Показатели за економските трендови во еу според економскиот
индикатор за производство и услужни сектори (ПМИ)
Економскиот раст на еврозоната наспроти неодамнешните показатели кои наведуваа на оптимизам, по се изгледа дека не се движи по најавената траекторија. Најновите показатели укажуваат дека ситуацијата нагло се влошила, бидејќи деловните очекувања укажуваат на ризици од претстојниот пад. Впрочем на тоа укажува водечкото истражување на деловниот сектор во регионот, таканаречениот економски индикатор за производство и услужни сектори – ПМИ кој во јуни од 54,8 падна на 51,9 поен, што го означи најниското ниво во последните 16 месеци. Причина за тоа, според ПМИ е фактот дека производство се намали за првпат во две години, а растот на услужниот сектор значително забави. Индексот сега изнесува малку над 50 поени, што е речиси на границата на економска експанзија. Забавувањето сигнализира стапка на раст на бруто-домашниот производ (БДП) од само 0,2 отсто на крајот на вториот квартал, што е нагло намалување од 0,6 отсто на крајот на првиот квартал.
Крис Вилијамсон, економист во „Ес-енд-пи глобал маркет“ што работеше на истражувањето, посочи дека „економскиот раст на еврозоната покажува знаци на опаѓање, бидејќи полека се губи поддршката на зголемената побарувачка од пандемијата, што се должи на шокот од зголемените трошоци за живот и падот на деловната и потрошувачката доверба“.
Втората половина од годината изгледа уште помалку охрабрувачка, бидејќи компаниите ги сведоа своите деловни очекувања за производство за претстојната година на најниско ниво од октомври 2020 година. Вилијамсон предупреди дека деловната доверба драстично паднала на ниво што ретко се забележувало пред пандемијата по економското намалување на регионот во текот на 2012 година, што навестува неизбежен пад освен ако побарувачката не заживее.
Индикаторот ПМИ се базира на истражување на 5.000 компании и се смета за еден од најсигурните водечки индикатори за економски раст. Резултатите, според Рикардо Амаро, економист во „Оксфорд економикс“, „означуваат важна разлика од неодамнешните читања на ПМИ, кои укажаа на одредена почетна отпорност на многуте спротивставени ветрови што ја заматуваат економската перспектива на еврозоната“.
Амаро додаде дека анализата на бројките укажува на општо забавување. Економистите во германската „Комерцбанк“ и холандската банкарска групација ИНГ рекоа дека податоците укажуваат на тоа дека Европската централна банка мора да постапува внимателно кога ги зголемува каматните стапки.