Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека денеска, 1 април 2026 година, истекува рокот за инвеститорите да поднесат иницијативи до општините за вклучување на енергетски објекти со инсталирана моќност под 1 мегават во општинските енергетски планови.
Согласно законската регулатива, сите пристигнати иницијативи ќе бидат разгледани од страна на единиците на локалната самоуправа, кои имаат обврска да ги вклучат во своите планови и да ги достават до Министерството најдоцна до 15 мај 2026 година, за понатамошна постапка и добивање согласност.
Воедно, од Министерството потсетуваат дека рокот за поднесување иницијативи за енергетски објекти со инсталирана моќност од 1 мегават или повеќе, кои се доставуваат директно до институцијата, истекува на 1 јуни 2026 година.
Во изминатиот период, Министерството работеше на зајакнување на капацитетите на општините за спроведување на законските обврски. Во таа насока, на 23 март во соработка со ЗЕЛС беше организирана обука за претставници од општините, на која беа презентирани правилата и методологијата за изработка на општинските енергетски планови.
Од Министерството нагласуваат дека остануваат посветени на поддршка на општините и инвеститорите, со цел да се обезбеди транспарентен и ефикасен процес во развојот на енергетскиот сектор.
За дополнителни информации, заинтересираните можат да се обратат на официјалните електронски адреси на Министерството.































