АД ЕСМ е целосно подготвена за новата грејна сезона. Ремонтните активности се во тек, очекуваме да завршат некаде на крајот на септември – почетокот на октомври со што сите производни капацитети на АД ЕСМ ќе бидат ставени во функција – рече денеска директорот на ЕСМ, Васко Стефанов.
Тој очекува во почетокот или средината на септември да се знае цената на парното греење.
Стефанов се надева и дека ќе продолжи поддршката од Владата со цел, како што напомена, ЕСМ да работи продуктивно, во интерес на граѓаните, за цената да не се зголемува и да нема рестрикции.
– Очекуваме РКЕ согласно роковите да си ја заврши работата, односно да ги проектира цените. Нашите односи со БЕГ се коректни. Во овој момент мислам дека се одвиваат тие должничко-доверителски односи и се надевам дека на крај ќе заврши се како што треба. Очекувам некаде почетокот или средината на септември дека ќе ја имаме веќе цената на парното греење – истакна директорот, одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Договорот за заем со ЕБОР.