„Економијата во Германија е во застој“, рече Зигфрид Русвурм, претседател на Федерацијата на германските индустрии. „Не гледаме никакви шанси за брзо закрепнување во 2024 година“. Германската економија е предмет на опсервација на многу светски економисти, не само на експертите во матичната држава. Сите сценарија за Германија се темни, а тоа дава исклучителна доза на песимизам и во ЕУ, но и во земјите надвор од ЕУ на кои токму Германија им е најголем трговски партнер. Стравувањето по таа основа важи и во Македонија
Најновите официјални статистики од почетокот на неделава покажаа дека германската економија минатата година се намалила за 0,3 отсто, а наедно и дека таа го има најбавниот раст меѓу 20-те земји во еврозоната. Дополнително, индустриското производство во Германија паѓа пет месеци по ред. Германската економија е предмет на опсервација на многу светски економисти, не само на експертите во матичната држава. Сите сценарија за Германија се темни, а тоа дава исклучителна доза на песимизам и во ЕУ, но и во земјите надвор од ЕУ на кои токму Германија им е најголем трговски партнер. Стравувањето по таа основа важи и во Македонија. Истражувајќи повеќе релевантни медиуми за актуелните економски состојби и перспективи на германската економија, во продолжение го презентираме и мислењето на Мелиса Еди, публикувано во „Њујорк тајмс“.
Германската индустрија станува глобално неконкурентна
Откако беше обновена по Втората светска војна, Германија беше главниот двигател на европскиот економски раст, станувајќи индустриска моќност позната по огромните фабрики и префинетиот инженеринг. Но сега нејзините производители на автомобили мора да се натпреваруваат со електричните автомобили произведени во Кина. Исто така Германија се бори со САД за да привлече технолошки гиганти. Расте сознанието дека Германија не била успешна во ажурирањето на својата индустрија со доволна флексибилност и дигитално знаење за да остане конкурентна.
Како што се распрснуваше економијата минатата година, германската влада беше речиси парализирана од расправии меѓу членовите на трите партии што ја сочинуваат владејачката коалиција на канцеларот Олаф Шолц. Потоа дојде буџетската криза во ноември, што предизвика пад на популарноста на владата во анкетите.
Многу од тие спорови беа за тоа како да се пополни дупката од 17 милијарди евра во буџетот, откако највисокиот суд во земјата во ноември го отфрли претходниот план за трошење. Таа одлука беше водена од таканаречената должничка сопирачка на земјата, закон содржан во нејзиниот устав за одржување ниско ниво на јавниот дефицит.
Но, геополитичките кризи и новите индустриски ривалства на Кина и на САД ја ослабнаа побарувачката за производи од германско производство во странство. Германија се збогати во последниве децении продавајќи ги своите стоки во светот, создавајќи трговски суфицит, при што ги затегна врските со САД за време на претседателот Доналд Трамп.
Ограничувањата на задолжувањето ја спречуваат владата да ги направи многу потребните инвестиции во јавната инфраструктура, од училиштата и јавната администрација до железницата и енергетските мрежи.
„Хесишер рандфанк“: Промена на германскиот устав!
– Долгот порасна по повторното обединување со Источна Германија и трошоците се зголемија по финансиската криза во 2008 година. Но, никој не размислуваше докрај што може да значи истото тоа во сериозна криза, имено дека нема да има доволно простор за маневрирање – изјави Моника Шницер, владина советничка, за поткастот „Хесишер рандфанк“. Г-ѓа Шницер, која го предводи германскиот совет на економски експерти, е меѓу економистите што ги повикуваат пратениците да го приспособат механизмот. Но, тоа би значело промена на Уставот, за кој е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, што подразбира ниво на соработка меѓу опозицијата и власта, што е незамисливо во актуелниот политички амбиент.
Тоа значи дека за оваа и за следната година, Германците, наместо тоа, ќе се соочат со кратења на државните трошоци, што ќе влијае на голем број субвенции за земјоделците и филмските работници. Патниците ќе се соочат со нов данок на авиобилетите. Стимулациите за соларна енергија и за електрични возила ќе бидат скратени. Ќе се скратат и парите за подобрување на железничките врски.
Економистите предупредија дека кратењето на потрошувачката наместо зголемување на даноците – потег на кој жестоко се спротивставуваат фискално слободарските Слободни демократи, најмалата партија во коалицијата на г. Шолц, но онаа што го контролира Министерството за финансии – ќе биде дополнителна кочница за економијата. Кратењето на трошоците не би можело да дојде во полош момент за германската економија, која е во сопнување. Тие ги поттикнаа трите водечки економски институти во земјата да ги намалат своите прогнози за економски раст за 2024 година меѓу 0,6 и 0,9 отсто, што е намалување од опсегот од 1,1 до 1,4 отсто предвиден во септември. Во рамките на Групата 20 нации, која вклучува развиени и економии во развој од целиот свет, Германија се очекува да дојде на дното, а само Аргентина ќе забележи послаб раст проектиран за годинава, според Организацијата за економска соработка и развој.
Не е сѐ толку негативно: Двоцифрената инфлација падна на 3,8 отсто
Не е сѐ негативно, велат економистите. Двоцифрената инфлација во декември падна на 3,8 отсто, а високите каматни стапки се очекува да почнат да се намалуваат кон крајот на тековнава 2024 година. Тоа, заедно со зголемувањето на платите добиени по работничките протести и активности, како што е штрајкот на железничките инженери, може да ги поттикне германските потрошувачи да трошат повеќе, иако ризикуваат да ја поттикнат натамошната инфлација. Но, тоа нема да биде доволно за да се решат структурните проблеми на Германија. Еден од нив е недостигот од домашни извори на енергија: земјата се потпира на увоз за да ги одржи индустриите што со децении го формираа столбот на нејзината економија: производството на автомобили и челик и хемиската индустрија. Тие, пак, објавија дека производството паднало за 11 отсто минатата година.
Генерално, германскиот индустриски сектор се бори да се справи не само со високата цена на енергијата туку и со транзицијата кон иднина, која е попргава и подигитална. Плановите за дигитализирање на администрацијата во земјата, која влече бирократски корени од Прусија од 19 век, во голема мера заглавија минатата година. Германија не успеа да ја постигне својата цел, поставена во 2017 година, да бара од сите јавни канцеларии да нудат дигитални услуги до крајот на 2022 година. Таа инфраструктура заостанува километри и километри зад остатокот од Европската Унија, каде што во просек 56 отсто од домовите се поврзани со оптички влакна – оптички кабли, во споредба со 19 проценти од германските домови. Во приватниот сектор, компаниите се жалат дека количеството на документација потребна за изградба или проширување го кочи растот.
Германија неодамна покажа дека може да се движи брзо кога нема избор
Откако Русија го прекина протокот на природен гас во 2022 година, владата одобри набавка и изградба на неколку терминали за внесување течен природен гас. За неколку месеци, Германија ги наполни капацитетите за складирање природен гас докрај, а ги охрабри компаниите и потрошувачите да штедат гориво.
Сандер Тордоар, економист во Центарот за европски реформи, аналитички центар во Берлин, го издвои растечкиот сектор за зелена технологија во Германија како светла точка во економијата, оние индустрии што развиваат технологија за заштита на животната средина, обновливите извори на енергија и ефикасно користење на ресурсите.
Производителите на полупроводници се уште еден извор на инвестиции. „Интел“ и тајванската компанија за производство на полупроводници, кои планираат да изградат фабрики во Источна Германија, помогнати со субвенции во вредност од 20 милијарди евра, се компаниите што без проблеми ги преживеаја кратењата на државниот буџет. Е.Р.