна. Логистиката е отежната и ќе треба да се најдат нови извори на набавка. Но тие ќе треба да се воспостават, затоа што во моментов никој не сака да влегува во ризик. Инфлацијата не е само кај нас туку е на светско ниво. Цените растат насекаде, но се намалува и куповната моќ на луѓето. Имајќи го сето ова предвид, како и други фактори, ќе треба да се преструктурираме и да размислуваме за нов начин на работа. Од друга страна, пак, богатите земји, сѐ повеќе и повеќе работат на развој на своите производни погони и намалување на потребата од увоз и зависност од продукти однадвор – појаснува Бабушку.
Според него, домашните компании во овој турбулентен период за да успеат да ги задржат постојните пазари или, пак, за да освојуваат нови ќе мора да се реорганизираат и да бараат нови локации за пласман на своите продукти.
Од Стопанска комора на Северна Македонија велат дека она што е важно да се каже е тоа дека државата мора да најде ефикасни механизми, и покрај општите заложби за слобода на пазарот и заложбите на Светската трговска организација дека економијата треба да биде целосно отворена, бидејќи во услови на криза на државата ѝ е потребно таа да се фокусира и да најде начин како ќе им помогне на нашите компании во периодот што следува.

– Да не заборавиме дека компаниите се борат на пазар што сега е глобален и мора да бидат конкурентни со цената на своите производи и услуги за да опстанат на пазарот. Ако компаниите не се конкурентни поради законски решенија со парцијален фокус, тогаш компаниите мораат соодветно да го приспособат своето работење за да опстанат и за да ги зачуваат оние работни места што пазарот им дозволува да ги зачуваат. Секогаш кога има криза, а во моментов се неколку истовремено, по правило постои голема неизвесност за иднината, а тоа многу го отежнува работењето на фирмите. За да му се помогне на приватниот бизнис-сектор и за да можат фирмите подобро да ги планираат своите активности за излез и за спас од кризата, треба да се обезбеди колку што е можно поголема предвидливост на условите за работење – споменуваат од СКСМ.

Имајќи го предвид сето ова, како и важната улога на даночната политика, Стопанската комора укажува на потребата во наредниот период од две-три години да не се менува даночната политика, да не се зголемуваат даночните стапки и да не се менува начинот на оданочување, навремено да се врши враќањето на данокот на додадена вредност, навремено да се сервисираат обврските на јавниот спрема приватниот сектор.
– Притоа, ако државата има потреба од повеќе пари во својот буџет, нив треба да ги обезбеди преку намалување на сивата економија. Значи, да се наплаќа од оние што избегнуваат да ѝ платат на државата, а не да се зголемуваат даноците за оние што редовно си ги извршуваат финансиските обврски спрема неа – додаваат надлежните од комората.