Пријавувањето е анонимно и затоа ги охрабруваат работниците да ги пријават работодавачите кои ги кршат работничките права.
До 15-ти јануари, работниците да пријават доколку не им е исплатен или е исплатен само дел од регресот за годишен одмор, повикаа од здружението „Гласен текстилец“.
Пријавите ќе бидат доставени до Државниот трудов инспекторат, со цел работодавачот да биде задолжен за негова исплата и да биде соодветно санкциониран.
Доколку пак во некоја компанија има исплата на К-15 во помал износ од предвидениот надоместок, а имало потпишано спогодба со претставник на работниците, ќе побараат да се испита законитоста за негово назначување со целата потребна документација.
Воедно, преку соопштението го повикаа и ССМ и Организацијата на работодавачи, да го ревидираат Колективниот договор за стопанството, за да не се остава простор за манипулации и да се исплаќа помала сума од законски предвидената.
Најавуваат и дека како Здружение ќе продолжат да вршат притисок, правото на К-15 да влезе во самиот Закон за работни односи и да важи подеднакво за сите работници од јавниот и приватниот сектор, зашто во постојниот општ колективен договор, синдикатот остави простор работниците во приватните компании да бидат во подредена улога.
Исплатата на регрес за годишен одмор е законска обврска чиј рок за исплата истече на 31 декември минатата година.