Фото: Дарко Андоновски

Зошто македонските компании имаат тешкотии при изградбата на препознатлив бренд? Дали причините лежат во немањето искуство, немањето доволно финансии, малиот пазар…? Иако експертите се согласни дека градењето препознатлив бренд не е лесен процес за компаниите, бидејќи бара посветеност, дополнителни трошоци, искусен кадар, истрајност и желба, сепак, тие истакнуваат оти тоа е неопходно заради успех како на домашниот така и на странските пазари

Голем број производи и производители, но малку брендови, ја карактеризираат македонската економија. Иако експертите постојано посочуваат дека со градење брендови македонските компании ќе можат да ја зголемат вредноста на своите производи, сепак, малку од нив се издвојуваат како препознатливи. Зошто македонските компании имаат тешкотии при изградбата на препознатлив бренд? Дали причините лежат во немањето искуство, немањето доволно финансии, малиот пазар…?

– На нашиот пазар се присутни голем број произведувачи на разни производи, но само неколку од нив се истакнуваат на конкурентното поле. Тоа значи дека македонските компании поради разни причини, економски, општествени, политички и слично, не успеваат со своите производи да направат препознатлив бренд како на нашиот така и на странските пазари – вели професорката Ленче Петреска од меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“.

Петреска истакна дека градењето препознатлив бренд не е лесен процес за компаниите, бидејќи бара посветеност, дополнителни трошоци, искусен кадар и нормално истрајност и желба. Професорката нагласи дека потрошувачите се многу специфична категорија, кои градат одредена лојалност кон производите и нивното задоволство е пресуден фактор во градењето на брендот.

– За настап на странски пазари мора да се биде комплетно подготвен. Приоритетно е да се направи анализа на пазарот, да се испита законската регулатива на земјата во која ќе се извезува, потрошувачите и конкуренцијата на тој пазар. Компанијата мора да биде иновативна и тоа не само во областа на производството и квалитетот на производот, туку и во областите на начинот на промовирање и градење бренд што на современиот пазар може да одигра клучна улога за потрошувачот да се определи токму за тој бренд. Новитетите добиваат значително поголемо внимание од публиката во споредба со оние што копираат иноватори – кажа Петреска.

Професорката посочи дека иако имаме многу малку македонски брендови на нашиот пазар, а уште полоша е состојбата со настап на странските пазари, сепак, имаме и компании што успешно работеа изминатите години на градењето бренд. Таа додава дека таквите македонски брендови имаат голем квалитет и успех што е одржуван со години благодарение на бренд-името, довербата, навремениот повратен ефект и високиот квалитет како круцијални елементи на успехот.

– Точно е дека од Македонија има излезено малку брендови што се познати кај нас, а уште помалку има такви што се светски препознатливи. Причината е нашиот мал пазар, а на светските пазари честопати нашите компании работат производи под други брендови. Ретко која наша компанија ќе одбие соработка со странски купувач ако условот е производот да го носи името на странскиот бренд. Ова е така поради фактот што влезот на странските пазари најчесто е спречуван со разни бесцарински бариери и на ваков начин нашите производители полесно продаваат на странските пазари – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија.
Димитров истакнува дека малиот пазар и малата финансиска моќ на нашите компании се едни од причините поради кои македонските компании немаат доволно средства за да вложуваат во сопствениот бренд.

– Секако има и други причини како што е непознавањето на странските пазари, големата конкуренција, која владее на овие пазари, и практиката на нашите бизнисмени да го зголемат обемот на производство и продажба па макар под туѓ бренд само што подобро да ги искористат капацитетите. Моќта на компаниите, секако, доаѓа со обемот на производството и обртот, а најдобар показател за тоа е споредбата на нашите 10 најголеми претпријатија со првите десет од некоја друга држава. На пример компанијата „Петрол“ од Љубљана има еднаков вкупен приход како нашите десет најголеми компании, вкупниот приход на „Ина“ од Загреб е за 30 отсто поголем од вкупен приход на нашите десет најголеми компании – истакнува Димитров.

Тој додава дека големите светски брендови вложуваат огромни средства во реклама и други маркетиншки активности за да може да го изградат брендот и да го одржат на пазарот, а истовремено мораат да го одржат квалитетот на производите.

– Денес воопшто не е лесно да се формира бренд-идентитет со оглед на конкурентните услови на пазарот. Реномиран бренд го олеснува изборот и купувањето на производот, придонесува кон задоволство и искуство на купувачот, нуди одреден вид гаранција за купувачот и ги задоволува потребите на целните потрошувачи. Знаењето и технологијата, посветеноста кон потрошувачите и континуираното вложување во изградбата на квалитетни производи и услуги се предуслов за силни и далеку препознатливи брендови. Генерално, ова се основите на кои компаниите во Македонија треба да градат доверба и однос со потрошувачите преку што ќе ја засилат својата позиција на пазарот, и најважно од сѐ ќе се потрудат да ја задржат истата таа – нагласи професорката Петревска.

Таа додаде дека друг фактор што е еднакво важен и директно влијае на успехот на една компанија е и ефектот на промотивната кампања како и комбинацијата на медиуми, која овозможува опфаќање повеќе сегменти на потрошувачи како целна група.

– Мошне важна улога игра и процената на трошоците, кои евентуално би можеле да настанат поради новите видови промоции и процената на ефектот што би се добил со таков вид промоција. Тие ефекти може да се јават во облик на зголемување на продажбата и профитот и на придобивање нови сегменти на потрошувачи – заклучи Петреска.


Како до препознатливоста?

Кога зборуваме за градење успешен бренд и што сѐ е потребно за да се изгради тој, можеме да кажеме дека во модерно време брендот ги подразбира долгорочниот однос, односно врската, или приврзаноста кон производот и понудувачот на истиот тој. Покрај основните елементи на идентитетот на брендот, кои се селектирани од претпријатието, вистинското претставување и постоењето на брендот подразбираат и одредено ниво на свесност, перцепција, репутација, истакнатост и издвојување во однос на сличните производи на пазарот, така како што е доживеан од потрошувачите – појаснува професорката Ленче Петреска од Меѓународниот славјански универзитет.

– Брендот „теоретски“ се состои од име или знак на брендот како и од други елементи и активности што производителите им ги доделуваат на некои производи, услуги или идеи за да се разликуваат тие на пазарот по нивната единственост или во споредба со нивните конкурентски претпријатија. Ако застанаме за момент и помислиме што значи „брендот“ за компаниите, нема сомневање дека на памет ни паѓаат одредени производи, имиња на брендови, логотипи, па дури и џинглови. Многу мислат дека тука е крајот кога станува збор за дефинирањето на брендовите. Се поставува прашањето што е со чувствата и со асоцијациите поврзани со тие производи, брендови или претпријатија. Потребно е да знаеме дека брендот не може да се изгради со едноставен адвертајзинг, туку напротив, тоа е сложен процес, кој бара време, средства и упорност. Ако го прифатите концептот на брендот како ветување дадено на потрошувачите, очигледно е дека тој не може да опстане доколку постојано не го исполнува даденото ветување – објаснува Петреска.

Честопати кога се настапува на одреден целен пазар има слични производи. Брендот е тој што овозможува тие да почнат да се разликуваат и со право може да се каже дека брендот е моќно оружје за пазарен успех. Кога еден производ има бренд за него може да се формира повисока цена на пазарот со што се овозможува остварување поголем профит за претпријатието. Брендовите треба да се сфатат како добра основа за успех на пазарите. Креирањето на брендовите овозможува креирање на разликите меѓу производите и на тој начин посебен однос на потрошувачите кон тој бренд. Потрошувачите имаат активен однос кон брендовите, бидејќи тие им помагаат во донесувањето на одлуката за купување.

– Брендот сам по себе значи сигурност, а негова основна карактеристика е гаранцијата за константен квалитет што е препознатлив на пазарот. Покрај квалитетот треба да се додадат и други вредности како што се ниска цена, брза услуга, потеклото на производот… што се важни за потрошувачот, но сепак квалитетот е најголемото задоволство – додаде професорката.

Фото: Дарко Андоновски