Интервју со Никола Јошевски, генерален директор на „СН финансии“
Македонија има добри шанси да парира на глобалниот пазар, со новите дигитални технологии, и таа шанса треба да се искористи
Импресиите од „Лонгест бизнис пич маратон“ ги пренесува и Никола Јошевски, човек што бележел значајни деловни успеси во САД, но, сепак, се враќа во Македонија, каде што неколку години води своја успешна финтек-компанија. „СН финансии“ е првата финтек-компанија во Македонија основана пред пет години со домашен капитал и за мошне кратко време одлично се позиционира на пазарот, каде што изгради имиџ на брз и квалитетен сервис на полето на кредитирањето, платежните картички, издавањето гаранции, како и факторинг.
Која е вашата мотивација за вклучување во настанот за постигнување на светскиот гинисов рекорд за најдолг бизнис-маратон?
– Ваквите настани се важни за домашниот стартап-екосистем. Размислувам дека можеби со ова го решаваме еден од најголемите проблеми што ги имаме во Македонија, а тоа е недостигот од средства за рано финансирање, зашто тврдам дека имаме шанса да парираме на глобалниот пазар со иновативни идеи и млади талентирани луѓе. Лично сакам да дадам придонес за нашата заедница, да помогнам да се поместат некако запчаниците и да се забрзаат некои процеси. Сум видел како се прави тоа на Запад, па зошто да не може и кај нас? Сигурен сум дека може. Македонија има добри шанси да парира на глобалниот пазар, со новите дигитални технологии, добро знаеме дека целиот свет е веќе на клик. Треба да се искористи таа шанса.
Дали постигнувањето на гинисовиот рекорд е дополнителна мотивацијата за инвестирање само во идеи и давање неопходна поддршка?
– Покрај инвестирање капитал и помагање на вакви настани, јас сум секогаш тука и за активно споделување на знаењето, своите контакти, своите визии… Тоа се многу значајни елементи во раниот развој на еден стартап, особено ако основачите се првпат во тие чевли. Основачите се тие што ја туркаат идејата да се спроведе на дело, односно да се претвори во бизнис, а ние сме тука да дадеме ветер во грб. Освен личната сатисфакција што ја добивам низ процесот на поддршка, па и менторирање и заемното разменување енергија што го имавме на тој многучасовен настан беше одлична работа што засекогаш ќе ја паметам. Овој настан е само доказ дека се може, дека постои и пократок пат кон успехот, дека е добро да се препознаат оние стартапи што ќе станат одржливи бизниси, а зголемувањето на нивната вредност од иницијална инвестиција, по моите предвидувања, ќе биде мултиплицирано.
Какви се плановите за понатамошни активности со цел поддршка на стартапите?
– Се надевам дека овој настан ќе ја разбуди македонската бизнис-фела, ќе ја мотивира и таа да се вклучи и да ги препознае стартапите како вид инвестиција. За жал, во Македонија, сѐ уште владее мислењето дека најдобра е онаа инвестиција во недвижности. Имаме навистина добри приказни во Македонија, приказни на млади паметни луѓе што и покрај сите борби со ветерниците, создаваат, иновираат. И од моето искуство знам дека ќе има и искачувања и падови и понекогаш ќе изгледа како да џвакате стакло, но не откажувајте се. Јас добро знам, на своја кожа, што значи почеток и поттик на почетокот. Оттука и одлуката да влеземе како поддршка во овој проект за сите млади таленти и сите добри бизнис-идеи да бидат видени и да добијат шанса да бидат реализирани. Ние сме првата финтек-компанија формирана пред пет години од домашен капитал и точно знаеме кој ни помагаше нам на почетокот. Сакаме да бидеме запаметени како компaнија што гледа кон растот на младите луѓе и нивните идеи и заедно да градиме подобра иднина. „Подготвени да очекуваме огромен успех“ – вака би го објаснил чувството што владееше од подготовките до финишот на овој неверојатен настан, кој ќе остане запишан во стартап-историјата на пионерите во сферата на бизнисите на новото време во нашата Македонија. Високопрофилиран настан, светски настан… Чест ми беше што се најдов во овој збир на луѓе што цврсто гледаат кон иднината.