Во пристаништето за слободна трговија во Хајнан почнаа специјални царински операции во рамки на иницијативите за отворање на Кина / Фото: ЕПА

Силен сигнал испратен од „Двете сесии“: Посветеноста на Кина кон отворањето носи нови глобални можности

  • Кинескиот премиер, Ли Чијанг, во извештајот за работата на владата доставен до Националниот народен конгрес, ги истакна преземените иницијативи за пошироко отворање на Кина

Посветеноста на Кина кон економско отворање на високо ниво претставува симбол на нејзината модернизација и развој, особено бидејќи определбите што доаѓаат од една од најсилните светски економии, за зајакнување на меѓународната соработка и за понатамошно глобално поврзување, остануваат стабилни, без разлика на промените во турбулентното надворешно опкружување. Силен сигнал за понатамошно проширување на отворањето на високо ниво беше испратен и од тековното издание на најголемиот политички собир во Кина, „Двете сесии“.

Напредните економски реформи покажуваат доследност во политиката на отворање

Кинескиот премиер, Ли Чијанг, во извештајот за работата на владата доставен до Националниот народен конгрес, ги исткана преземените иницијативи за пошироко отворање на Кина.

– Презедовме иницијатива за пошироко отворање на Кина и го унапредивме едностраното отворање на добро организиран начин, постојано проширувајќи ги и едностраните политики за влез без визи и сеопфатните меѓусебни ослободувања од визи. Беа вложени поголеми напори за одржување на стабилни перформанси на надворешната трговија, обезбедувајќи и стабилен обем и повисок квалитет. Извозот за годината порасна за 6,1 процент. Благодарение на новата иницијатива започната за одржување на стабилноста на странските инвестиции, видовме зголемување од 19,1 проценти на бројот на новоформирани претпријатија финансирани од странство. Беше имплементирана стратегијата за надградба на пилот-зоните за слободна трговија, а во пристаништето за слободна трговија во Хајнан беа започнати специјални царински операции на целиот остров. Беа преземени солидни чекори за унапредување на висококвалитетната соработка во иницијативата „Појас и пат“, дополнително поттикнувајќи ја практичната соработка во различни области – изјави премиерот Ли Чијанг.

Премиерот Ли Чијанг ја нагласи определбата за понатамошно отворање на Кина/Фото: ЕПА

Кина ќе се отвори пошироко кон надворешниот свет, според извештајот за работата на владата. Ќе бидат вложени напори за проширување на пристапот до кинескиот пазар и отворање на повеќе области, особено во услужниот сектор, се вели во извештајот.

Пробното отворање ќе биде проширено во области како што се телекомуникациските услуги со додадена вредност, биотехнологијата и болниците во целосна странска сопственост оваа година.

Кина исто така ќе продолжи да биде целосно ангажирана во реформата на Светската трговска организација со цел да ја заштити и развива отворената светска економија, според извештајот.

Се очекува континуираното отворање на Кина да создаде значајни можности во повеќе сектори

Годинашните  „Две сесии“ се следени со голем интерес од светските пазари и инвеститорите, бидејќи ги истакнуваат економските приоритети на Кина кои имаат големо влијание врз глобалните економски текови. За бизнисите, инвеститорите и економиите, континуираната отвореност на Кина би можела да обезбеди пристап до еден од најголемите глобални пазари со над 1,4 милијарди луѓе. Кина продолжува да привлекува мултинационални корпорации со што азиската држава во изминатите години е водечка дестинација за странски директни инвестиции, благодарение и на новите реформи што придонесуваат за понатамошното отворање.

– Беа направени нови чекори во реформите и отворањето. Постигнавме солидни придобивки во реформите во клучните области, го забрзавме развојот на обединет национален пазар и продолживме да го прошируваме отворањето со високи стандарди. Беа укинати сите ограничувања за пристап за странски инвестиции во производството. Кина ја зацврсти својата позиција како најголем светски трговец со стоки, а беше постигнат и подлабок и посуштински напредок во висококвалитетната соработка во рамки на иницијативата „Појас и пат“ – посочи премиерот Ли Чијанг.

Се очекува континуираното отворање на Кина да создаде значајни можности во сектори како што се напредното производство, зелената технологија, дигиталните услуги и здравствената заштита.

Платформи како што е Меѓународниот саем за увоз на Кина исто така дополнително ја зајакнаа улогата на земјата како центар за глобална трговија, овозможувајќи им на компаниите од десетици земји пристап до кинескиот пазар и проширување на меѓусебната соработката. А иницијативата „Појас и пат“, исто така придонесе за меѓународно поврзување преку инфраструктурни, трговски и инвестициски партнерства, низ Азија, Африка, Европа, односно и во Македонија.

Зголеменото присуството на странски компании покажува глобална доверба во долгорочните економски перспективи на Кина

Економистите сметаат дека странските компании ќе имаат корист од поголемиот пристап до пазарот и зголемената побарувачка додека Кина продолжува да ја проширува потрошувачката и да ги надградува своите индустрии.

Повеќе мултинационални компании затоа продолжуваат да го прошируваат своето присуство во Кина, особено во високотехнолошкото производство, зелената енергија и напредните услуги. Инфраструктурата, квалификуваната работна сила и капацитетот за иновации на Кина остануваат силни предности што ја прават Кина врвна инвестициска дестинација со поволна бизнис-клима.

Ваквиот тренд одразува глобална доверба во долгорочни економски перспективи на Кина која во текот на изминатите децении ги намалуваше тарифите, го прошируваше пристапот до пазарот и ја унапредуваше својата деловна средина за меѓународните компании.

Преку дополнителни реформи и поширока отвореност, Кина има цел да продолжи да споделува можности за развој со остатокот од светот. Се смета дека потврдувањето на политиката на отворање од страна на Кина на „Двете сесии“ испраќа јасна порака оти меѓународната соработка, поврзаноста и взаемната корист остануваат главни определби во кинеската стратегија за развој.