Во период кога цената на струјата и енергентите е зголемена, нашиот весник се консултира со енергетски експерти како да се намали потрошувачката и граѓаните да заштедат. Тие предлагаат неколку интересни мерки, од кои некои не чинат ништо, туку треба само промена на навиките. Кои се клучните мерки за пониски сметки
ГРАЃАНСКИ ВОДИЧ
Растот на цените на електричната енергија создава голема неизвесност кај граѓаните, кои од овој месец ќе треба да одвојуваат поголема сума пари за да ги намират обврските кон доставувачите на струја, па од тие причини почнуваат сè повеќе да размислуваат и калкулираат како порационално да ја користат електричната енергија. Глобалното поскапување на енергијата, придружено со зголемените цени во малопродажбата, како и растот на цените на нафтените деривати, ги поттикнува граѓаните да бараат алтернативи.
Дилемата што ја има секој граѓанин во овој момент е каде и колку може да ги намали трошоците за електрична енергија, кој уред најмногу троши струја во нивното домаќинство, но и колкави и какви дополнителни финансиски средства ќе треба да се одвојат во иднина за да се намалат сметките за струја.
Домашните енергетски експерти укажуваат кои се првичните мерки што домаќинствата можат да ги преземат за намалување на потрошувачката на струја, но потенцираат и дека домаќинствата мора да се насочат кон подобрување на енергетската ефикасност на своите домови, бидејќи и во иднина ќе се зголемуваат цените на електричната енергија.
– Меѓу првите мерки што можат да ги преземат домаќинствата се, секако, промена на светилките, преминување кон лед-светилки, кои се енергетски ефикасни, трошат помалку енергија, а го постигнуваат истиот ефект. Ефектот со нивната промена исто така може да се почувствува на сметките, но тој ќе биде помал. Генерално, најголем учесник во сметката за струја во нашата земја се грејните тела. Голем дел домаќинства одвојуваат високи сметки за електрична енергија бидејќи се греат на струја, а тоа го прават на разни тела, кои се големи потрошувачи, разни греалки, но и цели системи со котли за загревање куќи се приклучени на струја, поради што сметките се многу високи. Една мерка што не бара дополнителни вложувања е да се исклучи греењето на домовите додека сопствениците се на работа. Секако, јасно е дека ова е изводливо за домови каде што сите одат на работа, значи каде што никој не останува во домот, што само по себе е проблематично за во нашата средина, каде што повозрасните лица, како пензионерите, обично се дома и затоплувањето им е неопходно – објаснува универзитетскиот професор Славе Арменски.
Арменски посочува дека големо намалување во сметките за струја граѓаните што се греат со електрична енергија ќе почувствуваат доколку преминат на инвертер-клими, со кои потрошувачката на енергија е четири пати помала, а сепак домовите се загреваат слично како и со други грејни тела.
– Загревањето на домовите со инвертери значително ќе ги намали сметките за струја, бидејќи се значително помали потрошувачи на енергија. Сепак, за вакви заштеди граѓаните ќе треба да инвестираат дополнително, но не би требало да е тоа голем трошок, или може да биде трошок за кој би добиле субвенции како што едно време се делеа од Град Скопје. Од друга страна, ако некое домаќинство е во можност за дополнителни инвестиции, кои реално не се секаде опција, тогаш долгорочна заштеда на потрошувачката на струја може да се постигне и со инвестиции во фасадите, ставање дополнителна заштита, или обнова на постојната, замена на прозорци, покрив и други мерки. Сепак, ова се сериозни инвестиции, кои не може да ги направи секое домаќинство – вели Арменски.
Професорот посочува дека во домаќинствата големи потрошувачи на струја се и бојлерите за загревање вода, па затоа предлага оние што можат, како што се сопствениците на куќи, да вложат во системи за користење на сонцето со кои се загрева вода, особено корисно за периодот од март до октомври. Притоа, тој потенцира дека за да се поттикнат овие инвестиции, државата треба да го зголеми обемот на субвенционирање, за да мотивира што поголем број домаќинства да поставуваат такви системи.
– Треба да се поттикнуваат инвестиции во сончеви колектори за загревање вода во домаќинствата, особено за куќите каде што има можности на покривите да се постават такви системи. Од друга страна, сега има можности и тоа го прават компании во земјава, да се поставуваат системи што истовремено и ќе загреваат вода за домаќинствата, но и ќе им произведува електрична енергија, која е во помал обем, но доволно за да се намалат трошоците. Доколку се постават системи само за загревање вода, трошоците во домаќинствата може да се преполоват, бидејќи бојлерите се големи потрошувачи на струја. Но ваквите инвестиции се изводливи само во куќи, не и во становите, чии сопственици треба да бараат други начини за намалување на сметките – посочува професорот Арменски и додава дека домовите можат да ја намалат потрошувачката на електрична енергија и со користење пропан бутан, или попознат меѓу граѓаните како плин во секојдневието, особено во готвењето.
Според него, и покрај поскапувањето на топлинската енергија, неопходно е новите станбени објекти секогаш да се приклучуваат на парно греење, кое со помасовна употреба е најисплатливо. Тој укажува дека голем дел од новите станбени објекти е без оџаци и без приклучок на топлинската мрежа, што, според него, е погрешно, бидејќи тие стануваат потрошувачи на струја што значително ја зголемуваат побарувачката во зимскиот период.
Слично на него, и професорот Константин Димитров укажува дека еден од најевтините начини за намалување на потрошувачката на струја е преку замена на електричните светилки со лед-светилки, кои трошат помалку. Димитров потенцира дека има многу начини за намалување на потрошувачката, но додава дека сè зависи од можноста на домаќинството за инвестиции.
– Може да се штеди на многу начини, еден е промена на светилките, додека со замена на белата техника во домаќинствата заштедите може да бидат многу поголеми. Исто така, за намалување на сметките, без дополнителни инвестиции, може да се посвети поголемо внимание на вклучувањето на бојлерите во домаќинствата. Да не се загрева вода секој ден, туку неколку дена во неделата и максимално да се искористи затоплената вода. Потоа да се користи максимално дозволениот капацитет на машините за перење алишта, да не се пуштаат полупразни машини. Доколку имаат можности или мораат да заменат дел од домашните елементи, граѓаните треба да избираат производи што штедат повеќе. Сепак, најголема заштеда се постигнува со мерките за енергетска ефикасност, подобрување на фасадата или замена на прозорците со понови и подобри изолатори, квалитетна изолација на покривите – посочува Димитров.
Енергетските експерти укажуваат дека заштедата на енергија во едно домаќинство зависи од повеќе фактори, почнувајќи од состојбата на објектите, начинот на загревање, па до апаратите што се користат во домовите. Тие посочуваат дека досегашните анализи покажале дека со подобрување на енергетската ефикасност во домовите, трошоците може да се намалат и до 40 отсто.
Цените на електричната енергија во земјава во следниот период ќе растат и со самиот раст на данокот на ДДВ, кој од пет отсто, колку што изнесува овој период, повторно ќе се врати на 18 отсто во 2023 година. Дополнително, на светско ниво исто така не се најавува скорашно стабилизирање на ценовниот притисок, а енергетичарите укажуваат дека цените на електричната енергија ќе останат на сегашните нивоа, односно не очекуваат враќање на цените како пред кризата.
Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) предупреди дека побарувачката на енергија може да донесе уште три години нестабилност на пазарот. Најголем пораст на побарувачката на електрична енергија, според ИЕА, е забележан минатата година, поради што имало недостиг во главните економии и историски висок скок на цените. Во годишниот извештај наведуваат дека ваквата состојба би можела да трае во следните три години, со сериозни последици за потрошувачите и економијата, доколку нема брзи структурни промени во производството.