Автор: Јордан Ставров

Ако им се даде на Грците да стопанисуваат со овој простор (волумен на вода) 67 години, тоа значи дека тие ќе можат да го користат на начин што ним најмногу им одговара, а тоа мислам дека не смее да се дозволи во ниеден случај!

За стратегијата и иднината на водните ресурси во нашата земја

Пред десетина дена во јавноста беше објавен мојот стручен текст под наслов „Тендерот за ХЕЦ ’Чебрен‘ е тројански коњ во водостопанскиот систем на Р Македонија“. Основното мое тврдење во овој текст е фактот што изработениот тендер од грчката човек фирма „Ехергиа“ за ХЕЦ „Чебрен“ (Голем Чебрен), кој е во игра веќе 15 години, е невалиден, неважечки како проект и тендер и само ги замајува македонските граѓани, а, за жал, и највисоките македонски институции што одлучуваат за стратегијата и иднината на водните ресурси во нашата земја.

Неколку факти, кои е неопходно однапред а се имаат предвид

Проектот и тендерот се разработени во периодот 2000-2002 година, а оттогаш до денес се промениле многу работи во законската регулатива за искористување на водните ресурси, кои овој тендер не ги почитува.

  • Непочитување на планските документи за дефинирање на потребите од вода.
  • Непридржување кон Законот за води и тотално непочитување на законската регулатива.
  • Непочитување на начелата за интегрирано управување на водните ресурси на ниво на слив, а во согласност со европските директиви што се однесуваат на управувањето со водните ресурси (планирање, заштита од штетно (еколошко) дејство на површинските и подземните води), (нашиот закон за води е идентичен со законот на ЕУ).
  • Непочитување на влијанието на климатските промени врз:

Ø расположливите водни ресурси;

Ø идни потреби (за наводнување и др.).

Подолу во текстот ќе ги образложам енергетските параметри, односно енергетското решение на долината на Црна Река, кое е добиено со оптимизација на сите факти што треба да се почитуваат, а кои во постојниот тендер не се почитувани.
Сега само сакам да истакнам дека стручната јавност воопшто не ги познава условите што ги содржи понудата на грчката страна за прифаќање на тендерот што се нуди од наша страна.
Со сигурност само можам да кажам дека конфигурацијата на теренот од грчка страна е таков што тие немаат поголеми водотеци и простор за складирање (акумулирање) на водата. Во случајот на ХЕЦ „Чебрен“ (Голем Чебрен) вкупниот волумен на акумулацијата изнесува околу 1,0 милијарди кубен метар вода, со кои би можело да се регулира наводнувањето на Солунско Поле, да се регулира производството на фотоволтаичните централи, а со помош на реверзибилните агрегати и да се произведува ел. енергија.
Во стручните кулоари се слуша дека Грците сакаат да го изградат „Голем Чебрен“ и да го користат акумулацискиот простор 67 години, а наш влог би бил ХЕЦ „Тиквеш“. Колку се овие податоци точни, јас не можам да тврдам и докажам.
Презентираните енергетски параметри се извлечени од оптимизираниот модел што го изработија ЕДФ, ЦНР и „Хидролак“ од Франција за потребите на физибилити-студијата за „Вардарска Долина“. Притоа се почитувани сите законски регулативи и начела во согласност со ЕУ-директивите што се однесуваат на управувањето со водните ресурси и меѓународните води.

Сливно подрачје на Црна Река

Сливното подрачје на Црна Река е многу специфично и мултифункционално. Водата се користи за: пиење, наводнување (на Пелагонија), индустријата за производство на храна, за еколошки потреби и на последно место за енергетски потреби.
Тоа значи дека има голем број спротивставени интереси за користење на водата, кои стручните служби и лица на „ЕСМ – развој“ не ги согледуваат или не сакаат да ги согледаат. На жалост тие добиваат поддршка од стручни лица што имаат финансиска корист од таа приказна за „Голем Чебрен“, а тука се вбројуваат и професори од Градежниот факултет од Скопје.
Регионот на ХЕЦ „Голем Чебрен“ се прогласува за регионален енергетски центар, дури за изградба на нуклеарна електроцентрала, која ќе ја спаси Република Македонија од енергетски аспект. Притоа не се согледува дека ќе дојде до физичко уништување на водотекот на Црна Река, како прво, а, како второ, Мариовскиот Регион наместо да се пошуми и реззелени ќе стане камена пустина.
Што можеме да согледаме на профилот ХЕЦ „Голем Чебрен“, кој се наоѓа на средината меѓу изворот на Црна Река и вливот во реката Вардар?
– Можеме да констатираме еден идеален „V“ профил за бетонска лачна брана, кој може да обезбеди висина на браната од H = 192,00 m и простор од 1,0 милијарди кубен метар вода.

  • Можеме да констатираме еден идеален геолошки профил за лачна брана чии бокови на карпата се составени од гнајс – гранитен водонепропусен материјал, што е докажано со обемни геолошки истражувања.
  • За да се изгради браната „Голем Чебрен“ H = 192,00 метри, потребно е да се вгради 1,0 милион кубни метри армиран бетон, што го прави објектот извонредно скап и тежок за реализација.
  • Според една анализа што ја работи „Вербунд план“ од Австрија, за чинење на €/ kWh по однос на висината на браната се покажува дека оптималната цена за бетонот е за висина на браната од H=110-130m), а за H = 192,00 m (Голем Чебрен) цената на вградениот бетон се зголемува за 25 отсто.
  • Меѓутоа средно годишниот проток на реката е сосема скромен Qsr=21,61 m3/s или 682,0 x 106 m3 ако сета вода во Пелагонија се користи за енергетски цели, односно потреби.
  • Но ако сега направиме едно балансирање на водите во Пелагонија со помош на софтверот за оптимизација, ќе ги добиеме следните резултати:

Ø расположливи води на профилот 682,0 x 106 m3/год

Ø вкупни потреби во Пелагонија 554,9 x 106 m3/год

Ø повратни води 251,0 x 106 m3/год

Ø биланс на сл.води за ел. енергија 378,1 x 106 m3/год

За да се наполни просторот на ХЕЦ „Голем Чебрен“ ќе требаат три години, а каде се низводните потреби за ХЕЦ „Тиквеш“ и наводнувањето на Тиквешко Поле.
Ако им се даде на Грците да стопанисуваат со овој простор (волумен на вода) 67 години, тоа значи дека тие ќе можат да го користат на начин што ним најмногу им одговара, а тоа мислам дека не смее да се дозволи во ниеден случај!
Притоа не треба да се заборават заклучоците на студијата, која е работена во периодот од 2006 год. за подрачјето на Пелагонија од страна на Институтот за климатски промени од Нова Горица, Словенија, кои тврдат дека врнежите над Пелагонија до 2050 година ќе се намалат за 35 отсто, а потребите од вода ќе се зголемат за 50 отсто.

Заклучок

Согледувајќи ги сите овие проблеми, изработувачот на физибилити-студијата за проектот „Вардарска Долина“, ЕДФ и ЦНР Франција, ја применува сета европска законска регулатива за управување со водните ресурси на едно подрачје или слив и за енергетско решение во долината на Црна Река го предлага следното енергетско решение за објектите:
„Новите објекти што треба да се изградат: ХЕЦ ’Скочивир‘, ХЕЦ ’Чебрен‘ и ХЕЦ ’Галиште‘ се значајно помали, поевтини, флексибилни, ги почитуваат хидравличките и енергетските параметри на хидроцентралата ХЕЦ ’Тиквеш‘. Со други зборови, влијанието на долината на Црна Река е минимално! Во овој случај е можно и финансирањето на системот да биде со сопствени средства“.

Автор: ЈОРДАН СТАВРОВ – дипл. хид. инж.

(Авторот е проект-менаџер во периодот на реализација на физибилити-студијата „Вардарска Долина“)