Доследно исполнување на моделот за економски развој предложен од бизнисмените

Факт е дека, по барање од бизнисот, мерки од државата има. Имајќи предвид дека кризата сè уште трае и постојано ги менува формата и содржината, поставувајќи нови неизвесности и предизвици, има потреба и простор за нови мерки за поддршка на бизнисот, за што ние креираме предлози. Но централен проблем е нивната примена со динамика и форма што ќе дадат брзи ефекти и што ќе ја одржат кондицијата на македонските компании за да опстојат на пазарот, бидејќи тие се моторот на економијата, вели Бранко Азески, претседател на најголемата бизнис-асоцијација во земјата

Првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески, со јасни пораки за излез од кризите

Генерално, кризата ги погоди сите земји во регионот и во светот, но секоја на свој начин се обидува да се справува со предизвиците. Секоја од земјите во регионот има и различна почетна позиција од аспект на сопствените суровини, домашната поддршка, изворите на енергија, на деловните односи со одредени големи светски економии итн. Ние во регионот на Западен Балкан сме во нерамноправна положба, па конкурентноста на македонските компании е значително влошена, вели Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Македонија.
– Факт е дека, по барање од бизнисот, мерки од државата има. Имајќи предвид дека кризата сè уште трае и постојано ги менува формата и содржината, поставувајќи нови неизвесности и предизвици, има потреба и простор за нови мерки за поддршка на бизнисот, за што ние креираме предлози. Но централен проблем е нивната примена со динамика и форма што ќе дадат брзи ефекти и што ќе ја одржат кондицијата на македонските компании за да опстојат на пазарот, бидејќи тие се моторот на економијата – потенцира Азески.
Првиот човек на најголемата бизнис-асоцијација во земјата порачува дека е потребна претпазливост во носењето мерки за излез од сегашната економска состојба, која е продолжение на финансиската криза од 2008 година.
– Неизвесноста од новите форми на криза нè тера да бидеме сериозно претпазливи. Здравствената криза се претвори во финансиска, па во ликвидносна. Во 2021 година следуваше енергетската криза, во која проблем не беше недостигот од енергија, туку цената по која таа треба да се плати. Неминовно, тоа водеше кон нова криза, која сега во оваа 2022 година се отсликува како состојба во која царува инфлацијата, цените во малопродажбата растат, а компаниите се борат со конкурентноста и за опстојување на пазарот, што на крајот се одразува преку намалување на бројот на вработени и преку пад на обемот на продажба. Бизнисот ги знае информациите неколку месеци пред статистиката, директно од терен и од дневните деловни релации и бизнис-зделки што ги реализира. Но таа предност и тоа знаење на бизнисот некако не се користат многу – посочува Азески.

Македонија во регионот на Западен Балкан се наоѓа во нерамноправна положба, па конкурентноста на македонските компании е значително влошена, појаснува Азески. На пример, Србија, поради снабденост со соодветни количества енергенти, и Босна и Херцеговина, како извозник на струја, се во сериозна предност пред другите земји од Западен Балкан. Србија, бидејќи не е членка на Светската трговска организација, има политика на субвенционирање на домашните стратегиски производи, а ние како членка на СТО немаме можност за такви форми на поддршка. Тоа е вториот проблем поради кој македонската преработувачка индустрија е во подредена положба. Сепак, она што е исклучително важно е сериозно реализирање на активностите дефинирани во рамките на Отворен Балкан за регионална економска интеграција, за побрз проток на стоки, услуги, капитал и на луѓе и за воспоставување поголем регионален пазар, кој ќе стане атрактивен и за нови странски инвестиции и за мобилизирање работна сила, како и за поттикнување поголема меѓусебна деловна соработка меѓу компаниите во рамките на регионот.
Тоа што е клучно за деловниот амбиент е потребата од постоење одредени предуслови за да може да функционира на реални основи, борејќи се со квалитетот, стандардот и со конкурентната цена. За тоа е потребно да се следи моделот за економски развој предложен од комората, кој предвидува: домашните и странските инвестиции да бидат двигател на растот; да се зголеми извозот на конкурентни производи за одржлив развој; приватниот сектор да стане стожер на економскиот раст и на апсорбирањето на високата невработеност; а динамичниот економски раст да резултира со функционално интегрирање на земјата во ЕУ и со зголемен животен стандард; како и да се модернизира инфраструктурата и да се намали енергетската зависност на земјата.
Бранко Азески нагласува дека апаратот на комората целосно се реконструира за да може да ја остварува својата основна функција.

– Пандемијата, енергетската криза, а сега и инфлацијата, ја завршија и ја расчистија и последната дилема за тоа кои се методите и алатките за функционирање на една современа и модерна бизнис-заедница. Ако пред овие кризи се „занесувавме“ дека е доволно да бидеме трансмисија помеѓу јавниот и приватниот сектор, сега е јасно дека на нашите компании, членки, треба да им помогнеме и со методи и алатки што не се стандардни, но се корисни, бидејќи јавниот сектор очигледно не може да си ги заврши своите обврски, како на пример набавка на вакцини, струја, суровини и репроматеријали. Никогаш повеќе нема да дозволиме да бидеме играчка во рацете на државата и да чекаме милост од нив затоа што тоа е големо понижување за нас, а ние имаме начин како да го решиме – изјави Азески.
Во наредниот период, како што нагласи тој, ќе се работи и на подобрување на кадровскиот капацитет на комората, која се покажа дека има определени слабости што ќе мора веднаш да се отстранат, иако довербата на членките не е изгубена. М.Ј.