Последните податоци на Министерството за финансии велат дека на крајот на минатата година јавниот долг достигнал 7,1 милијарди евра, или 60,8 отсто од бруто-домашниот производ. Од земјите во соседството, најзадолжена е Грција, со 200,7 отсто од БДП, а најмалку задолжена Бугарија, со 24,2 отсто од БДП
Справувањето со пандемијата и проблемите што настанаа низ земјите во соседството и пошироко беа причина за зголемување на долгот на државите. Македонија за покривање на зголемените трошоци од почетокот на пандемијата, кога се соочивме и со пад на БДП поради рестриктивните мерки, исто така го зголеми својот јавен дол.
Последните податоци на Министерството за финансии велат дека на крајот на минатата година јавниот долг достигнал 7,1 милијарди евра, или 60,8 отсто од бруто-домашниот производ. Државниот долг, пак, изнесува 6 милијарди евра, или во проценти 51,8 отсто од БДП.
Пандемијата беше причина за раст на jавниот долг и во соседна Албанија, каде што на крајот на 2021 година долгот достигнал рекордно ниво од 80,1 отсто од БДП. Како што пишуваат тамошните медиуми, растот на долгот меѓу другото, споредено со претходната година, кога овој показател изнесувал 77,8 отсто, е последица и на издадената еврообврзница од 650 милиони евра.
Северниот сосед, Србија, за разлика од нас, бележи намалување на јавниот долг, кој на крајот од јануари 2022 година изнесувал 30,58 милијарди евра, или 51,8 отсто од БДП. Тамошното министерство за финансии посочува дека на крајот на 2021 година, јавниот долг бил 30,13 милијарди евра, или 56,5 проценти од БДП.
Еден од најголемите јавни долгови во соседството е на соседна Грција, каде што според податоците на „Евростат“ задолженоста достигнала дури 200,7 отсто од БДП. Од друга страна, нашиот источен сосед, Бугарија, има меѓу најмалите стапки на задолжување и нејзиниот јавен долг во третиот квартал од минатата година бил само 24,2 отсто од БДП.
Домашните експерти укажуваат дека не е важна само висината на долгот туку целите за кои се искористени позајмените средства и плановите за нивно враќање.
Професорот Абдулменаф Беџети од Универзитетот на Југоисточна Европа вели дека оптималното ниво на долгот е околу 53 отсто и дека од 2017 до 2020 година јавниот долг се движел во границите од 50 отсто од БДП.
– Просторот што постоеше до 2008 година, кога јавниот долг изнесуваше околу 26 отсто од БДП, „се потроши“ за шест-седум години преку проектот „Скопје 2014“. Некои економисти ја квалификуваат оваа висина на јавниот долг како умерена, но нашите научни анализи за оптималното ниво на јавниот долг покажуваат дека прагот на позитивна корелација помеѓу долгот и растот изнесува околу 53 отсто. Имено, овој резултат се совпаѓа и со сознанијата во истражувањата, врз основа на кои јавниот долг на земјите во развој треба да изнесува околу половина од оној во развиените земји, кој, пак, според врвните светски економисти, е утврден помеѓу 90 и 100 отсто од БДП – посочува Беџети. Според него, проблемот не е само во висината на долгот туку во тоа за што се искористени парите од задолжувањата, бидејќи со непродуктивни трошења, Македонија од поодамна е во опасна зона на задолженост, додавајќи дека мора да се фокусираме на приоритетни и капитални проекти.
Во согласност со последните податоци на „Евростат“, европскиот статистички центар, во третото тримесечје од 2021 година државниот долг се намалил на 97,7 проценти од бруто-домашниот производ (БДП) во еврозоната.
– На крајот на третиот квартал од 2021 година, односот на државниот долг кон БДП во еврозоната изнесуваше 97,7 отсто, во споредба со 98,3 проценти на крајот на вториот квартал од 2021 година. Во Европската Унија исто така има намалување на долгот од 90,9 отсто на 90,1 проценти. И за еврозоната и за ЕУ, намалувањето на односот на државниот долг на крајот на третиот квартал се должи на зголемувањето на БДП, додека долгот продолжи да се зголемува поради потребите за финансирање на мерките на политиките усвоени за да се ублажи економското и социјалното влијание на пандемијата на коронавирус. Споредено со третиот квартал од 2020 година, односот на државниот долг кон БДП се зголеми и во еврозоната (од 96,6 на 97,7 отсто) и во ЕУ (од 89,2 до 90,1 отсто) – се наведува во соопштението на „Евростат“.
Од податоците што ги објавува оваа институција може да се забележи дека највисоки стапки на државниот долг на крајот на третиот квартал од 2021 година се забележани во Грција (200,7 отсто), Италија (155,3 отсто), Португалија (130,5 отсто), Шпанија (121,8 отсто), Франција (116,0 отсто), Белгија (111,4 отсто) и Кипар (109,6 отсто). Од друга страна, меѓу земјите со најниски стапки на задолженост се Естонија (19,6 отсто), Бугарија (24,2 отсто) и Луксембург (25,3 отсто).
Од податоците што ги објавува „Евростат“ може да се забележи дека долгот на Хрватска опфаќа 82,4 отсто од БДП, додека пак Германија има долг од 69,4 отсто од БДП. Додека, пак, задолженоста на Словенија опфаќа 79,6 отсто од БДП.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов укажува оти со покачувањето на цените на енергентите, што беше случај изминатиов период, нашите трошоци се зголемуваат, и како граѓани и како држава.
– Владата интервенира, но доколку не заврши војната наскоро, енергентите уште повеќе ќе поскапуваат, а нашите трошоци ќе се зголемуваат. За просечниот граѓанин на нашата земја поголема е веројатноста дека животниот стандард ќе се влоши поради случувањата во Украина. Единствено што може да се надеваме е тој удар да не биде многу голем. Владата може и треба да презема мерки за да го ублажи ударот, но она што ме плаши е што просторот за интервенции е многу ограничен. Оваа криза доаѓа по двегодишната здравствена криза, па следуваше и економската криза, при што Владата цело време дејствуваше со разни пакет мерки, поради што ресурсите на Владата за дејствување се мали. Дополнително и задолженоста порасна, можностите за задолжување се ограничени, а дополнително во услови на војна не се позајмува од странство, бидејќи каматите ќе бидат високи. Тука мерките се ограничени, но Владата мора добро да обработи на полето на макрофинансиската стабилност, за да спречи да дојде до хиперинфлација. Има начини како се прави тоа – објаснува Узунов.
Автори: Катерина Михајлова Петранка Огнаноска