
Централните банки ги намалуваат каматите
Можат ли компаниите да се надеваат на поевтини и поприфатливи кредити од деловните банки, по зачестените чекори на централните банки кон олабавување на монетарната политика? Најново, Европската централна банка (ЕЦБ) одлучи да ги намали каматите на трите клучни каматни стапки за 25 базични поени. Соодветно на тоа, каматните стапки на депозитните средства, операциите за главно рефинансирање и на средствата за маргинално кредитирање ќе се намалат на 2,50 отсто, 2,65 отсто и 2,90 отсто, соодветно, со важност од 12 март 2025 година.
– Монетарната политика станува значително помалку рестриктивна, бидејќи намалувањето на каматните стапки ги прави новите задолжувања поевтини за фирмите и за домаќинствата, а растот на заемите расте. Во исто време, спротивставениот ветер кон олеснување на условите за финансирање доаѓа од минатите зголемувања на каматните стапки, кои сè уште се пренесуваат на состојбата на кредитите, а кредитирањето во целина останува придушено – посочија неодамна од ЕЦБ.
Сепак, за македонската економија е клучно какви ќе бидат постапките на Народната банка на Македонија (НБРМ), која ги дава насоките за понатамошно олабавување или заострување на монетарната политика во земјава. Вообичаено НБРМ ги следи постапките на ЕЦБ, но одлуките ги носи и во согласност со состојбите дома.
Последен пат кога нашата Народна банка ги намали каматите на благајничките записи беше на почетокот на февруари, кога беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,2 процентни поени или на нивото од 5,35 отсто. Од НБРМ посочија дека промената е одраз на поволните трендови кај инфлацијата и девизните резерви, иако и понатаму се присутни ризици поврзани со надворешното окружување. Притоа посочија дека „во однос на политиката на Европската централна банка, како фактор што Народната банка исто така го има предвид, на последната седница во јануари беше донесена одлука за намалување на каматните стапки за по 0,25 процентни поени, што е петто намалување од јуни минатата година. Поради овој факт може да се очекува во иднина ново намалување на каматната стапка на благајничките записи, што ќе води и кон олабавување и намалување на каматите на кредитите што ги издаваат комерцијалните банки.
Економистите укажуваат дека ваквите промени кај централните банки очекувано водат кон подобри услови за кредитирање на компаниите. Тие дополнуваат дека одлуките на ЕЦБ и на НБРМ за намалување на основната каматна стапка упатуваат на заклучокот дека стапката на инфлација во соодветните земји постепено се смирува и се придвижува по нејзината надолна линија. Тоа, како што објаснуваат економистите, значи дека монетарната политика постепено се олабавува и се приспособува на потребите на економијата за поевтини финансиски средства, кои на стопанството ќе му помогнат да ги ангажира во неговите бизниси, а со тоа и да се надмине очигледната економска забавеност во тие земји.
– Движењето на основната каматна стапка на која било централна банка, па и на НБРМ, секогаш претставува сигнал за комерцијалните банки дека со тоа се менува правецот на монетарната политика и дека и тие треба постепено да се приспособуваат кон таквите промени. Во случајот на македонските банки тоа ќе значи одредено намалување на нивните активни и пасивни каматни стапки. За претпријатијата тоа ќе биде благопријатно во насока на намалување на нивните банкарски трошоци, а со тоа и поттик за позасилено инвестирање во нивните актуелни и идни активности – вели нашиот соговорник.
Гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска–Бежоска, деновиве потенцира дека банкарскиот систем постојано обезбедува солидна кредитна поддршка за економијата, чиј главниот извор за финансирање се депозитите.
– Кредитниот раст во 2024 година изнесуваше 11,2 отсто, поддржан од солидниот раст на депозитите од 11,7 проценти, но и од зајакнувањето на нивните капитални позиции преку растот на капиталот, резервите и задржаната добивка. Слични се трендовите и во корпоративното портфолио, во кое кредитите на микро, малите и средните претпријатија зафаќаат околу две третини од вкупните кредити на банките одобрени на претпријатијата и нивниот раст е солиден, но малку побавен отколку растот на вкупното корпоративно кредитно портфолио. Исто така, според анкетите за согледувањата на банките за нивните идни деловни активности, најголемиот дел банки очекуваат раст на кредитирањето на овој сегмент од претпријатијата – укажа гувернерката.
Таа дополни дека позитивно е што и зелените кредити покажуваат натамошен напредок во поддршката на зелената и одржлива економија во нашата земја. Според последните расположливи податоци (септември 2024 г.), растот на зелените кредити на годишна основа изнесува 1,4 милијарда денари, или 7,4 отсто.
Економистите потенцираат, пак, дека за поголем економски раст е неопходна поголема поддршка за компаниите, која наедно ќе биде со поповолни услови. Тие потенцираат дека добар знак е стабилизирањето на инфлацијата, но и фактот што каматните стапки почнаа да се намалуваат, што може малку да ја заживее економијата и да им го олесни малку животот на оние со кредити.
Економистите сметаат дека оваа година ќе биде подобра на економски план, под влијание на подобрената економска состојба во Европа, стабилизирањето на инфлацијата и намалувањето на каматните стапки. Тие препорачуваат да се реализираат планираните капитални инвестиции од околу 800 милиони евра, за да се поттикне економијата, но и да се поддржат компаниите со евтини кредити за да ги зголемат инвестициите. Е.Р.