Фото: „Нова Македонија“ / Илустрација

Агенцијата за задолжителни нафтени резерви (МАКОРА) континуирано ги одржува и следи државните резерви на нафта и нафтени деривати, со цел да обезбеди сигурност во снабдувањето, стабилност на пазарот и подготвеност за реакција во случај на нарушување на увозот или транспортот, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Од Министерството посочуваат дека внимателно ја следат актуелната енергетска состојба, особено во контекст на случувањата на Блискиот Исток и можните геополитички ризици. Сепак, нагласуваат дека Македонија има обезбедено сигурен увоз на деривати од повеќе различни извори, а дополнителна стабилност обезбедуваат стратешките резерви и функционирачкиот продуктовод Солун–Скопје.

– Во моментов, државните резерви се стабилни. Како превентивна мерка, државата располага со 138,8 милиони литри еуродизел, 32 милиони литри еуросупер БС-95, 10,7 милиони литри екстра лесно масло за домаќинство и 5,28 милиони килограми мазут М-1 НС. Редовната набавка на деривати се одвива повеќепати годишно, а резервите се дополнуваат континуирано согласно динамиката на потрошувачката и законските обврски. Нафтените резерви се складирани кај овластени компании, меѓу кои ОКТА, Макпетрол, Лукоил Македонија и Супер Трејд, под постојан надзор на надлежните институции – велат од министерството.

Од Министерството нагласуваат дека во функција е и продуктоводот Солун–Скопје, кој претставува дополнителен сигурносен механизам и обезбедува алтернативен доток на нафта и деривати.

Државните резерви се формираат и одржуваат согласно европската регулатива и се користат исклучиво со одлука на Владата во случај на енергетска криза или сериозно нарушување на снабдувањето.

Во моментов, увозот на нафтени деривати се одвива непречено, без ограничувања или застои, а надлежните институции остануваат подготвени навремено да реагираат доколку се појави евентуален проблем на пазарот.