Експертите предупредуваат дека одлуките треба да се носат многу внимателно, за да се обезбеди стабилност, но и потенцијал за развој на економијата. Клучно е да не запрат капиталните инвестиции и да се штеди максимално онаму каде што е најреално и најнеопходно
НАЈАВЕНИОТ РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ КАКО ПОВОД
Владата ќе го продлабочи дефицитот за да обезбеди пари за побезболно премостување на кризата. Порано од вообичаеното ќе се прави ребаланс на буџетот за да се обезбедат средства за покривање на дупките, но и за поддршка на граѓаните и на стопанството. На буџетот му се потребни околу 600 милиони евра, кои ќе се бараат од надворешни извори. Ќе се штеди, но и ќе се реструктурираат планираните средства.
– Ќе се намали делот за стоки и услуги, ќе има преструктурирање на планираните средства внатре помеѓу ресорите каде што нема доволна реализација на проекти или некои ќе се пролонгираат за да се отвори простор за да се финансираат новите потреби – изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.
Колку конкретно и на кои се позиции ќе се крати односно ќе се зголемува, засега е неизвесно. Но извесно е дека дефицитот ќе се продлабочи, што ќе влијае на зголемување на јавниот долг на 63,5 отсто, а потоа постепено ќе треба да се намалува и во 2026 да биде под 60 отсто, истакна Бесими.
Експертите предупредуваат дека одлуките треба да се носат многу внимателно, за да се обезбеди стабилност, но и потенцијал за развој на економијата. Клучно е да не запрат капиталните инвестиции и да се штеди максимално онаму каде што е најреално и најнеопходно. Најголема дилема, освен економската криза, се и барањата на сите синдикати за платите и тоа подразбира дека државата ќе мора да се снајде, да се постигне една златна средина, бидејќи нема да можат да се исполнат сите барања.
Според универзитетскиот професор Томе Неновски, многу порано од вообичаениот период (септември/октомври), годинава ќе се изврши ребаланс на буџетот на државата.
– Причина за тоа е намалувачката реализација на приходите во однос на предвидената, што условува растечки буџетски дефицит предизвикан од разни причини, а во чиј правец силно дејствува и досегашниот и уште повеќе претстојниот силен притисок на платите во разните социјално-економски сфери. И како и во претходните години, ребалансот ќе се врши на штета на капиталните инвестиции, што дополнително негативно ќе се одрази врз растежот на економијата – потенцира Неновски.
Тој споменува дека во такви услови, буџетскиот дефицит ќе се зголемува, што ќе предизвика потреба од зголемување на задолжувањето на државата во многу поголем износ од првобитно предвидениот.
– Со оглед на вкупните неповолни состојби во буџетот, потребна е генерална рационализација на трошоците до крајот на годината и финансирање само на приоритетите и на таканаречените стекнати права, со истовремено кратење колку што е можно повеќе на непродуктивните трошења, кои особено се изразени во секогаш нејасната структура на буџетската ставка наречена „стоки и услуги“ – укажува Неновски.
Според академикот и универзитетски професор Абдулменаф Беџети, ребалансот е во тек на подготовка и е наметнат порано од познатите причини за енергетската криза и потребата за субвенционирање на цената на електричната енергија, како и поради ценовната криза, поради непровоцираната воена инвазија на Русија врз Украина, при што дел од цените на основните прехранбени производи се субвенционираат преку намалување на ДДВ.
– При вакви околности, пакетот на мерки од 400 милиони евра усвоен од Владата е дел директно финансиран како дополнителни и непредвидени расходи во буџетот, а дел преку намалување на приходите, исто така и делумно субвенционирање на нивелизираната минимална плата. Дефицитот се очекува да порасне за околу 2 отсто од БДП. Вкупните корекции со ребалансот (во двете страни, како кај приходната така и кај расходната страна) се очекуваат да бидат до 600 милиони евра. Во нив само субвенционирањето на цените на електричната енергија учествува со над две третини – посочува Беџети.
Како што вели тој, сите овие разлики се очекува да се финансираат од позајмување и дека доминантно ќе биде од странски извори.
– Тоа што претставува добра вест во вакви непредвидливи услови е дека министерот за финансии навреме почна консултации и барања од меѓународните и мултилатералните извори за финансирање – преку ЕУ (за макроекономска рамка и стабилизација), преку ММФ, ЕБРД и можеби и Светската банка, извори што се најмалку трипати поевтини од тие на меѓународниот пазар на капитал (кои сигурно би биле со вкупна камата и провизија до 4 отсто), а претходно наведените извори би биле со околу 1 отсто – објаснува Беџети.
Професорот додава дека Владата веќе направила одредени рационализации кај непродуктивните јавни расходи, но тој смета дека истите мерки би требало да се применуваат и кај јавните претпријатија, локалната самоуправа и другите фискални субјекти (кои имаат понезависни буџети), како судство, обвинителство и слично.
– Капитални проекти би требало да бидат последни кај кои би се кратело, но на жалост, нивната природа на бавна динамика на реализација создава простор при ребаланси и кратење и кај нив да се посегне – истакнува Беџети.
Што се однесува до барањата на синдикатите за зголемени плати, тој споменува дека Владата го започнала синџирот на притисоци за поголеми плати во јавниот и државниот сектор со премногу зголемената минималната плата – еднократно за 20 отсто.
– Најнормално и очекувано е по „отворањето на Пандорината кутија“ да се создаваат вакви притисоци и нема да ме зачуди ако по СОНК се побуни и здравствениот, па потоа и Синдикатот на управа и судство… – вели Беџети.