Фото: Влада

Има сериозен интерес од неколку огромни светски финансиски институции, за финансирање на изградба на брзата пруга на Коридорот 10, истакна вечерва вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Николоски во гостување на ТВ Сител посочи дека побараното продолжување на рокот до 7 јули значи дека сериозно подготвуваат понуди.

– Очекувам дека ќе има конкуренција во понудата, односно дека ќе има повеќе од една сериозна финансиска институција која ќе достави  понуди, што сигурно потоа ќе ги натера да се натпреваруваат помеѓу себе и ние да добиеме поевтини средства. Очекувам до средината на јули веќе јавноста да знае – потенцираше вицепремиерот Николоски.

Тој зборуваше и за плановите на соседните држави – Грција и Србија чии активности се насочени кон поврзување со Македонија со двоколосечни пруги, а најави и средби во текот на летото со претставници од грчката Влада.

– Можам да најавам дека очекувам во текот на јули да имам средби со претставници на грчката Влада, ресорните министри и други институции, на кои детално ќе зборуваме за проектот. Она што охрабрува е дека Грција предвиде некаде околу 640 милиони евра за целосна рехабилитација на пругата од Атина до Солун, која оди некаде до 20 километри северно од Солун. Со тоа остануваат уште 50 километри до Гевгелија, за кои иницијалната информација е дека веднаш штом ние почнеме да градиме на наша страна, ќе почнат и тие да градат на својата страна. Во делот на Србија, веќе имаат брза двоколосечна пруга од Белград, преку Суботица до Будимпешта. Сега градат Белград-Ниш, и бараат финансирање од Ниш до Скопје, со што очекувам и Србија да гради со нас – потенцираше вицепремиерот Николоски.

Според него, сега Македонија е во ситуација да биде најконкурентна за транзит на мапата, а со изградбата на брзата пруга од Коридорот 10 ќе заработува по 120 милиони евра годишно.

Министерсвото за финансии има испратено барање за понуди до 24 банки за финансирање на изградба на брзата пруга на Коридорот 10.