Обновливите извори, како сонцето и ветерот, се решение за енергетската криза, но проектите за нивно искористување доколку се постават на несоодветни локации, иако се сметаат за еколошки, може да имаат негативно влијание врз луѓето или природата
Како да се зголеми свесноста за важноста на енергетската транзиција со која фосилните горива постепено ќе се заменат со обновливи извори на енергија, водејќи сметка за можните негативни последици врз животната средина и населението.
Токму ова е целта на кампањата наменета за паметно енергетско планирање „Еко енергетска иднина – да ја планираме заедно!“, која ќе ја спроведува Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест”, во соработка со „The Nature Conservancy (TNC)” и Македонската академија на науките и уметностите.
Кампањата „Еко енергетска иднина – Да планираме заедно“ ќе трае три месеци.
– Главната цел на кампањата е да се информираат граѓаните за тековните процеси и нужноста за паметно енергетско планирање низ безбедна и побрза транзиција од фосилни во обновливи извори на енергија со минимално негативно влијание врз природата и луѓето, како и за потребата од соработка меѓу граѓанскиот сектор, Владата, експертите, бизнис секторот и сите релевантни институции-велат од „Еко-свест“.
Оттаму посочуваат дека обновливите извори, како сонцето и ветерот, се решение за енергетската криза, но проектите за нивно искористување доколку се постават на несоодветни локации, иако се сметаат за еколошки, може да имаат негативно влијание врз луѓето или природата.
– При планирањето на фотоволтаиците и ветерниците, исклучително е важно да се води
сметка тие да не се поставуваат на плодна почва, да не се загрозуваат природните ресурси, како водата или шумите, пасиштата, заштитените подрачја, но воедно тие да бидат доволно блиску до корисниците за да се намалат загубите при пренос на електрична енергија. Исто толку, нивното поставување не смее да го загрозува дивиот жив свет. Оттаму, потребно е паметно планирање-додаваат од „Еко-свест“.
Според оваа организација, во рамките на проектот, проектниот конзорциум спроведува првично истражување за најсоодветните и најоптималните површини на земјиште кое може да се употреби за енергетски развој.
– Носењето квалитетни, добро планирани решенија подразбираат вклученост на сите
чинители: Владата, производителите на електрична енергија, граѓанските здруженија,
експертите од областа на енергетиката, заштитата на природата, просторното планирање, управување со земјиштето и природните ресурси, како и сите релевантни институции. Таквите решенија се реализираат полесно, побрзо и со помалку трошоци-заклучуваат од „Еко-свест“.