Треба првин да ги видиме понудите, да ги добиеме условите, да испроектираме, па потоа да зборуваме дали е исплатливо или не, рече министерката Гордана Димитриеска Кочоска во одговор на прашање од пратеникот Елми Азири на денешната собраниска седница во однос на износот од 1,9 милијарди евра за градењето на брзата пруга од Табановце до Гевгелија.
Азири кој е дел од коалицијата Европски фронт од говорницата напомена дека има експертски тврдења кои укажуваат дека овој проект ќе чини двојно повеќе и нема економска оправданост. Според Азири, вложувањето кое ќе биде дел од меморандумот со Обединетото кралство нема да биде доволно, со оглед на како што рече, се очекуваат приходи од 120 милиони евра.
Министерката за финансии Димитриеска Кочоска напомена дека проектите за кои пратеникот прашува се ингеренции на Министерството за транспорт и врски, но посочи дека опцијата за реконструкција на постоечката пруга ќе го стопираше транспортот во рок од пет години и компаниите кои ја користат ќе биле принудени да бараат други и поскапи решенија.
– Во континуитет зборувате за износот за кој вие велите дека ќе биде поголем од две милијарди евра, наместо да посочите кои се тие критични точки. Министерството за финансии се договори и направи дека ќе биде проектно финансирана. Нашата обврска е да ги приспособува годините на финансирање, отплатата, грејс периодот, од повлекување на средствата, кога ќе се создаваат првите приходи и колкав период е потребен за да се отплати – рече Димитриеска Кочоска.
Таа во одговорот на пратеничкото прашање посочи дека од тие причини се испратени барања за понуди до 24 институции и кои пројавиле голем интерес и како што потенцира, можно е рокот за доставување на понудите да биде продолжен.
– Никој нема да влезе во таква авантура ако има опасност од ризици кога станува збор за проектно финансирање. Треба првин да ги видиме понудите, да ги добиеме условите, да испроектираме, па потоа да зборуваме дали е исплатливо или не,- рече министерката за финансии.
Димитриеска Кочоска негираше дека досега изнела податок околу можниот профит од 120 милиони евра кои ЈП „Железници“ би ги остварувало со транспорт и користење на новата пруга.
Во процесот на разгледување на проектната документација, за покажување интерес за финансирање на проектот за изградба на брза пруга долж Коридорот 10, има 24 субјекти. Од нив, 22 банки добија официјално барање за доставување понуда. Дополнително, уште две банки – НЛБ Словенија и една банка од Дубаи – покажаа интерес.