Финансирањето на општините долга низа години се провлекува како хроничен проблем за чие надминување има различни ставови во експертската јавност. Кои се моделите и решенијата што ќе овозможат самоодржливи и финансиски постабилни општини, кои нема да зависат само од помошта од централната власт туку истовремено ќе генерираат и сопствени повисоки приходи во функција на раст на економијата и реализација на проектите во интерес на граѓаните?
ФИНАНСИРАЊЕТО НА ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА НЕРЕШЛИВА ЕНИГМА
Економската криза предизвикана од пандемијата, недостигот од енергенти и ценовните шокови, дополнета и со последиците од руско-украинскиот конфликт ги стигна и општините во Македонија. Сметките на општините од година на година стануваат сѐ подебели и тонат во долгови и во ненамирени обврски, а енергетската криза уште толку им зададе удар. Општините бараат финансиска инјекција од државата за да можат да бидат постабилни. Но економските експерти, пак, не отстапуваат од ставот дека државата треба да ги дисциплинира оние што работат недомаќински и тие да не бидат целосно на товар на централниот буџет. Прашањето е колку е можно општините да бидат самоодржливи, да издадат еврообврзница и на тој начин да го решат проблемот, да не зависат целосно од власта.
Според Благица Петрески, директорка на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, енергетската криза ги погоди сите, вклучувајќи ги и општините, а тие се во голема мера зависни од централниот буџет.
– Прво, имаат мал капацитет за генерирање сопствени приходи, и второ, имаат пренесени надлежности, како што се образование и детски градинки, за кои примаат блок-трансфери. Оттука, потребно е во клучот за пресметка на блок-трансферите да се земат предвид и промените на цената на енергентите. Сепак, бланко-покривање долгови, предизвикува морален хазард кај општините, и ја зголемува и онака високата зависност од централниот буџет. Затоа, потребно е поддршката да биде со специфична намена, но исто така, да биде условена од целосно елиминирање на непродуктивните трошоци на Општината – смета Петрески.
Како што вели таа, тоа значи дека ако една општина добие поддршка за покривање на вишокот трошоци за електрична енергија за институциите од пренесените надлежности, да нема можност општината да ги троши другите средства што се на располагање за набавки и услуги што се неесенцијални (вклучувајќи и лесни возила).
– На ваков начин ќе се помогнат општините што се навистина засегнати, но ќе се осигури и рационално трошење на нивните средства во услови на криза. Секако, потребно е да се размислува за поддршка во инвестиции во општините што ќе им овозможат поголема самоодржливост во делот на сопствено производство на електрична енергија од обновливи извори – укажува Петрески.
Економскиот аналитичар Здравко Савески истакна дека од почетокот на пандемијата, барањата за финансиска помош од државата доживеаја инфлација.
– Финансиска помош бараат општини, комори, земјоделци, работници, здруженија, институции и власта е доста издашна во давањето. Се разбира, тоа енормно го зголеми јавниот долг, кој за само две години скокна за речиси 30 отсто, од 5,5 милијарди евра во 2019 на 7,1 милијарди евра во 2021 година, а тоа се случи со поддршка на ММФ и Светската банка. Веројатно тоа ја одразува промената на перцепцијата на долгот на државите од страна на глобалните финансиски институции, па сумата на задолжување станува секундарна и е доволно само сервисирањето на долговите. Но ваквиот нов однос кон долгот на државите, што ним им овозможи издашност во доделувањето финансиска помош, само долеа масло на огнот на инфлацијата – објаснува Савески.
Секоја институција и секоја општина, потенцира тој, која е посветена на домаќинско работење, прво самата гледа како да ги редуцира, па и да ги анулира непотребните издатоци, а дури потоа има образ да бара помош однадвор.
– Кај нас, ова е далеку од реалност. Општините очигледно сметаат дека е легитимно да побараат помош без разлика дали ја завршиле домашната задача или не. Во ситуација кога власта очигледно има зелено светло од глобалните финансиски центри да се задолжува, далеку е полесно јазот во финансиите да се пополни преку барање помош од државата и продолжување со недомаќинските практики – споменува Савески.
Надлежните од Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија (ЗЕЛС), пак, велат дека општините бараат изнаоѓање заеднички решенија за излез од состојбите во кои се доведени поради континуиран долгогодишен лош однос кон локалната власт, најмногу во поглед на нивното финансирање.
– Ако се има предвид дека од ДДВ општините добиваат 4,5 отсто (порано беше и 3 отсто), од персоналниот данок 3 отсто, како и минимални и недоволни финансиски средства од блок-дотациите за извршување на надлежностите: образование, социјала, култура, противпожарни единици повеќе од очигледно е во каква финансиска кондиција се наоѓаат општините. Како пример ќе посочиме дека од блок-дотациите што општините ги добиваат за основното образование од 80 до 90 отсто одат за плати на наставниците, па останува евентуално да се набави потрошен материјал за секое одделение, односно училиште. Во оваа област општините трошат и огромни средства за поправки на училиштата (а капиталните инвестиции не се префрлени на општините, туку сѐ уште се под надлежност на централната власт), каде што со децении пред почетокот на децентрализацијата не се направени никакви зафати. Општините го спроведуваат тоа од сопствени средства, без поддршка од централната власт – нагласуваат од ЗЕЛС.
Според Европската повелба за локалната самоуправа, оттаму потенцираат дека секоја префрлена надлежност од централно на локално ниво треба да биде проследена со префрлање соодветни средства за нивно спроведување.
– Кај нас тоа не беше случај, ниту на почетокот на имплементацијата на децентрализацијата во 2005 година кога се случи општините да добијат 40 отсто помалку средства за спроведување на надлежноста во образованието отколку што дотогаш трошела државата. Многу општини тогаш наследија и огромни долгови (особено во делот на денационализацијата) и последиците ги трпат сѐ уште преку исплаќање високи камати на долгот – појаснуваат од ЗЕЛС.
Според нив, општините не бараат помош, туку бараат соодветно финансирање и обезбедување поголема финансиска стабилност за општините и овие залагања во континуитет ѝ се укажуваат на централната власт, укажуваат од ЗЕЛС, но подобрувањето оди во минимални чекори, што не може да ги следи ниту ценовните промени што во меѓувреме се случуваат на домашен и на глобален пазар.
– И со предлог-измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа (што е во собраниска процедура), каде што се предвидува скалесто во следните три години зафаќањето од ДДВ да се зголемува за 0,5 отсто, а од персоналниот данок зголемувањето да оди за по 1 отсто повеќе во следните три години, не може ни приближно да се обезбеди финансиска самостојност на локалната власт – истакнуваат надлежните од ЗЕЛС.
Тие посочуваат дека овие средства и понатаму не можат да им помогнат на општините, односно не се доволни. За тоа има доставено и барање до Владата, во кое се залага општините да добиваат 10 отсто од зафаќањето од ДДВ и 0,5 отсто од персоналниот данок, како и соодветна висина на средствата во блок-дотациите.
– Додека, пак, во делот на издавање еврообврзница, запознаени сме само со општинската обврзница, како можност за општините. Гарантот треба да е државата, но претходно треба за нејзиното издавање да одобри Советот на општината, а потоа да се добие позитивно мислење од Министерството за финансии – додаваат од ЗЕЛС.