Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска се сретна со турскиот амбасадор Фатих Улусој и разговараа за економската соработка меѓу двете земји и можностите таа да се продлабочи во наредниот период.
Како што информира Министерството за економија и труд, Дурмиши се заблагодари на целокупната поддршка што Република Турција ја дава за нашата земја, почнувајќи од независноста, па до ден денеска.
– Република Турција е меѓу нашите најзначајни трговски партнери и земја која континуирано инвестира во македонската економија во разни сектори како стратешки инвестициски партнер. Податоците за трговска размена покажуваат дека Република Турција минатата година е рангирана на седмото место на листата на земји со кои Република Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена.Се надевам дека во наредниот период оваа соработка дополнително ќе се продлабочи – нагласи министерот Дурмиши на средбата.
Министерството за економија и труд, како што истакна, во наредниот период ќе биде фокусирано на поддршка на домашните, но и на странските компании кои работат во земјава, како и поддршка и развој на пазарот на труд, како нова надлежност која ја преземаме.
– Министерството за економија и труд и јас како министер и во наредниот период ќе работам во насока на создавање на услови за интензивирање на соработката меѓу бизнисите од двете држави, со цел зголемување на трговската размена – порача министерот Дурмиши.