Средствата за модернизација на охридскиот аеродром се од програмата на ТАВ, кои произлегуваат од договорот за пренамена на средствата што требаше да се потрошат за карго-аеродромот во Штип, обврска што операторот ја презеде со добивањето на концесијата над аеродромите во Скопје и во Охрид
Зошто повеќе од две и пол години инвестициска сума од 15 милиони евра за македонските аеродроми стои неискористена
Очигледни се добрите остварувања во авиосообраќајот поврзани со македонските воздушни пристаништа во првата половина од годината. Тие се одраз на заживувањето на туризмот на глобално ниво, по застојот во ковид-кризата, но сепак и поради вложувањата на авиооператорите, како и финансиската поддршка од македонската влада за субвенционирање на одржувањето на авиолиниите од Македонија кон земјите од Европа. Сепак, и понатаму постојат финансиски можности за подобро искористување на сите капацитети што ги нудат аеродромите во Скопје и во Охрид, кои од разни причини стојат неискористени.
На располагање 15 милиони евра – веднаш!
Повеќе од две и пол години на располагање е сума од 15 милиони евра за реконструирање на двата македонски аеродроми. Со последната одлука на Владата донесена минатиот месец за овие 904 милиони денари, искористувањето на овие средства треба да го контролира акционерското друштво во државна сопственост „Аеродроми на РСМ“. Овие средства треба да послужат за модернизација и проширување на терминалната зграда само на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
Во 2020 година беше донесена ТАВ-програмата во вредност од 50 милиони евра наменети за десетици локални проекти во Македонија. Притоа беше одлучено сума од 15 милиони евра да биде искористена за обновување на терминалите на скопскиот и охридскиот аеродром, а проектот да го надгледува акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.
Во меѓувреме, како што информира Трајче Ангеловски, директорот на „Аеродроми на РСМ“, беше заклучено дека нема потреба од овие пари да се инвестира во скопскиот терминал и сите средства да се пренасочат во охридскиот, а надлежност за следење на реализацијата на овие средства има АД Аеродроми, под чија надлежност се двата аеродрома.
– За овие 15 милиони евра самиот „ТАВ Македонија“ како концесионер ќе објавува повик за изведувачи. Тие имаат свој оператор „ТАВ констракшн“, кој ќе биде задолжен за тоа, а ние ќе треба да спроведеме повик за надзорот на изградбата, како и да се погрижиме за самата урбанизација, бидејќи ќе има проширување за околу 1.000 квадратни метри. Парите за надзорот ќе бидат предвидени во планот за 2024 година, но бидејќи обично трошоците за негово ангажирање се околу 3-4 отсто од целата инвестиција, ние ќе побараме од „ТАВ Македонија“ да ни помогне со донација, затоа што нашето друштво нема толкав годишен буџет за да може тоа да го покрие – вели Ангеловски.
Кои се тие 15 милиони евра?
Средствата од 50 милиони евра на „ТАВ Македонија“ произлегуваат од договорот за пренамена на средствата што требаше да се потрошат за карго-аеродромот во Штип, инаку обврска што операторот ја презеде со добивањето на концесијата над аеродромите. Од ТАВ-програмата остануваат неискористени уште 16,4 милиони евра, според одлуката на Владата донесена на 25 јули, а која треба да се примени од 1 август.
Бројот на патници преку двата аеродрома во Македонија бележи силен пораст во првата половина од годинава, а истиот тренд продолжува и за време на летната сезона на летање. Во периодот јануари – јуни 2023 година преку меѓународниот аеродром во Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид патувале 1.338.406 патници, што претставува годишен пораст од 41 отсто. Споредено со 2019 година, која се смета за референтна година во авијацијата, како најсилна година од аспект на патничкиот сообраќај пред да се случи кризата со ковид-19, „ТАВ Македонија“ има 15 отсто повеќе патници во првата половина од оваа година. Паралелно со растот на бројот на патници има и зголемен број на летови за 23 отсто или вкупно 10.299 опслужени летови од јануари до јуни 2023 година.
Македонскиот авијациски пазар во изминатите неколку месеци, покрај редовните авиолинии што сообраќаат преку целата година и традиционалните летни сезонски и чартер-летови, беше проширен и со летови од скопскиот аеродром: Франкфурт со „Луфтханза“; Сплит со „Кроација ерлајнс“; Осло со „Норвеџиан“, додека од охридскиот аеродром со сезонски летови од Манчестер и Лондон-Гетвик со ТУИ и Белград со „Ер Србија“.
Најфреквентни дестинации од меѓународниот аеродром во Скопје, според статистиката за патничкиот авиосообраќај на „ТАВ Македонија“, за првата половина од 2023 година, јануари – јуни, биле Истанбул (со 11,4 отсто пазарен удел), Базел Милуз, Цирих, Дортмунд, Виена, Минхен Меминген, Франкфурт, Малме и Келн (2,6 отсто). Топ 5 земји со директни летови за периодот јануари – јуни 2023 година се Германија, Швајцарија, Турција, Италија и Шведска. М.Ј.