Фото: Архива

„Нова Македонија“ истражуваше и направи споредба на цените на 11 најбарани артикли низ маркетите во нашата земја, како и низ маркетите во Германија, Франција и во Хрватска, кои се членки на ЕУ. Резултатите од анализата се изненадувачки и зачудувачки, ако разликите во цените на храната се стават и во контекст на висината на просечната плата кај нас и во посочените држави

СПОРЕДБЕНА АНАЛИЗА

Кога Македонците се враќаат од патувањата во светот, најчесто на најблиските им ги прераскажуваат сите работи што ги виделе и доживеале во државите во странство, но она што може да се забележи во туристичките посети е колку храната во странство е поевтина отколку од Македонија.
Прехранбените намирници во големите маркети каде што се врши малопродажба за обичните граѓани во земјите од Европската Унија, како на пример оние во Германија, Франција и во Хрватска, се навистина интересни за споредба со цените кај нас во домашните маркети. И покрај тоа што Европејците имаат повисоки месечни примања отколку оние што живеат во Македонија и подобар животен стандард, некои прехранбени продукти таму се поевтини отколку кај нас.
„Нова Македонија“ истражуваше и направи анализа и споредба на цените на 11 производи во неколку земји од Европа и кај нас. Така, на пример, ги споредивме
малопродажните цени во маркетите во хрватските, германските и во француските продавници, со цените во нашите маркети.
Вкупниот износ за сите 11 производи што ги споредувавме и ги ставивме во нашата кошничка испадна дека е понизок во Европа отколку во Македонија. Или со други зборови, храната е поевтина во Европа отколку кај нас, иако важиме за претежно земјоделска земја со богата традиција во производството на храна.
Инаку, во нашата анализа и компарацијата на цените, изборот е извршен врз идентични производи што се најслични меѓу себе во своите карактеристики, амбалажата итн., со цел да се добие што пообјективна слика за нашата споредбена анализа.

На пример, бананите тешко се споредуваа по марка, па ги избравме најевтините во сите продавници, содржината на маснотии во млекото варира од 3,2 до 3,8 проценти, но тука ги избравме производите со слични карактеристики и перформанси.
За споредба на цените на германските намирници го избравме нивниот синџир „Алди“, ги проверивме француските цени во „Франприкс“, во Хрватска го истраживме синџирот на продавници „Конзум“, а во Македонија цените на продуктите се од синџирите на маркетите „Тинекс“, „Веро“ и „Кам“.
Притоа се обидовме да ги селектираме артиклите што ги купуваат најголемиот број од граѓаните, но и оние чија цена во последно време започна да се движи во нагорна линија.
Откога ја проверивме понудата во сите продавници, изборот се сведе на следните артикли: половина килограм кафе, литар полномасно млеко, литар сончогледово масло, килограм бело брашно, 100 грама чоколадо од брендот „милка“, 1 кг компири, 1 кг пилешки копан со наткопан, 1 кг замрзнати ракчиња, едно пакување од 100 грама тестенини во форма на полжави популарно наречени њоки, еден килограм ориз и еден килограм банани.
Не беше едноставно да се споредат и проверат сите производи, односно дали нивните цени, нутритивната вредност и содржините се поклопуваат, со цел да добиеме аналитичка и веродостојна новинарска опсервација на зададената тема.
По спроведената анализа, општ заклучок е дека храната во Германија и во Франција е за приближно 30 проценти поевтина отколку во Македонија и во Хрватска.
Можеби вистинската слика за разликата во цените на прехранбените намирници може да се добие во целост доколку се изврши и споредба на висината на платите во сите четири држави
Просечната плата во Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика, лани во декември изнесувала 29.145 денари или малку над 470 евра, а за разлика од кај нас, во Хрватска таа изнесува 956 евра или 58.864 денари, во Германија е 2.952 евра или 181.765 денари, а во Франција 2.791 евро или 171.852 денари. Повеќе од очигледно е дека просечната плата во европските држави, во случајот во Германија и во Франција, е неколкукратно повисока отколку во Македонија. Од друга страна, иако со најмали плати, кај нас цената на храната е повисока отколку во Германија, Франција и во Хрватска.

Кога ќе се земат сумите предвид, не е потребно некој да е математички гениј за да заклучи колку помалку хрватските, германските и француските граѓани трошат за набавка на храна, за разлика од македонските граѓани.
Брашното и маслото за јадење се единствените прехранбени продукти од листата што во Македонија се поевтини во споредба со другите држави од регионот и од Западна Европа што се членки на ЕУ. Сѐ друго е поскапо кај нас отколку во Европа.
Најдрастични разлики во цените најдовме кај кафето. Половина килограм мелено кафе во земјите од Западна Европа е за речиси 40 отсто поевтино од сличниот производ во Македонија.
Инаку, според информациите на Европската комисија и нејзините статистички тела меѓу членките во ЕУ, во кој не влегува Македонија, најмногу за храна трошат државите од Балканот, Бугарија, Романија и Хрватска, чии граѓани трошат 44 отсто повеќе за овие намирници од просекот на Унијата.