Причината за итно штедење енергија не е борбата со климатските промени, туку енергетската криза, која трае речиси една година, при што цените на енергентите и на електричната енергија се енормно покачени. Иако некои политичари и аналитичари предупредуваат дека ќе има проблеми со недостиг од енергенти во текот на следната грејна сезона, во минатиот кризен период не се случи тоа. Досега имаше енергенти во секое време, проблемот беше во високите цени, а главните енергетски компании остварија огромни профити. Исто така, буџетите на некои држави се преполнија
Повод за да го пишувам овој текст се екстремните временски услови и непогоди што се појавуваат во многу региони во светот, вклучувајќи и во Македонија. Тоа се високите температури на воздухот, односно топлински бранови, шумски пожари во огромни размери, суши (големи штети во земјоделството), пресушување на реките или драстично намалување на водостоите (дури и кај големите пловни реки во Германија и во Франција), интензивни поројни дождови проследени со силен ветар (неодамна кај нас во Кавадарци, Неготино…), поплави итн. Се вели дека сево ова е резултат на климатските промени. А последиците се загубени човечки животи, влијание на здравјето на луѓето, загуби во економијата, намалени приноси во земјоделството, оштетување на живеалишта и имотите, миграции на луѓето, негативно влијание на целиот животински и растителен свет итн.
Главна причина за климатските промени се емисиите на стакленички гасови, кои го создаваат ефектот стаклена градина, а со тоа и глобално загревање на воздухот во Земјината атмосфера. Најголемо учество во овој ефект има гасот јаглерод диоксид (ЦО2), кој се ослободува при согорување на фосилните горива (јаглен, нафта, природен гас), а тоа е во секторот енергија. Се смета дека масовните емисии на стакленички гасови се јавуваат од почетокот на индустрискиот развој во светот од 1850 година наваму.
Бидејќи последиците од климатските промени постојано се зголемуваат и имаат загрижувачки размери, уште во 1988 г. е воспоставено меѓународно тело за климатски промени (ИПЦЦ), а во 1992 е донесена Рамковна конвенција на Обединетите нации за климатски промени (УНФЦЦЦ). Секоја година Обединетите нации (ОН) организираат т.н. Конференција на страните (ЦОП) со цел борба против климатските промени. Иако во минатите години се донесени некои задолжителни мерки (за развиените земји) и други незадолжителни мерки (за земјите во развој), посакуваните цели не се постигнати. Според последниот извештај на ИПЦЦ, концентрацијата на ЦО2 во воздухот е покачена од 280 ппм (part per million) во 1850 г. на 410 ппм во 2021 г., а просечната температура на воздухот за 1,1 степен Целзиусов. Но има факти, според кои, може да се заклучи дека состојбата со климатските промени и понатаму ќе се влошува со огромни последици на новите генерации, кои уште не се ни родени. За ова подетално ќе подготвам напис во периодот што следува.
Очигледно е дека главен начин во борбата против климатските промени е намалување на потрошувачката на енергија (помалку согорување фосилни горива, односно помалку емисии на ЦО2) и премин кон користење обновливи извори на енергија. Во тој контекст, државата веќе има донесено документи со кои се врши сообразност (транспонирање) со директивите на ЕУ, така што постојат: Закон за енергетска ефикасност (2020 г.), Правилник за енергетски карактеристики на зградите (2013), Правилник за енергетска контрола (2013) и др. Покрај тоа, Владата има обврска да донесува и Национален акциски план за енергетска ефикасност, во тек е 4-ти за период од 2020 до 2022 година, а координатор за спроведување е Агенцијата за енергетика. Понатаму, мора да се подготвува и донесува Програма за енергетска ефикасност на единиците на локалната самоуправа. Со зафатите за подобрување на енергетската ефикасност се штеди енергија.
И, еве, стигнавме до многу актуелната тема: на 16.8.2002, Владата на РМ предложи/донесе мерки за штедење на енергијата бидејќи владее енергетска криза кај нас и пошироко. Слични мерки веќе се донесени во голем број земји. Значи, причината за итно штедење енергија не е борбата со климатските промени, туку енергетската криза што трае речиси една година, при што цените на енергентите и на електричната енергија се енормно покачени. Иако некои политичари и аналитичари предупредуваат дека ќе има проблеми со недостиг од енергенти во текот на следната грејна сезона, во минатиот кризен период не се случи тоа. Досега имаше енергенти во секое време, проблемот беше во високите цени, а главните енергетски компании остварија огромни профити. Исто така, буџетите на некои држави се преполнија.
Да напоменам дека со појавата не енергетската криза многу земји отстапија од зацртаните планови за намалување на емисиите на стакленички гасови. Иако минативе години беа затворени извесен број термоцентрали на јаглен, сега се прават напори за реактивирање на истите тие. А за оние што беа планирани да се затворат во следниве години, тоа нема да се случи.
Парите го прават своето, дури и во една Германија, која има моќна економија.
Авторот е редовен професор на Машинскиот факултет – Скопје