Фото: „Нова Македонија“

Цените на тезгите за свежите продукти, како што се јаболката, црешите, праските, лубениците, па потоа доматите, краставиците и пиперките, поттикнуваат многу прашања кај граѓаните за тоа како всушност стигнавме на ниво да бидеме изненадени од чинењето на сезонското домашно овошје и зеленчук, кога нашето поднебје отсекогаш изобилувало со вакви производи, тие биле мошне квалитетни и евтини, а на нашата трпеза секогаш ги имало во големи количества.
„Нова Македонија“ направи споредба меѓу цените на продуктите на пазарите во Македонија, но и во некои од градовите низ Европа и во соседството. Нашите согледувања говорат дека свежите продукти се уште поскапи во европските градови и дека се сериозен удар за граѓаните насекаде

Споредба на цените на сезонското овошје и зеленчук кај нас, во регионот и во Европа

Во екот на летната сезона, период од годината кога во нашата земја имало изобилство од свежи и превкусни „дарови од природата“, голем број граѓани имаат забелешки за продолжувањето на нагорниот тренд на цените на продуктите на зелените пазарчиња.
Цените на тезгите за свежите продукти, како што се јаболката, црешите, праските, лубениците, па потоа доматите, краставиците и пиперките, поттикнуваат многу прашања кај граѓаните за тоа како всушност стигнавме на ниво да бидеме изненадени од чинењето на сезонското домашно овошје и зеленчук, кога нашето поднебје отсекогаш изобилувало со вакви производи, тие биле мошне квалитетни и евтини, а на нашата трпеза секогаш ги имало во големи количества. Цените, според нашите сограѓани, сега се покачени, не соодветствуваат со она колку навистина треба да чинат, а низа различни фактори влијаат врз формирање на цените на зелените пазари, дури и некои „непазарни фактори“.
– Цените во Скопје навистина ги прават производите непристапни за просечен граѓанин, на пример од црешите, кои чинеа 180 денари за килограм и повеќе, па сѐ до праските, кои ги плаќаме 160 денари за килограм, па до доматите, кои може да се најдат за 70 денари за килограм, но чинат и до 120 денари за килограм. Слична е ситуацијата и со краставиците, може малку поевтини, обично веќе засушените се продаваат и по 50 или 60 денари за килограм, или по повисоки цени. Но боли што и лубениците, кои секогаш ги имало по исклучително пристапни цени, сега се многу скапи, одат и над 30 денари за килограм – вели наша соговорничка.
„Нова Македонија“ направи споредба меѓу цените на продуктите на пазарите во Македонија, но и во некои од градовите низ Европа и во соседството. Нашите согледувања говорат дека свежите продукти се уште поскапи во европските градови и дека се сериозен удар за граѓаните насекаде.
Како е низ европските
пазари

Наши читатели ни јавуваат дека цените на продуктите на пазарите низ Германија се двојно поголеми отколку во тамошните маркети, што, според нив, се должи на податокот дека тоа се најчесто локално произведени продукти и населението го цени локалното производство.
– На пазарот во нашето гратче, Еслинген, во близината на Штутгарт, кои спаѓаат под Баден Вунтенберг, цените на пазарите се повисоки отколку во маркетите. Тука доматите се продаваат и над три евра за килограм, а може да достигнат и до пет евра, но во маркетите се поевтини. Слично е и со малините, капините и слични производи, кои чинат од три евра нагоре, но за канче од 200 до 500 грама. Лубениците се продаваат грубо за едно евро по килограм – вели нашата соговорничка и додава дека таму нема пазар секој ден, туку дека тезгите се поставуваат двапати неделно во центарот на градот и слично е во поголем дел од градовите во околината.
Што се однесува, пак, до пазарите во Загреб, според сведоци, таму цените се барем двојно повисоки од оние во Милано. Треба да се има предвид дека северна Италија, а особено нејзиниот центар, Милано, е економски најсилниот регион на таа земја и еден од најразвиените во целата Европска Унија.
На познатиот милански пазар треба да платите едно евро за килограм лубеница, додека во Загреб ќе платите двојно повеќе за истото количество – две евра. Но некои разлики во цените се уште подрастични. На пример, праските во Загреб чинат до пет евра, додека во Милано се само 0,99 евра за килограм. Нашите тиквички се четири пати поскапи, т.е. во Милано килограм чини 69 центи, а кај нас чини дури три евра.
Доматите во Кватриќ чинат шест евра, додека во Милано може да се најдат за само едно и пол евро, но на некои тезги цената се искачува и до четири евра. Во секој случај, многу е поевтино отколку што плаќаат жителите на Загреб. Црешите, или мини-доматите, исто така чинат шест евра, додека во Милано се две и пол евра.
Жолтиот кромид во Загреб чини три евра, на некои тезги можете да го најдете за две евра. Во Италија, најниската цена што ќе ја платите за кромид е 0,99 евра за килограм, а највисоката цена е две и пол евра. Цената на компирите е иста, ќе платите две евра за килограм во Милано и во Загреб.
Смоквите се малку поскапи во Загреб, за две евра. Во Милано чинат шест евра за килограм. А дињите се некако поевтини во Ломбардија. Тие обично чинат меѓу две и две и пол евра, додека во Загреб чинат три евра за килограм.
Статистиката го потврдува она што го гледаме

Факт е дека цените на храната и на безалкохолните пијалаци во Македонија се пониски од просекот на ЕУ, но тоа не е споредливо поради ниските примања во земјава.
Трошоците за живот пораснале за 4,5 отсто според Државниот завод за статистика, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците за живот во јуни 2025 година, во однос на мај 2025 година, изнесува 0,8 отсто. Повисоката инфлација во јуни во однос на мај е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: транспорт за 2,9 проценти, рекреација и култура, храна и безалкохолни пијалаци за 1,1 отсто, разновидни стоки и услуги за 0,9 проценти, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,8 отсто, ресторани и хотели за 0,5 проценти, здравје за 0,3 отсто, комуникации, облека и обувки за 0,2 проценти и домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,1 отсто. Е.Р.