Во наредниот период следуваат тешки времиња за економиите од Источна и од Југоисточна Европа. Во споредба со другите земји од регионот, проекциите за Македонија се дека нашата земја годинава ќе оствари раст од еден отсто, следната од 0,6 отсто, а во 2024-та македонската економија ќе „порасне“ за два отсто. Проекциите на македонската влада за економскиот раст се пооптимистички и се движат меѓу 2,9 и 3,1 отсто за следната година
Анализа на Виенскиот институт за интернационални економски студии
Пристигнаа нови понеповолни прогнози за остварувањата на македонската економија до крајот на годинава и во наредните две години. Проекциите на Виенскиот институт за интернационални економски студии се дека инфлацијата во Македонија излезе од контрола, а поради растот на трошоците се нагризуваат реалните приходи. Во споредба со другите земји од регионот, проекциите за Македонија се „најпесимистички“, односно нашата земја годинава ќе оствари раст од еден отсто, следната од 0,6 отсто, а во 2024-та македонската економија ќе „порасне“ за два отсто.
Во наредниот период следуваат тешки времиња за економиите од Источна и од Југоисточна Европа. Економскиот раст за целиот Западен Балкан годинава ќе биде 3,1 отсто, идната година 1,9 отсто, а во 2024 година растот на регионот ќе биде 2,8 отсто. Економијата на Европската Унија годинава ќе оствари раст од 3,9 отсто, следната година од 1,5 отсто и во 2024-та раст од 2,6 отсто. За Србија е прогнозиран раст за годинава од 3,6 отсто, следната ќе оствари 1,9 отсто, а за 2024 година се предвидува растот да изнесува 2,7 отсто. За Босна и Херцеговина економскиот раст ќе се движи од 2,6 отсто годинава, 1,5 отсто во 2023 година и 2,5 отсто во 2024-та. За Хрватска се предвидува раст на БДП од 2,5 проценти.
– Економскиот шок, поради војната во Украина, се одржува и во третиот квартал годинава. Нескротливата инфлација ги минира реалните приходи, а со тоа и личната потрошувачка како најважен столб на растот. На ова следуваат и заканата од енергетската криза, слабеењето на германската економија, растот на каматните стапки и малата фискална поддршка од владите. Најтешкото дополнително следува во Источна Европа – изјави Бранимир Стојановиќ, главен автор на есенската прогноза на Виенскиот институт.
Растечките глобални цени на електричната енергија се дополнителен товар, а поради тоа големи индустриски капацитети можеби ќе бидат принудени да се затворат во текот на зимата. Монетарната и фискалната политика стануваат сѐ порестриктивни, што дополнително ја осакатува „европската“ економија. Можна е рецесија во Германија, која, всушност, апсорбира половина од македонскиот извоз, се наведува во извештајот на Виенскиот институт.
Годинава, просечната инфлација ќе биде двоцифрена за повеќето од 23-те земји што се набљудуваат од Виенскиот институт. Ова, исто така, важи и за 11-те членки на „источниот блок“ на ЕУ, а за нив е предвидена инфлација од 13 проценти во просек за годинава и околу осум отсто во 2023 година. Освен покачените цени на храната, главната причина за високото ниво на инфлација се трошоците за енергија поради тековната енергетска криза. Во случај на сурова зима, многу земји од регионот, веројатно, ќе имаат сериозни проблеми да ги покријат своите потреби за природен гас со количествата што ги складирале.
Прогнозите за остварувања на македонската економија од другите финансиски и развојни институции се дека бруто-домашниот производ на Македонија годинава ќе има позитивен раст, но побавен од претходната година, додека словенечкиот и хрватскиот БДП ќе опаѓаат. Аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ излезе со оцена дека стапките на раст на приватните трошоци и реалните инвестиции ќе бидат многу пониски отколку во претходните две години. Тоа ќе биде одраз на влошеното инвестициско расположение во услови на геополитичка нестабилност и долгата борба против високата инфлација. Зголемувањето на трошоците за средствата и помалку расположливиот капитал се дополнителни фактори за побавниот раст на инвестициите во наредниот период. Расходите на домаќинствата ќе бележат побавен раст бидејќи граѓаните ќе ги променат навиките за трошење поради зголемените трошоци за живот.
Министерот за финансии Фатмир Бесими неделава најави дека до крајот на октомври буџетот за 2023 година ќе биде доставен до Владата, во кој, како што напомна тој, проекциите за економскиот раст се оптимистички и се проектирани меѓу 2,9 и 3,1 отсто.
– Се очекува инфлацијата идната година да се ублажи и да биде под просекот од 11,6 проценти колку што е сега, до август. Варијациите се од пет до осум отсто, но калкулациите сѐ уште се различни – изјави Бесими, нагласувајќи дека земјава ќе ги усогласи проекциите со ММФ, и во однос на растот и во однос на инфлацијата.
Со свои очекувања за економските текови во Македонија излегоа и од Народната банка на Македонија, која продолжи со затегање на монетарната политика заради намалување на инфлаторниот притисок во земјата. Процените на претставниците од банкарскиот сектор се дека сите економски придвижувања укажуваат дека наредна година ќе има рецесија. Има значајно зголемување на каматните стапки. Сето тоа ќе влијае на побарување на кредитната страна.
– НБРМ од почетокот на годинава, па досега шест пати ја зголеми основната каматна стапка на благајничките записи, која сега изнесува 3,5 отсто. Целта е да се натераат банките своите ликвидни средства, наместо да ги пласираат во кредити, да ги чуваат кај Централната банка. Насоката во која ќе се движат монетарните политики на централните банки во претстојниот период е јасна. Но треба да се има предвид и дека динамиката на затегнувањето на основната камата зависи од спецификата на самата економија. Пред централните банки се поставуваат предизвици да дејствуваат во насока на справување со инфлацијата и закотвување на инфлациските очекувања, додека истовремено треба да внимаваат и на ограничување на негативните ефекти врз економијата и врз финансиската стабилност. Во време на висока неизвесност, шокови предизвикани од понудата и загрижувачки економски изгледи се претпочитаат постепен пристап и носење одлуки засновани на податоци – изјави вицегувернерката Ана Митреска.
Митреска истакна дека централните банки се справуваат со специфични околности. Ценовните притисоци доаѓаат доминантно од страната на понудата, додека ризиците за економско закрепнување се сериозни. Нестабилното опкружување и енергетската криза создадоа притисоци и врз инфлацијата, но и на девизниот пазар во Македонија. Во однос на финансиската стабилност, таа посочува дека е зачувана, и покрај неизвесноста што ја донесе кризата и ризиците за прелевање на проблемите од реалниот во финансискиот сектор. М.Ј.