Фото: Игор Бансколиев

Мерките за штедење електрична енергија официјално стапуваат во сила од денеска, со што се очекува државните институции да ја намалат потрошувачката на струја за 15 отсто во споредба со истиот месец лани, а доколку не се спроведе таквата мерка, ќе следуваат санкции за раководителите на институциите.
Според најавата на министерот за економија Крешник Бектеши, овие мерки ќе траат до 31 март следната година, кога се очекува да се намали притисокот врз енергетскиот систем.
– Пред нас е една од најтешките зими на енергетски план, не само за нас туку и за сите земји во регионот, како и во Европа. Мерките се поделени во повеќе категории, во зависност дали станува збор работи за домаќинства, компании или објекти, институции и претпријатија во државна сопственост. Целта е намалување на потрошувачката за 15 отсто споредено со истиот месец лани. Ако не се постигне оваа цел, во согласност со етичкиот кодекс и сите уредби ќе следуваат одредени санкции за сите раководители на институциите – истакна Бектеши, притоа додавајќи дека рестрикции на струјата нема да има, под услов да не се случи некоја поголема хаварија.
Во делот на штедење од страна на државните институции, мерките предвидуваат исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, исклучување на светилките кога има доволно дневна светлина, во сезона на ладење климите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, да се исклучуваат компјутерите по работата, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела и клима-уредите, да се печатат само потребните материјали и да се заменат прозорците со енергетски ефикасни.
И додека државните институции од денеска добија задолжение да штедат, Владата им препорача и на граѓаните и на компаниите порационално да ја користат електричната енергија, со единствена цел да се намали притисокот врз електродистрибутивната мрежа, но истовремено и граѓаните и компаниите да добијат помали сметки за потрошена струја.

Препораките што Министерството за економија ги даде до домаќинствата се однесуваат на тоа како тие да заштедат електрична енергија во кризниот период. Еден од најголемите потрошувачи на струја во домаќинствата е бојлерот, поради што препораките се тој да се вклучува само на евтина струја и само тогаш кога домаќинството има потреба од топла вода. Термостатот да не се поставува на максимум. Готвењето да биде во помали садови, машините за садови и алишта да се користат во евтина тарифа, светилките да се исклучуваат кога нема никој во просторијата и максимално да се користи сончевата светлина. Сите уреди да се исклучат ако не се користат, по можност да се постават енергетски ефикасни прозорци, да се купуваат уреди од највисоката енергетска класа, климатизерите да не ладат пониско од 27 степени, а во зима да не греат повеќе од 20 степени.
Препораките и за бизнис-заедницата се донекаде слични, со тоа што на компаниите им се сугерира при градба на нови објекти да инсталираат топлински пумпи и сончеви колектори за обезбедување топла санитарна вода. Потоа се даваат насоки да се инвестира во нови технологии што се во насока на поголема енергетска ефикасност на машините.
Владата неодамна ги усвои измените и дополнувањата на Законот за градење, со кои се овозможува на објектите во индивидуална сопственост да бидат поставени фотонапонски електроцентрали со моќност од шест киловати и на стопанските објекти со моќ до 40 киловати по поедноставени процедури. На потег е Собранието, кое деновиве треба да ги изгласа овие законски измени и да овозможи полесно справување со енергетската криза.
Експертите велат дека ова не е доволно и дека Владата, наместо да го чека Собранието, треба во услови на прогласена кризна состојба во најкраток можен рок да донесе уредби со кои ќе се олесни поставувањето фотоволтаични електроцентрали на покривите.
Мерки за штедење електрична енергија донесоа и повеќето европски земји, бидејќи борбата против прекумерното трошење електрична енергија стана приоритет за сите европски влади.

Во таа насока, Германија, Франција и Шпанија воведуваат правила што го ограничуваат греењето во јавните згради на 19 Целзиусови степени во текот на зимата. Франција и Шпанија, пак, воведоа минимални температурни ограничувања за климатизираните згради во лето, на 26 и 27 Целзиусови степени. Продавниците со климатизација во Франција, исто така, ќе мора да ги држат своите врати затворени или ќе се соочат со казни до 750 евра.
Германија соопшти дека јавните згради и спомениците навечер нема да бидат осветлени, додека во Шпанија светлата на излозите мора да се исклучат по 22 часот.
Но не само во Европа туку и други земји низ светот воведуваат мерки за заштеда на електрична енергија.
Пакистан излезе со иновативни начини за заштеда на енергија, така што ќе ја намали работната недела во владините канцеларии од шест дена на пет. Слични мерки спроведе и Бангладеш. Училиштата ќе бидат затворени уште еден ден неделно – во петок. Работното време на државните службеници е намалено за еден час дневно. Е.Р.