Фото: Игор Бансколиев

Од бизнис-заедницата бараат законодавниот дом да не ги усвои предложените измени и дополнувања на Законот за работни односи за скратување на периодот за исплата на платите и во иднина законите да се носат низ транспарентен и инклузивен процес, со вклученост на сите засегнати страни

Податоците на Управата за јавни приходи покажуваат дека компаниите и понатаму имаат тешкотии околу исплатата на платите во предвидениот рок, односно истите тие се исплаќаат со задоцнување. Иако институциите укажуваат дека генерално компаниите ги почитуваат одредбите од Законот за работни односи и платите се исплаќаат до петнаесеттиот ден од следниот месец, сепак, бројките говорат дека има компании што не успеваат да го испочитуваат предвидениот термин.
– Заклучно со 31.3.2022 година, со исплатата на бруто-платата за месец јануари 2022 година, која требало да биде исплатена до 15.2.2022 година, задоцниле 10 отсто од работодавачите, кои имале обврска за исплата на плата. Со исплатата на бруто-плата за месец февруари 2022 година, која требало да биде исплатена до 15.3.2022 година, доцнат 16,5 проценти од работодавачите што имале таква обврска за исплата на бруто-плата – посочуваат од УЈП.
На прашањето дали имаме раст или намалување на бројот на компании што доцнат со навремена исплата од почетокот на оваа година во споредба со претходната, од Управата ни испратија податоци за истиот период од минатата година, со што се забележува благ пораст кај бројот на работодавачи, но и на работници чии плати не биле исплатени во дадениот рок.
– Во согласност со податоците за МПИН за првиот квартал од 2021 година, со состојба на 31.3.2021 година, за месец јануари 2021 година, имале поднесени МПИН, но, немале исплатено плата 2.348 работодавачи за 4.836 вработени лица. За месец февруари 2021 година имале поднесени МПИН, а немале исплатено плата 5.651 работодавач за 14.451 вработени лица. Во согласност со евиденцијата на УЈП со состојба на ден 30.3.2022 год., за месец јануари 2022 година има 2.417 работодавачи што имале неисплатени, а поднесени МПИН за вкупно 4.776 вработени лица, а за месец февруари 2022 година има вкупно 6.383 работодавачи што имаат поднесени, но неплатени пресметки за 16.757 вработени лица – се наведува во одговор на УЈП.
Од Управата објаснуваат оти исплатата на платите како обврска на работодавачите е регулирана со Законот за работни односи, а во согласност со членот 109 од ЗРО, платата се исплатува за периоди што не смеат да бидат подолги од еден месец, најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период. Ако денот на исплаќањето е слободен ден, платата се исплаќа најдоцна идниот прв работен ден.

– Управата за јавни приходи има надлежности што произлегуваат од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување. Во согласност со членот 17 од овој закон, придонесите ги пресметува, задржува и уплатува обврзникот за пресметка и уплата на придонеси при секоја исплата на плата или дел од плата, надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок. Во согласност со членот 24 од истиот закон, рок на уплата на придонесите е денот на исплатата на плата или дел од плата, надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок. Доколку плата или дел од плата, надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок не се исплатени, рокот на доспеаност за плаќање на придонесите е 15 од тековниот месец за претходниот месец – укажуваат од УЈП.
Деновиве, Стопанската комора на Македонија реагираше на предлог-измените во ЗРО со кои се предлага исплатата на платите да биде до петти во следниот месец, но и намалување на можноста на вработување со договори на определено до шест месеци. СКСМ достави барање до претседателот на Собранието,Талат Џафери, законодавниот дом да не ги усвои предложените измени и дополнувања на Законот за работни односи, а во иднина законите да се носат низ транспарентен и инклузивен процес со вклученост на засегнатите страни.

– Законот за работните односи е комплексен закон (Устав за работниците), за чии измени и дополнувања е потребна широка јавна расправа, а не нивно донесување во скратена постапка. СКСМ многу добро знае за да не се одговори на ова наше барање може да се искористат десетици други правни процедури и акти. Но ако се има волја и одговорност за моментот во кој се наоѓаме предлог-законот може да се врати на јавна расправа – порачаа од комората.
Бизнис-заедницата посочува дека предлог-измените се проблематични и дека не се во насока на подобрување на правата на работниците, туку напротив повеќе ќе им ги искомплицираат состојбите на компаниите и повторно на работниците.
– Со предлогот да се исплаќа платата на петти наместо на 15-ти следниот месец се компликува работењето на големите компании, главно трудоинтензивните, кои имаат голем број вработени, а платата се пресметува според учинок и низа други параметри. Овие компании и сега едвај стигнуваат да направат пресметки на платата до 15-ти во месецот. Тоа ќе значи дека сега ќе треба за ден или два да ја завршат пресметката, во која покрај учинокот се пресметуваат уште прекувремена работа, работа во смени, стаж и низа други параметри – вели Ангел Димитров од конфекцијата „Мода“ од Свети Николе и претседател на собранието на Организацијата на работодавачи.
Димитров објаснува дека скратувањето на рокот за трансформација на работниот однос од определено на неопределено на шест месеци е популистички и предложен без да се направи анализа како ќе се одрази тоа на компаниите.

– Со ова решение најмногу им се наштетува на новоотворените фирми, од кои 70 отсто најчесто не успеваат да преживеат до три години. Никој нема да отвори фирма, ако за шест месеци треба да го трансформира работниот стаж на работниците од определено во неопределено време. Што ќе се случи, ако еден месец или да речеме шест месеци по трансформацијата фирмата забележи лоши резултати и мора да отпушти работници. Дали оваа компанија ќе може да плати испратнина за работниците? – прашува Димитров.
Од УЈП за „Нова Македонија“ објаснуваат дека во рамките на нивните овластувања и надлежности, во согласност со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и Законот за даночна постапка води редовни постапки за присилна наплата по неплатените МПИН, спрема сите даночни обврзници што во законски определениот рок не ја исполниле обврската за плаќање по поднесените МПИН.
– Управата за јавни приходи спроведува постапка за присилна наплата од парични средства во банка, така што со решение става забрана за пренос на парични средства од сметката на обврзникот за пресметка и уплата на придонеси (работодавач) до обезбедување на долгуваниот износ. Со решението за присилна наплата ѝ се налага на банката, по обезбедување на долгуваниот износ, да го повлече збирниот налог за плаќање плата, придонеси и данок на личен доход и во согласност со истиот тој да изврши пренос на паричните средства од сметката на обврзникот за пресметка и уплата на социјални придонеси (работодавач) на соодветните уплатни сметки на јавни приходи и на трансакциските сметки на вработените лица. Ова е редовната работна активност во УЈП за сите должници по основа на неплатени МПИН – потенцираат од Управата.