Фото: Игор Бансколиев

Процесот на заздравување на глобалната економија, започнат минатата година, во моментов се судира со три големи предизвици и оваа криза добива на важност кога го гледаме ефектот врз европскиот пазар, од кој ние сме најмногу зависни, бидејќи над 85 отсто од целиот извоз на Македонија завршува во ЕУ

ММФ И ЕКСПЕРТИТЕ ПРОГНОЗИРААТ ТЕШКА ГОДИНА

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) оценува дека цела Европа ќе претрпи тешки економски последици, и тоа во време кога закрепнувањето од пандемијата сѐ уште беше нецелосно. Новите прогнози за европската економија се исклучително важни за Македонија, бидејќи над 85 отсто од целиот извоз завршува на европскиот пазар.
– Зголемувањата на цените на суровините и сложените нарушувања на понудата дополнително ќе ја поттикнат инфлацијата и ќе ги намалат приходите на домаќинствата и профитот на фирмите. Според тоа, растот на БДП за 2022 година е намален за 1 процентен поен во однос на прогнозите од јануари 2022 година во повеќето земји, при што се очекува многу поголемо намалување на производството во Русија и особено во Украина. Се предвидува дека инфлацијата ќе достигне повеќедецениско високо ниво во многу земји. А нови ризици се наѕираат од ескалација на војната и прекини на критичните текови на енергија – проценува ММФ.
Според оцените на Фондот, нарушувањата на глобалните синџири на доставување, како и повисоките цени на енергијата, храната и металите го поткопуваат закрепнувањето на економиите во постпандемискиот период. Во согласност со проекциите на Фондот, растот на светскиот БДП од 6,1 отсто во 2021 година ќе забави на 3,2 отсто годинава. Овие очекувања во голема мера се резултат на кризата во Украина и ефектите што ги има истата таа во глобалните синџири на доставување. Oваа криза добива на важност кога го гледаме ефектот врз европскиот пазар, од кој ние сме најмногу зависни.
Потпретседателот на Стопанска комора на Северна Македонија, Зоран Јовановски, вели дека процесот на заздравување на глобалната економија, започнат минатата година, во моментов се судира со три големи предизвици.

– Политиката на Кина за нулта толеранција за заболени од ковид-19 предизвика значителни последици за глобалните синџири за набавка. Истовремено, војната во Украина опасно ги зголемува цените на храната и енергентите. Трето, инфлацијата, која веќе беше во нагорна линија, предизвикува реакција од централните банки низ светот во насока на зголемување на референтните каматни стапки, што го зголемува товарот за сервисирање на земените кредити и ги поскапува идните инвестиции, па на тој начин го забавува заздравувањето на економијата. Во такви околности сосема е очекувано намалувањето на проектираната стапка на раст на глобалната економија што го направи ММФ – посочува Јовановски.
Како што додава тој, нормално е сето ова неповолно да се одразува и на македонската економија и дека не е исклучено во текот на годината да следува и ново влошување на проекцијата.
– Поминуваме низ тешко време, во значителна мера сме зависни од увоз на енергенти и тоа ја оптоварува страната на расходите на компаниите и ја намалува ценовната конкурентност на нивните производи на пазарот. Приватниот сектор, во рамките на своите можности, се приспособува на настанатите неповолни околности. Потребно е истото тоа да го направи и државата – укажува Јовановски.
Тој смета дека е неопходно да се направи рационализација на работењето и секој денар во буџетот на државата да се насочи исклучиво кон помош на ранливите групи граѓани и на бизнис-секторот, затоа што тој ја создава вредноста од која подоцна се полни буџетот и се прави распределба на буџетските пари.
Според гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во однос на бројките за нашата економија, и кај нас исто така се прави надолна ревизија од 4,2 отсто на 3,2 отсто за оваа година, а за наредната 2,7 отсто. Овие бројки се слични и со регионот на Западен Балкан.

– Сега, централните банки мора да се фокусираат на нивниот основен мандат за одржување на стабилноста на цените, што бара постепено нормализирање на монетарната политика, додека краткорочните ефекти од кризата треба да се решаваат со користење алатки на фискалната политика, кои треба да бидат добро насочени и временски ограничени. Има многу фактори што можат да придонесат кон подобрување на вкупниот економски резултат – конкурентноста на економијата, квалитетот на човечкиот капитал, квалитетот на институциите, иновациите и технолошката подготвеност – нагласува Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката потврдува дека се потребни структурни реформи и дека справувањето со тековните предизвици не треба да ги стави на чекање структурните реформи, напротив, напоредно треба да се продолжи со нив, бидејќи, како што вели таа, тие се оние што ќе дадат долгорочни резултати.