Од денеска, на бензинските пумпи на ОКТА, Пуцко Петрол, Макпетрол и Лукоил, горивата се продаваат по цена пониска за два денари од максималната што ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за нафтените деривати, информираат од ОКТА.
Намалувањето следува откако ОКТА им понудила на трговците со нафтени деривати цени пониски за два денари и веќе започнала со испорака на гориво по тие цени.
Пред пет дена, на 13 март, министерката за енергетика Сања Божиновска и директорот на ОКТА, Димитриос Пасхос, на прес-конференција најавија дека до крајот на март компанијата ќе ги намали цените на дизелот и бензините за два денара за трговците што набавуваат горива од ОКТА. Со тоа, на трговците на големо и мало им се овозможува ова намалување да го пренесат и во крајните цени за потрошувачите. Пасхос тогаш посочи дека останува на трговците самостојно да ги утврдуваат продажните цени, согласно своите комерцијални политики и пазарните услови.
Со последните две корекции на цените на горивата во земјава, што ги донесе РКЕ, цената на дизелот е зголемена за 21 денар, а на бензините за 12 денари по литар. Причина за поскапувањето на горивата кај нас, како и на глобално ниво, се случувањата на Блискиот Исток.
































