Девизните дознаки на нашите иселеници од странство се исклучително важна компонента во платниот биланс на земјата, го покриваат традиционално високиот дефицит во тековната сметка од платниот биланс. Ако ги нема нив, за соодветниот износ државата би требало да обезбеди девизни средства од други извори (странски директни инвестиции, донации или, најчесто, кредити од странство), а во споредба со тие други извори на средства, девизните дознаки се сметаат за најпродуктивни, затоа што се бескаматни и неповратни средства
Иселениците во странство во 2021 година како дознаки испратиле 344,45 милиони евра, покажуваат податоците од Народната банка. Тоа е значителен прилив по официјалните канали како банки и брз трансфер на пари, според Централната банка, во споредба со деценискиот просек од 2010 до 2020, кој редовно беше околу 180 милиони евра. Отскокнување имаше и во 2020 година со прилив од 262,04 милиони евра. Податоците на Евростат објавени на крајот од минатата година покажаа дека во текот на 2020 година, од земјите на Европската Унија кон балканските земји се испратени над 8,5 милијарди евра.
Од Народната банка често нагласуваат дека е тешко да се посочи на прецизен износ, поради застапеноста на дознаките и во готовина, колкава е вкупната и реална сума испратена од иселениците. Оттаму додаваат дека за Македонија дознаките се многу важни, бидејќи претставуваат битен дел од доходот на населението и значајна поддршка на потрошувачката и на билансот на плаќања.
– Зголемениот износ на девизни дознаки во последните две-три години, во најголем дел е предизвикан од здравствената ковид-криза, која предизвика голем дел од македонското население да има намалени приходи, поради што им беа потребни дополнителни средства за нивна нормална егзистенција. Таа криза веќе е зад нас, но се појавува нова криза, со уште посилно негативно влијание врз животниот стандард на граѓаните, а тоа се растечката инфлација и опаѓачката економска активност, предизвикани од воените случувања во Украина. Реално е да се очекува дека таквата состојба ќе предизвика натамошен значаен прилив на девизни дознаки во земјата – укажува универзитетскиот професор Томе Неновски.
Според него, девизните дознаки од странство се исклучително важна компонента во платниот биланс на земјата. Тие во голем дел го покриваат традиционално високиот дефицит во тековната сметка од платниот биланс. Ако нив го нема, како што вели тој, за соодветниот износ државата би требало да обезбеди девизни средства од други извори (странски директни инвестиции, донации или, најчесто, кредити од странство) и во споредба со тие други извори на средства, девизните дознаки се сметаат за најпродуктивни, затоа што се бескаматни и неповратни средства.
– Покрај за санирање на платно-билансните дефицити на земјата, девизните дознаки имаат сериозно значење за развојот на економијата, затоа што се вклучуваат во процесот на репродукцијата (нејзино соодветно финансирање, преку инвестирање и вклучување во потрошувачката како главен креатор на големината на општествениот производ) – објаснува Неновски.
Истовремено, како што додава тој, девизните дознаки се исклучително значаен извор на редовни и/или дополнителни средства на одредени делови од македонските граѓани, со тоа што им го олеснуваат товарот на секојдневната потрошувачка и животната егзистенција и дополнително им го подобруваат нивниот животен стандард преку користење на тие средства за изградба или купување домови и други недвижности, купување автомобили, машини, опрема и слично.
Академикот и универзитетски професор Абдулменаф Беџети нагласува дека порастот над 30 отсто на приватните трансфери во 2021 година во однос на претходна година (2020) бил сосема очекуван.
– Дури при дизајнирање на макроекономските и буџетските проекции некаде на почетокот на ноември 2020 година, како советнички тим на министерот за финансии, со голема веројатност го предвидовме ова движење. Причината беше едноставна, отсуство на доаѓање на дијаспората во летниот период на 2020 година поради високиот интензитет на инфекцијата со ковид-19. Сепак овие се официјални статистички податоци, но мислам дека реалната бројка е многу поголема – појаснува Беџети.
Како што вели тој, овој извор е највисок износ на финансирање покрај привлекувањето, т.е. нето-странските инвестиции.
– Инаку, во долгорочен тренд сметам дека износот ќе опаѓа и покрај растечката емиграција поради интегрирање на нашата дијаспора во странство и поради тамошните инвестиции во домување, па и бизниси – посочува академикот.
Според него, сѐ уште во овие трансфери доминираат намените за семејна потрошувачка во однос на инвестиции, но и покрај тоа, придонесот е огромен, и не поради високото учество на потрошувачката во создавање на БДП туку, како што вели тој, и поради фискалниот придонес преку даноците на потрошувачка, кои претставуваат околу две третини од вкупните фискални приходи.
– Единствена можност за попродуктивна употреба на дознаките преку инвестиции се макроекономските услови на екосистемот, пред сѐ во гарантирање на договорите и инвестициите, поефикасното судство и јавна администрација, па сѐ до намалување на корупцијата и зголемување на институционалниот капацитет на нашите доста слаби институции. Сѐ на сѐ, создавање стабилна и одржлива бизнис-клима во сите сегменти на економскиот и политичкоправниот систем во државата – укажува Беџети.