Фото: Маја Јаневска-Илиева

Енергетската криза во светот и во Македонија не стивнува. Цените на енергентите (гас, нафта, јаглен) и на електричната енергија (на берзите) се високи, со тенденција и за понатамошно поскапување. За алармантноста на состојбата потврда се и укажувањата дека состојбите со енергијата наесен може да бидат катастрофални, дури и да нема доволно енергија за греење на домовите. Земјите од Европската Унија, меѓу кои и Германија, веќе донесоа и законски одредби со кои се предвидува за 15 отсто намалена потрошувачка на гасот за побезбедна зима. Но што треба да преземе Македонија на тој план

АНАЛИЗА: КАКО НАЈЕФИКАСНО ДА ЛАДИМЕ И ДА ГРЕЕМЕ

Глобалното поскапување на енергијата, придружено со зголемените цени во малопродажбата, како и растот на цените на нафтените деривати, ги поттикнува граѓаните да бараат решенија каде, како и колку може да ги намалат трошоците за електрична енергија.
Количеството произведена електрична енергија беше и сѐ уште е намалено и државата мора да увезува електрична енергија по многу високи цени. Енергетските експерти велат дека извесно ублажување на сегашнава енергетска состојба може да се постигне ако поголемо внимание се посвети на примена на мерки за енергетска ефикасност. Тие укажуваат дека заштедата на енергија во едно домаќинство зависи од повеќе фактори, почнувајќи од состојбата на објектите, начинот на загревање и ладење, па до апаратите што се користат во домовите. Досегашните анализи покажале дека со подобрување на енергетската ефикасност во домовите, трошоците може да се намалат и до 40 отсто.
Професорот на Машински факултет, Ристо Цицонков, вели дека за да се заштеди на електрична енергија, потребно е да се подобри енергетската ефикасност, бидејќи тоа може да се сфати како најевтино гориво.
– Македонија има донесено голем број закони и прописи, постојат: Закон за енергетска ефикасност (2020), Правилник за енергетски карактеристики на зградите (2013), Правилник за енергетска контрола (2013). Покрај тоа, Владата има обврска да донесува и Национален акциски план за енергетска ефикасност, во тек е четврти за периодот од 2020 до 2022 година. Понатаму, мора да се подготвува и донесува Програма за енергетска ефикасност на единиците на локалната самоуправа. Се носи на секои три години во координација со Агенцијата за енергетика. Сите горенаведени акти треба да се применуваат при изградба на нови станбени и комерцијални згради, нови згради на централната власт и локалните самоуправи. Особено е значајно да се врши реновирање (реконструкција) на постојните згради во сите сектори, со цел зголемување на енергетската ефикасност. И наместо постојано да се градат нови згради во Скопје, треба да се приспособи работата на реновирање на постојните згради со ставање нови термички фасади, нови надворешни прозорци со двојно или тројно застаклување итн. Според прописите, секоја зграда треба да има енергетски сертификат – укажува Цицонков.

Како мерки за зголемување на ЕЕ и штедење на енергијата, тој вели дека треба да се исфрлат од употреба светилки со вжарено влакно, означување на електричните апарати и опрема (натпис за енергетска класа), подобрување на уличното осветлување во општините и др.
– Исто така со промена на навики и начин на живот (исклучување на непотребните светилки, намалување на температурата при греење на просториите, користење соодветна облека итн.) може граѓаните да заштедат енергија. За ова се препорачува софистицирано водење кампањи за подигнување на јавната свест – посочува Цицонков.
Како што додава тој, енергетската криза во светот, но и во Македонија, не стивнува. Цените на енергентите (гас, нафта, јаглен) и на електричната енергија (на берзите) сѐ уште се високи, а и уште повеќе, водечки политичари упатуваат соопштенија дека состојбите со енергијата наесен може да бидат катастрофални, дури и да нема доволно енергија за греење на домовите.
– За таа цел уште сега се преземаат разни можни мерки за пребродување на очекуваниот недостиг на енергија. На прво место се мерките за штедење на енергија. Има неколку апели што доаѓаат од земјите на Европската Унија, сугестии за штедење со намалување на температурата на воздухот во просториите во грејната сезона и со покачување на температурата при ладење на воздухот во летниот период. На пример, Одборот за општи работи на Бундестагот (Германија) неодамна одлучи сите простории на сојузниот парламент во текот на летото да се ладат од 26 до 28 степени, а не како досега на 24 степени. Исто така е предвидено во зима да се загреваат на 20, а не на 22 степени. Слични мерки најавија и парламентите на 16 сојузни покраини во Германија. Се наведува дека во една сојузна покраина ова лето просториите наместо на 21 ќе се ладат на 24 степени, а во зима ќе се греат на 20 наместо на досегашните 22 степени. Јас сум мошне изненаден од овие информации, особено што доаѓаат од Германија каде што има висока техничка култура и знаење.

Во светот не постојат единствени критериуми за комфорните услови на воздухот, но може да се дефинира заеднички дијапазон во кој тие треба да се движат и Македонија да ги применува. Во грејната сезона се препорачува температура од 20 степени и влажност од 50 отсто, за летната сезона се препорачува: температура од 27 (или 26) степени и влажност од 50 отсто. При овие услови се обезбедува удобност со помала потрошувачка на енергија. За простории со посебна намена (болници, бањи и сл.) се земаат нешто повисоки температури во грејната сезона. За горенаведените услови, потребна е и соодветна облека. За зимскиот период се препорачува потопла облека, вклучувајќи џемпер (или сако), а за летната сезона кошула (или блуза) со кратки ракави и лесна ткаенина од соодветен материјал – потенцира Цицонков.
И професорот Константин Димитров укажува дека еден од најевтините начини за заштеда на потрошувачката на струја е преку замена на електричните светилки со лед-светилки, кои трошат помалку. Димитров вели дека има многу начини за намалување на потрошувачката, но додава дека сѐ зависи од можноста на домаќинството за инвестиции.
– Може да се штеди на многу начини, еден е промена на светилките, додека со замена на белата техника во домаќинствата заштедите може да бидат многу поголеми. Исто така, за намалување на сметките, без дополнителни инвестиции, може да се посвети поголемо внимание на вклучувањето на бојлерите во домаќинствата. Да не се загрева вода секој ден, туку неколку дена во неделата и максимално да се искористи затоплената вода. Потоа да се користи максимално дозволениот капацитет на машините за перење алишта, да не се пуштаат полупразни машини. Доколку имаат можности или мораат да заменат дел од домашните елементи, граѓаните треба да избираат производи што штедат повеќе. Сепак, најголема заштеда се постигнува со мерките за енергетска ефикасност, подобрување на фасадата или замена на прозорците со понови и подобри изолатори, квалитетна изолација на покривите – појаснува Димитров.


ЕУ со предлог за намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто во следните осум месеци

Европската комисија пред два дена го претстави планот „Заштедете го гасот за побезбедна зима“, кој предвидува намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто во периодот од 1 август годинава до 31 март 2023 година.
Европската Унија се соочува со опасност од натамошно намалување на протокот на гас од Русија, а речиси половина од земјите-членки веќе се погодени од намалените испораки.
Оттука, комисијата посочува дека е потребно навремено да се дејствува, веднаш да се преземат чекори, со цел значително да се намали ризикот и трошокот за Европа во случај на натамошни нарушувања во снабдувањето со гас.
Првичните намалувања би биле доброволни. ЕК, исто така, побара ингеренции да воведе задолжителни намалувања во ЕУ, во случај да постои значителен ризик од сериозен недостиг од гас или исклучително висока побарувачка за енергетскиот производ.
За планот треба да се дискутира на состанокот на Европскиот совет на 26 јули.
Планот предвидува секоја земја да направи сѐ за да ја намали потрошувачката на гас во периодот од август 2022 до март 2023 година во споредба со просекот од изминатите пет години.
Европските медиуми велат дека Германија веќе размислува од 1 август со закон да ја примени оваа мерка, намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто.