Поради системски репродуцираниот нерамномерен развој, луѓето („трудот“) се принудени да имигрираат ако сакаат повисок животен стандард, а посиромашните земји се принудени да увезуваат „труд“, иако, доколку го немало „извозот“, тие би располагале со доволно работници
Повод: Општиот недостиг од работна сила
Со недостиг од работна сила и работници без потребни квалификации се соочува цела Европска Унија. Сепак, Германија се соочува со најголем недостиг од работници во последниве 10 години. Речиси половина од компаниите не успеале да ги пополнат своите слободни работни места за квалификувани работници во првите шест месеци од минатата година. Додека околу 45 отсто од слободните работни места за квалификувани работници останале слободни во сите компании, уделот во најмалите фирми бил дури 62 отсто, покажува истражувањето на германскиот Институтот за истражување на пазарот на трудот (ИАБ). Кај големите компании уделот на непополнети работни места за квалификувани работници е помал за 24 отсто. Истражувањето покажува и големи разлики меѓу секторите. Градежната индустрија е особено погодена, со речиси две третини од слободните работни места. Многу работни места останале непополнети и во секторот сместување и угостителство. Најмалку „дупки“ имало во јавната администрација, каде што само едно од 10 работни места останало празно. Според студијата, побарувачката за квалификувани работници во Германија е поголема отколку пред 10 години. Од анкетираните компании, околу 40 отсто пријавиле недостигот во првата половина на 2022 година, а една деценија претходно, 28 отсто се пожалиле. Сепак, треба да се напомене дека ситуацијата со недостиг се однесува на првата половина на 2022 година, тогаш кога започна украинската војна. Како резултат на тоа, тоа доведе до зголемување на цените на енергијата и голем економски пад.
Истражувањата сега покажуваат дека германските компаниите се воздржуваат кога станува збор за вработување нови работници, и покрај тоа недостигот од квалификувани работници останува проблем.
Според есенското економско истражување оваа година на Германската трговска и индустриска комора (ДИХК), процентот на компании што сакаат да го намалат персоналот сега го надминува процентот на компании што планираат да вработат нови вработени. Сепак, 58 отсто од компаниите сѐ уште сметаат дека недостигот од квалификувани работници е деловен ризик.
Според истражувањето на ИАБ, речиси 41 отсто од компаниите гледаат многу силна потреба за понатамошна обука за нивната работна сила, но и покрај тоа процентот на компании што нудат понатамошна обука (42 отсто) и процентот на вработени што учествуваат во обука и квалификации (29 отсто) сѐ уште биле далеку под нивото пред појавата на коронавирусот во првата половина на 2022 година.
Со оглед на тоа што нашата работна сила сѐ повеќе мигрира, се поставува прашањето дали Германија ќе ни „ги одземе“ и оние малку работници што ги имаме? Дали треба да увезуваме и ние работници, бидејќи стапката на отселување на младите, но и образовани луѓе од земјава е висока, што може да предизвика демографски проблеми и намалување на работната сила?!
Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци, Ангел Димитров, вели дека тие во овој момент изготвуваат анализа за потребите за менување на Законот за вработување и работа на странци. Тој нагласува дека состојбите со недостиг од работници на европскиот пазар на трудот, а особено во Германија се познати и Македонија мора да се приспособува на овие услови и да бара работници за пополнување на слободните работни места во нашите компании.
– Сметаме дека постојниот закон е работен во едно друго време, кога во Македонија имавме огромна невработеност и целта на законот беше да се спречи вработувањето на странци да не ја зголеми уште повеќе невработеноста. Денес, состојбата е сосема поинаква и на нашиот пазар на трудот недостигаат огромен број работници од разни квалификации. Посебен проблем е непрочистувањето на списокот на вработени, на кој се наоѓаат лица што работат на црно, лица што се заминати во странство и лица што воопшто немаат намера да се вработат.
Затоа, по направената анализа ќе побараме измена на законот или изготвување сосема нов закон, кој ќе одговара на сегашноста – објаснува Димитров.
И покрај одредените проблеми или стравови што ги има кај нас од вработувањето на странски државјани, истакнува тој, Македонија нема друго решение за одржување на нашата економија и дека фиктивните стотина илјади невработени не се воопшто решение на проблемот.
– Одреденото зголемување на квотите за вработување странци само привремено ќе го ублажат проблемот, но за конечно решение е потребен сосема нов закон, кој ќе ги олесни процедурите и ќе ги отстрани пречките за вработување странци – потенцира Димитров.
Како што вели економскиот експерт Здравко Савески, Германија се соочува со сериозна економска и општествена противречност, типична за многу богати земји денес.
– Од една страна се продолжува трката, карактеристична за капитализмот, за производство на сѐ поголемо количество стоки и услуги, често непотребни, често наменети за еднократна употреба, стоки што често ги застаруваат пред тие да станат неупотребливи. Од друга страна постојат демографски проблеми, сѐ порестриктивна имиграциска политика, продолжување со практиката на ниско плаќање на физичкиот труд. И потоа се доаѓа до противречноста да има потреба од сѐ повеќе работници, а истовремено се случуваат процеси што го ограничуваат приливот на нови работници (особено физички) – вели Савески.
Тој додава дека очигледно нивната стратегија за привлекување работници од повластените, но демографски слабите региони како Балканот не го даде посакуваниот резултат, но не значи дека обидите за привлекување работници од овој регион ќе престанат.
– Земјите како Македонија сѐ уште ги живеат бенефициите (краткорочни) од одливот на работници, со што беше решен горливиот проблем со невработеноста. Но на долг рок толкавиот одлив на работници не само што ги намалува можностите за економски развој на земјата туку и создава проблеми во секојдневното функционирање на луѓето, кои почнуваат да се соочуваат не само со недостиг од работници што ќе им поправаат апаратите во домаќинството туку и со недостиг од луѓе што ќе ги лекуваат и образоваат нивните деца – истакнува Савески.
Според него, во таков контекст, и Македонија ќе се нареди во редот во земјите што се соочуваат со вакви проблеми и ќе мора да обезбеди услови за прилив на работници од странство, од посиромашните земји, за да може да го одржи нормалното функционирање и на економијата и на секојдневниот живот.
– Поради системски репродуцираниот нерамномерен развој, луѓето („трудот“) се принудени да имигрираат ако сакаат повисок животен стандард, а посиромашните земји се принудени да увезуваат „труд“, иако, доколку го немало „извозот“, тие би располагале со доволно работници – посочува Савески.
Околу 60 отсто од работодавците имаат потреба од стручен кадар
Листата на дефицитарен стручен кадар е сѐ поголема и во Македонија. Најмногу недостигаат градежни, машински и прехранбени техничари, но и натаму нема доволно пекари, плочкари, фасадери, водоинсталатери. Во меѓувреме, изумираат некои од занаетите, како столарскиот, зашто процесите се автоматизираат, а тоа, пак, наметнува потреба од сосема нови, поинакви профили. Од Стопанската комора на С. Македонија велат дека околу 60 отсто од компаниите во земјава не можат да најдат соодветно квалификувана работна сила, додека само 2,5 отсто од возрасните вработени ги усовршуваат вештините.
– Околу 60 отсто од работодавците имаат потреба од стручен кадар. На прашањето зошто не можат да најдат работници, компаниите велат дека причината е во немањето стручни вештини кај кандидатите, немањето работно искуство или доволно пракса. Недостигот од соодветна работна сила не се случува само во одреден сектор туку во повеќе. Секаде има недостиг од работна сила. Жално е и што многу од професиите полека исчезнуваат. Една од нив, која веќе не се прифаќа на пазарот на трудот, е столарскиот занает. Тоа е така зашто пристапот за изработка на мебел е модифициран, а процесите се автоматизирани, па наместо столар се бара сосема нова квалификација – конфекционер или дизајнер на мебел, кој знае да работи со соодветни машини – појаснуваат од комората.
Оттаму велат дека недостигот од квалификувана работна сила е проблем и во ЕУ. Над 77 отсто од компаниите во ЕУ изјавиле дека имаат проблем да најдат квалификуван кадар со потребните вештини.
– Во 2021 и 2022 година работодавците се соочиле со недостиг од работна сила за 28 занимања во неколку сектори, а некои од проблематичните се градежништвото, здравството, инженерството, како и ИТ, што покажува дека има неусогласеност меѓу она што се бара и она што се нуди на пазарот на трудот. Во однос на дигиталните вештини, 40 отсто од возрасните и 33 отсто од вработените во ЕУ немаат основни дигитални вештини, што значи дека на секое лице од 10 возрасни и секое трето лице вработено во компаниите во ЕУ нема соодветни базични дигитални вештини. Кај нас, само 15 лица учествувале во обука за дигитални вештини и тоа зашто морале, за да работат на автоматизирани машини, односно за да не ја изгубат работат, но не учествувале на обуки за да ги унапредат вештините – велат од СКСМ.