Фото: Влада

Премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека Топланата „Скопје Север“ и АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) денеска ги завршуваат преговорите и ќе потпишат договор за деловно техничка соработка, со што ЕСМ го презема управувањето со топланата и затоплувањето на нејзините корисници.

– Раководството на Топланата „Север“ денеска во 13 часот е на состанок во АД ЕСМ каде треба да ги заврши преговорите, да потпишат договор за деловно техничка соработка и да се обезбеди затоплување на граѓаните во општините Чаир и Бутел, како и на институциите, градинките и училиштата, со оглед на тоа дека ЕСМ го презеде затоплувањето и на тој дел – изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по настанот за завршување на изградбата на магистралниот гасовод Неготино – Кавадарци – Битола.

Претхдно АД ЕСМ објави дека испораката на топлинска енергија тече непречено и така и ќе продолжи и во следниот период, како и дека за декември е обезбеден природен гас од „Макпетрол пром – гас“ и топлинска енергија од ТЕ-ТО.