Осврт кон историската пресуда за поранешниот француски претседател Никола Саркози (4)
„Нова Македонија“ преку својот дописник од Франција, Тони Гламчевски, во неколку продолженија за своите читатели од прва рака ќе ги пренесе атмосферата, фактичката состојба и впечатоците на нашиот новинар поврзани со историскиот судски процес во Франција: Државата против Никола Саркози, поранешен претседател на Петтата Република. Тој беше обвинет за 68 противправни поведенија, прекршоци и кривични дела, од кои се издвојуваат три кривични дела со исклучителна кривичноправна тежина: „корупција, примање украдени јавни средства и нелегално финансирање на кампањата“. Историскиот процес е мошне значаен и за нашиот правосуден систем за подлабоко да го анализира, особено во делот на неселективноста и принципот дека пред правдата сите граѓани се еднакви, а во судско-обвинителскиот дел, случајот „Саркози“ особено да ги охрабри во правораздавањето за да го расчистат напластениот баласт во нашата држава, почнувајќи од извршените воени злосторства, вклучувајќи ги и велепредавствата сторени за кршење на Уставот, донесување противуставни закони и потпишување меѓународни договори спротивни на националните интереси. Денес ви го претставуваме четвртото продолжение
- „Ел мундо“ од Шпанија истакнува дека ова е третпат Никола Саркози да биде осуден. Весникот забележува дека „на поранешниот претседател веќе му е одземен орденот на Легијата на честа, како на маршалот Петен“…
Иако малкумина странски политички лидери коментираа за пресудата на поранешниот француски претседател Никола Саркози, многу печатени медиуми дадоа своја анализа, во која главно ја потенцираа пресудата како историски момент.
Германскиот весник „Зидојче цајтунг“ го нарекува затворањето на еден поранешен претседател „историски момент“. Затворската казна го шокираше „Њујорк тајмс“. Американскиот весник ја опиша како „строга казна што малкумина ја очекуваа; без преседан во модерната француска историја“.
– Оваа пресуда можеби е најтешкиот удар врз наследството на Никола Саркози – напиша дописникот на „Њујорк тајмс“ од Париз, забележувајќи ги зборовите на судијата во врска со обвинетиот: „исклучително сериозен чин“, кој веројатно ќе „ја поткопа довербата на граѓаните во оние (избраните) што ги претставуваат“.
Британски „Гардијан“ ги истакна зборовите на Никола Саркози, кој поднесе жалба на пресудата: „Ќе спијам во затвор, но со крената глава. Јас сум невин“. Швајцарскиот медиум „Блик“ се фокусира на обвинението „криминален заговор“.
– Криминал е зборот што боли – забележува нашиот колега Ричард Верли… Тој ги наведува синонимите, на секојдневен јазик: „деликвентен, криминалец или измамник“.
„Блик“, исто така, истакнува дека Никола Саркози бил ослободен од обвиненијата за корупција: „Виновен, но не и корумпиран“, резимира швајцарскиот медиум.
Затоа, забележуваме своевидна вчудовиденост во странскиот печат по осудувањето на Никола Саркози. Но другите весници се помалку изненадени од оваа пресуда…
Како „Ел мундо“, во Шпанија, кој истакнува дека ова е третпат Никола Саркози да биде осуден. Централно-десничарскиот весник, исто така, забележува дека „на поранешниот претседател веќе му е одземен орденот на Легијата на честа, како на маршалот Петен“.
„Ла либре белжик“, од своја страна, избра да се фокусира на друга епизода: ставот на Карла Бруни додека ја напушташе порано судницата.
– Многу вознемирена, поранешната прва дама го искина сунѓерот од микрофонот на Медијапарт пред да го фрли на земја – објавува белгискиот весник. Карла Бруни е опишана како „горда, напаѓајќи го медиумот што ја откри аферата“. Карла Бруни исто така е на насловната страница на британскиот таблоид „Сан“, конкретно на веб-страницата, покрај нејзиниот сопруг, со остар наслов: „Саркози во кафез“.
Во Бразил, заземан е поинаков агол. „Газета до пово“ ги наведува политичките лидери што се осудени на суд: Никола Саркози се појавува покрај американскиот претседател Доналд Трамп и поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони.
– Дури и осудени, тие го задржаа политичкото влијание – наведува овој конзервативен весник, поддржувач на Жаир Болсонаро, поранешниот бразилски претседател, кој исто така е осуден.
Меѓу редовите читаме и предвидувања за иднината на Саркози, односно што го очекува поранешниот француски претседател?
Италијанска „Република“ забележува дека „него продолжуваат да го консултираат француските лидери, вклучувајќи ги Емануел Макрон и премиерот Себастијан Лекорну, и покрај тежината на законските казни“.
Напади и смртни закани врз судијата што ја изрече пресудата
Судиите се личности што треба да бидат од посебен ков:
Праведни, храбри, морални, етични…
Две истраги се отворени по „заканувачките пораки“ насочени кон парискиот судија што го осуди поранешниот претседател на пет години затвор, со непосредно затворање. Парискиот судија што го осуди Никола Саркози на пет години затвор се соочува со закани, поради што со задоцнета реакција се огласи Елисејската палата.
– Владеењето на правото е основа на нашата демократија. Независноста на судството, неговата непристрасност и заштитата на судиите што изрекуваат казни се нејзините основни столбови. Нападите и заканите со смрт, и минатите и неодамнешните, против неколку судии се неприфатливи; затоа ги замолив министерот за правда и министерот за внатрешни работи, штом се случија, нивните сторители да бидат идентификувани за да можат да бидат гонети што е можно побрзо. Судските одлуки може да се коментираат или критикуваат во јавна дебата, но секогаш со почит кон сите! Ова е изјава на актуелниот претседател на француската република.
Пред оваа изјава, Синдикатот на магистрати го осуди „оглушувачкото“ молчење на претседателот Емануел Макрон во врска со заканите кон претседателот на судот. Според членот 64 од Уставот, претседателот на Франција е гарант на независноста на судството. Во оваа мисија му помага Високиот судски совет, кој во саботата „силно ги осуди заканите и личните напади насочени кон доведување во прашање на непристрасноста на судиите“ што го осудија Саркози.
Парискиот кривичен суд го осуди Никола Саркози на пет години затвор со непосредна казна затоа што „им дозволил на своите најблиски“ соработници да вршат агитација за Либија за време на власта на Моамер Гадафи за да ја финансираат неговата успешна кампања во 2007 година.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција
Крај